Британецот се најде на чело на сесијата, во која никој не научи баш премногу за новиот асфалт и однесувањето на болидите. Карлос Саинц Јр. беше втор, пред Чарлс Леклер на третото место на табелата.
Небото се отвори еден час пред почетокот на сесијата, а енормното количество дожд и град, имаше влијание врз траењето на првата сесија.
Иако бројчаникот започна да одбројува во закажаното време за почеток, пит-линијата беше затворена и на возачите не им беше дозволено да излезат надвор од своите гаражи.
Тоа не беше добра вест за возачите, а уште помалку за оние кои имаа само една сесија на располагање. Тоа беше случајот со Џек Дуан, кој требаше да го вози А524 на Естебан Окон на патека на која никогаш претходно не возел.
Австралиецот е еден од фаворитите да биде прв возач на Алпин во следната 2025 сезона и секоја минута му беше од суштинско значење да ги покаже своите квалитети.
По интензивната работа за сушење на патеката, со автомобили, камиони и останата опрема, ФИА даде зелено светло болидите да ги напуштат своите гаражи 21 минута по почетокот на сесијата.
Остана нешто повеќе од половина час за возење во услови кои може да се повторат подоцна во текот на викендот.
Луис Хамилтон беше првиот возач кој излезе на патеката на зелените интермедиа гуми и тоа беше прв избор на мнозинството, а само неколку возачи излегоа да ги проверат условите на сините гуми на Пирели за екстремен дожд.
Патеката беше многу комплицирана, грипот од новиот и влажен асфалт беше многу мал. Џоу Гуанју беше првиот што удри во заштитните бариери поради аквапланинг во 5-от свиок.
Кинезот ја оштети неговата задна лева амортизација и мораше да го остави својот болид паркиран на патеката, предизвикувајќи развејување на црвените знамиња.
Откако неговиот болид беше отстранет, патеката забрзано се сушеше и времињата започнаа значително да опаѓаат, а првично најбрз беше Карлос Саинц Јр. со 1:27.485, половина десетинка пред Леклер.
Двaта возачи на Ферари се менуваа на врвот со помош на зелените гуми, а нешто подоцна и вториот болид на Заубер, зад чиј волан беше Валтери Ботас предизвика краток прекин на сезијата.
На пет минути до крај на сесијата, некои возачи, меѓу кои беа тие на Ферари, Норис и Макс Ферстапен, се осмелија да ги монтираат црвените гуми, но патеката не беше премногу добра за нив, бидејќи се уште имаше доста влажни места.
Конечно, во последните секунди, условите значително се подобрија и Норис го забележа најбрзото време на најмеката смеша.
Оваа сесија не овозможи да видиме како ќе е распоредот на силите со поголема сигурност, но се чини дека се останува исто како и за минатата трка во Монако. Првите места ќе ги бркаат Ферари, Мекларен, Ред Бул и донекаде Мерцедес АМГ.
Очекуваме порелеванти времиња за време на вториот тренинг кој е закажан за 23:00 часот по македонско време и кој се надеваме дека ќе се одвива на сув асфалт.
ПРИЈАВЕНИ НОВИТЕТИ ЗА КАНАДСКОТО ГРАН ПРИ