Големата Награда на Шпанија ја отвора серијата од седум европски трки. Првите три ќе се одржат една по друга и тоа Барселона, Шпилберг (со саботен спринт) и Силверстоун.
Потоа следува двонеделна пауза пред две последователни трки во Унгарија и Белгија, а по традиционалната летна пауза, уште две трки по ред, во Зандворт и Монца.
Долги години Шпанското ГП скоро секогаш беше петта трка во календарот. Тимовите секогаш ги планираа новите делови за оваа патека, идеална за проценка на нивната ефикасност.
Но, во календарот на тековната сезона, трката во Барселона е на десеттото место, па веќе го имаме вториот или третиот бран на надградби на болидите.
За гледачите пред ТВ екраните, трката често испаѓа досадна, но не и за навивачите на трибините, бидејќи организаторите прават се за да ги забавуваат од утро до вечер.
Дополнително, овој викенд имаме трки во уште три шампионати, Ф1 Академија, Формула 3 и Формула 2.
Каталуња се смета за референца за проценка на ефикасноста на болидите, вклучува различни типови на свиоци, од бавни, каде е важен механичкиот грип, до оние кои се поминуваат со голема брзина. Ако болидот е брз во Барселона, тој обично е конкурентен и на повеќето други патеки.
Повеќето бавни свиоци во Барселона се леви, повеќето брзи свиоци се десни. Оваа карактеристика на патеката води до фактот дека гумите на левата страна се трошат побрзо, а на десната страдаат од недоволно загревање.
Од минатата година, конфигурацијата се промени, беше одлучено да се напушти шиканата додадена во 2007 година пред последниот свиок. За да се обезбеди безбедно поминување на последниот сектор без шиканата, неопходно беше да се зголемат безбедносните зони покрај свиоците 13 и 16.
Успехот на трката зависи од вештините на возачот за сплотување со неговата "машина" и наоѓање на оптималните поставки, секако со помош на своите инженери, за што поефикасен болид. Колку поголема потисна сила, толку е подобар резултатот.
Годинава разликата меѓу возачите на еден тим е особено голема, за некого болидот е погоден, а за други не. Макс Ферстапен победи на шест од последните девет трки, но Ред Бул не доминира како пред една година. Битката за Пол позиција и Победа на трките е блиска и интересна за следење.
На позадината на неговите успеси, забележливи се неуспесите на неговиот тимски колега Серџо Перез, кој неодамна го продолжи договорот и возачот на РБ Даниел Рикиардо, кој не е побрз од Јуки Цунода.
За време на трката, 15:00 часот, воздухот на Каталуња ќе се загрее до 22 степени целзиусови со променливо облачно време и засилен југоисточен ветер и 12% можност за врнежи за време на трката.
Пирели за Големата Награда на Шпанија која се состои од 66 круга како најбрза ја прогнозира стратегијата со два пит-стопа, но во игра може да биде и трето застанување за промена на гумите.
Ова се должи на високото ниво на абење и деградација, поради абразивниот асфалт и високоенергетските свиоци. Друга причина е фактот што не се губи толку многу време низ боксевите.
Црвените гуми имаат забележлива предност во брзината во однос на жолтите пневматици, но брзо се трошат. Белите гуми може да играат значителна улога.
Теоретски, најбрзиот начин да се комплетира трката е користење на комбинацијата од црвени-жолти-црвени гуми, опција која би работела најдобро и за тие што стартуваат поназад на гридот. Временскиот прозорец за промена на првите гуми е од 15-21 круг, додека втората замена помеѓу 41-от и 47-от круг.
Втората најбрза опција е црвени-бели-црвени, со прв пит-стоп помеѓу 13-19 круг и вториот од 42-48 круг. Друга варијанта е црвени-бели-жолти за тимовите кои имаат зголемена деградација
Опцијата со три застанувања во бокс е малку побавна но реално изводлива и може да се одвива по следниот редослед црвени-жолти-црвени-црвени. Возачите кои имаат зачувано нов сет на најмеките гуми може да се одлучат за оваа стратегија. Првото застанување во бокс ќе биде меѓу 12-18 круг.
Марио Изола, Пирели: "Следевме уште едни исклучително блиски квалификации, со многу мали ралики и неколку тимови и возачи кои изгледаа способни во одреден момент да бидат најбрзи."
"Со Пол позицијата за Норис, веќе имаме четири тима, Ред Бул, Ферари, Мерцедес АМГ и сега Мекларен, кои успеаја да се изборат за да стартуваат од првата позиција на гридот."
"На патека која е многу предизвикувачка за целиот пакет болид-мотор-гуми, денес видовме дека зголемувањето на перформансите од една во друга година е навистина значајно."
"Времето на Норис за Пол е скоро за секунда побрзо од минатогодишното и над половина секунда подобро од просекот на симулациите што ги добивме од тимовите."
"Што се однесува до употребата на пневматиците на трката, треба да се има предвид значителниот пад на температурите што го имавме во сабота, особено таа на асфалтот, која беше околу десет степени пониска од петочните сесии."
"На сува патека, жолтите и црвените гуми нудат најдобри перформанси. На хартија, најбрзата стратегија вклучува употреба на два комплети црвени и еден сет на жолти гуми."
"Можеме да ја отфрлиме стратегијата со едно застанување во бокс, бидејќи е премногу бавна, но идејата за трка со четири стинта и три застанувања за промена на гуми е само неколку секунди побавна од таа со два пит-стопа."
"Како возачите ќе управуваат со перформансите на пневматиците во текот на секој стинт, исто така, ќе биде многу важно, нешто на што тимовите работеа многу внимателно на тренинг сесиите."
Стјуардите на Канадското ГП ги казнија Серџо Перез со три стартни позиции за денешната трка во Барселона, а тимот на Ред Бул парично, поради фактот што мексиканскиот возач, по неговото излетување за време на трката, продолжи да вози по патеката со оштетен болид.
Логан Сарџент го попречи Ленс Строл во првиот дел од квалификациите, па стјуардите на Шпанското ГП го казнија Американецот со губење на три места на стартот.
Инженерите на Вилијамс се решија да ги променат Контролната Електроника и Акумулаторите во болидот на Алекс Албон. Двете компоненти се трети од две дозволени, па така Тајланѓанецот ќе мора да ја стартува трката од пит-линијата
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА ШПАНСКОТО ГРАН ПРИ
6/23/2024 11:01:00 AM
0
Share to other apps