Макс Ферстапен ја предводеше првата и единствена тренинг сесија за Големата Награда на Австрија, и покрај тоа што имаше мал пех со откажување на сензор во погонската единица на Хонда. Втор најбрз беше Оскар Пјастри со болидот на Мекларен.
Актуелниот шампион беше најбрз во сесија во која Луис Хамилтон не ги користеше црвените гуми, а неговото петто најбрзо време е забележано на белите гуми. Чарлс Леклер беше трет, Карлос Саинц Јр. четврти најбрз возач на Ред Бул Ринг.
Австрија трета година по ред е домаќин на тркачки викенд во Спринт формат, што значи дека возачите имаа само еден час за сетирање на болидите пред вистинската борба.
Поради минатогодишното фијаско со границите на патеката, за оваа година организаторите ставија по еден метар чакал во свиоците 9 и 10 за да се избегне бришење на многу кругови.
Како и обично, црвените гуми беа зачувани за симулација на еден брз круг кон крајот од сесијата, но имаше и возачи кои не ги употребија.
Првиот контакт со нив ќе го имаат на Спринт Квалификациите, кои на програмата се закажани денес во 16:30 часот по македонско време.
На почетокот од тренинг сесијата повеќето возачи ги избраа белите гуми, вклучувајќи ги тие на Мерцедес АМГ, Мекларен, Ферари и Астон Мартин, додека Ред Бул, РБ и Хас возеа со жолтите за почеток.
Иако Австрија не му донесе многу радост на Мерцедес АМГ во последниве години, тимот имаше добра сесија, а нивните возачи беа постојано на врвот од табелата. Добри првични сензации за тимот од Бракли, додека Мекларен, а особено Ферари не можеа да го следат нивното темпо.
На половина пат од сесијата, на изненадување на сите болидот на Макс Ферстапен ја изгуби моќноста на стартниот правец, по што следуваше развејување на црвените знамиња. Неговиот болид брзо беше отстранет и истуркан до гаражата на Ред Бул.
Проблем со доверливоста доаѓа во незгоден момент, бидејќи покрај тоа што можеше да ја пропушти половината од сесијата, тоа доаѓа во момент кога новата Хонда ПЕ од Канада е прогласена за уништена, што може да доведе до казна од десет позиции во понатамошниот дел од сезоната.
Сепак, проблемот беше многу поблаг од очекуваното, откажување на сензор, па Макс можеше да излезе на патеката неколку минути подоцна.
Десетина минути пред крајот на сесијата започна забавата со црвените. Речиси сите ги користеа, освен Луис Хамитон, кој се реши да ги крие своите адути.
Двајцата возачи на Ферари беа меѓу првите кои излегоа на патеката со најмекиот комплет на пневматици и го подобрија времето на Хамилтон забележано на белите гуми, за една и две десетинки.
Следуваше Макс Ферстапен кој го забележа најбрзото време на денот, три и пол десетинки побрзо од возачите на Ферари. Помеѓу Макс и двата црвени болида се провлече Оскар Пјастри , кој се чувствуваше навистина удобно во вториот сектор, но не така во првиот.
Иако Расел и Ландо Норис започнаа брзи круга на црвените гуми, нивните времиња не се репрезентативни. Возачот на Мерцедес АМГ мораше да го прекине кругот поради гужва на патеката, додека возачот на Мекларен ги блокира тркалата при сопирање за влез во 4-от свиок и излета од патеката.
Ова ги остави двете Ферари трети и четврти, со Чарлс Леклер пред Саинц Јр., разделени во само 70 илјадитинки. На Ферари повторно им недостига темпо, бидејќи Луис Хамилтон на петтата и Џорџ Расел на осмата позиција се со времиња на бели гуми.
Меѓу нив, Естебан Окон повторно со Топ 10 пласман за Алпин, пред Ленс Строл кој беше седми. Јуки Цунода пред Фернандо Алонсо кој беше десетти.
МАКС НА ВРВОТ НА ТАБЕЛАТА, НО РЕЗУЛТАТИТЕ СЕ РЕЛАТИВНИ
6/28/2024 11:44:00 AM
0
Share to other apps