Макс Ферстапен убедлив пред портокаловата армија, која е во голем број присутна во Шпилберг, домашната патека за Ред Бул.
Холанѓанецот ги победи Ландо Норис за 93 илјадитинки и Оскар Пјастри за три десетинки. Битката на крај се сведе на Макс и Мекларен, бидејќи овој пат Мерцедес АМГ и Ферари не беа во можност да се борат за првата позиција.
Трикратниот шампион додаде нешто "плус" во овој случај, во домот на Ред Бул, и успеа да ги победи и Британецот и неговиот тимски колега Оскар Пјастри.
За пласман на вториот ред се водеше убава борба меѓу Мерцедес АМГ и Ферари, Џорџ Расел беше четврти, а Карлос Саинц Јр., петти.
Луис Хамилтон мораше да се задоволи со шестата позиција, пред Серџо Перез во вториот болид на Ред Бул. Следуваа возачите на Алпин, кои стануваат редовни членови на Топ 10 друштвото, и тоа на сметка на Астон Мартин.
Лоша среќа или нешто друго беше во прашање со Чарлс Леклер, кој не успеа да комплетира брз круг во SQ3.
По една тренинг сесија во која најбрз беше Макс Ферстапен, на ред беа спринт квалификациите, кои се одржаа на сув асфалт и негова температура од 43 степени.
На почетокот на SQ1 немаше големо брзање да се излезе на патеката. Моравме да чекаме повеќе од три минути за да го видиме "стампедото" во Пит Линијата. Задолжително сите беа на нов сет на жолти пневматици.
Првото забележано време беше на Луис Хамилтон, но веќе се знаеше дека не е особено добро по неговите неколку грешки. Подоцна се покажа и дека ги напуштил границите на патеката, па времето беше избришано.
Макс Ферстапен беше сигурен уште од првото излегување и го забележа најбрзото време. Покрај Хамилтон и Фернандо Алонсо не беше целосно конкурентен во својот прв обид и забележа осум десетинки побавно време од Ленс Строл.
Сите кои се чувствуваа загрозени имаа време за уште еден брз круг. Напред немаше големи промени и Ферстапен заврши на врвот, додека Фернандо Алонсо и Луис Хамилтон, двајцата во опасност за испаѓање, направија пристојни кругови и покрај гужвата на патеката и продолжија во SQ2.
Даниел Рикиардо, Нико Хулкенберг, Валтери Ботас, Алекс Албон и Џоу Гуанју не беа во можност да ја продолжат борбата.
На почетокот од SQ2 сесијата имаше неколку возачи кои брзо излегоа на патеката. Тоа е само десетминутна сесија и, повторно, со задолжителни жолти гуми.
Макс Ферстапен беше сигурен на жолтите пневматици и го имаше најбрзото време од првиот обид, десетинка разлика во однос на Пјастри, две пред Саинц Јр. и три пред Леклер.
Набргу потоа, возачите на Мерцедес АМГ ги комплетираа своите први брзи кругови, при што Џорџ Расел го зазеде привременото второ место, но Луис Хамилтон беше само шести.
Освен Ред Бул, Мекларен, Ферари и Мерцедес АМГ, останатите чекаа да останат помалку од четири минути за да излезат на патеката. И, надвор од тие четири тима, болидите на Алпин уште еднаш се покажаа силни и се пласираа во финалниот сегмент.
Кевин Магнусен заврши единаесетти, и покрај виолетовиот прв сектор, пред Ленс Строл, Фернандо Алонсо, Јуки Цунода и Логан Сарџент.
По две сесии во кои пет тима покажаа дека се посилни од останатите, требаше да се најдат лимитите на болидите и да се остане во границите на патеката за да се дефинираа Топ 10 поредокот за утрешниот Спринт.
Возачите во SQ3 сесијата чекаа до последен, и тоа буквално, последен момент за да излезат на патеката. Овој пат да, задолжителна беше употребата на црвените гуми на Пирели.
Борбата беше на сè или ништо, сите мораа да покажат што знаат и умеат во само еден брз круг. Макс Ферстапен забележа импресивно време и го победи Ландо Норис за само 93 илјадитинки.
Оскар Пјастри заостана три десетинки, но тесно го победи Џорџ Расел и ja обезбеди третата позиција. Карлос Саинц Јр. беше нешто повеќе од една десетинка зад Пјастри, но пред Хамилтон, Перез и возачите на Алпин.
Чарлс Леклер беше најголемиот губитник, во редицата на излез од боксевите неговиот Ферари изгасна, Моначанецот успеа да го запали повторно, но немаше веќе време и не можеше да комплетира ниту еден круг.
МАКС И ЛАНДО НА ПРВИОТ СТАРТЕН РЕД ЗА СПРИНТОТ ВО ШПИЛБЕРГ
6/28/2024 04:16:00 PM
0
Share to other apps