Ред Бул Ринг трета година по ред е домаќин на тркачки викенд со спринт формат, кој ја има третата верзија од кога е воведен.
По единствениот петочен тренинг следуваат спринт квалификациите, во саботата имаме спринт и потоа вистинските квалификации за Пол позицијата, а во недела е трката.
Овие викенди носат повеќе пари за промоторите на настаните, па логично е што раководството на Формула 1 настојува да има се повеќе вакви викенди. Како ќе се одвиваат работите на овој план ќе покаже времето.
Патеката се наоѓа на Алпите на надморска височина од околу 660 метри. Таа има STOP/GO карактеристики, со висока просечна брзина, висока максимална брзина и средно побарување во однос на потисната сила.
Таа е спој на брзи правци со бавни и средно брзи свиоци, т.е. основата ја чинат 4-те правци кои завршуваат со остри свиоци, што значи дека добрата тракција и максималната брзина на правците се главните фактори за што побрз круг.
Има три места каде максимално се оптоваруваат сопирачките, но времето кое возачите остануваат со ногата на сопирачката е релативно ниско и се проценува на околу 9 секунди.
Сопирањето е во блиски интервали и тоа го отежнува ладењето на сопирачките, но и поради присуството на поредок воздух.
Патеката нуди повеќе можности за претекнување, не само поради присуството на три ДРС-зони, туку и нејзината широчина од 12 метри.
Сепак, главната можност за претекнување е третиот свиок (Ремус), каде што возачите по наглото сопирање се движат низ овој свиок во прва или втора брзина.
Како контраст на него е 9-от свиок (Ринт), кој возачите го поминуваат во шеста брзина и ги бараат лимитите на нивниот болид и нивната решителност. Овој викенд причина за многу избришани времиња на возачите кои не успеваа да останат во границите на патеката.
Големата Награда на Австрија се состои од 71 круга поради кратката должина на патеката. Пирели ги номинираше најмеките смеши од својот опсег.
На хартија, најбрзата стратегија се чини дека е со две застанувања во бокс, со почетен стинт на жолти, потоа префрлување на бели, за крај повторно назад на жолтите гуми. Или за оние кои имаат на располагање два комплети бели гуми, уште еден стинт на наjтврдата смеша за оваа трка, C3.
Стратегијата со едно застанување за промена на гуми не може да биде конкурентна, но ако има излегување на БВ, некои може да се обидат со три застанувања во бокс. Сепак овие опции не може да бидат главна стратегија за трката.
Марио Изола, Пирели: "Уште една Пол позиција за Ферстапен, кој навистина изгледа непобедлив овде, особено во еден брз круг, со оглед на тоа што ова е седми последователен пат како тој е најбрз во квалификациите на Ред Бул Ринг."
"Денешните високи температури, со температура на асфалтот од околу 50 °C, беше дополнителна тешкотија за справување, но барем им даде шанса на тимовите да ја пробаат жолтата гума во овие услови, обезбедувајќи важни информации за стратегијата."
"Според нашите пресметки, ќе бидат потребни два пит-стопа, со користење на C3 и C4 смешите. Едно застанување не е реален избор, не поради абење на гумите, туку во смисла на деградација и темпо."
"Три застанувања за промена на гуми може да работи ако има излегување на безбедносно возило во вториот дел од трката или ако деградацијата е поголема од очекуваното. Во овој случај, дури и C5 смешата би можела да влезе во игра, иако не на главна врата."
Патеката во Силверстоун, каде што следната недела ќе се одржи 12-тата трка од 2024 сезоната, многу тимови ја нарекуваат домашна. Но, само Ферари во Монца и Ред Бул во Шпилберг имаат навистина ексклузивни домашни трки.
Овие два тимови се две спотивности на Формула 1. Ферари заработи репутација со производство на одлични спортски автомобили достапни само за најбогатите луѓе, а Ред Бул првично беше третиран со потсмев, често наречени едноставно како "лименки", бидејќи го произведуваат најпознатиот енергетски пијалок.
Но, во спортот главен е резултатот, а со текот на годините и ставот се менува. Ред Бул дебитираше во 2005 година и досега има настапено на 379 трки, победувајќи на 120 од нив и 7 Шампионски титули. Во истиот период Ферари победи на 63 трки и има 2 титули.
Трибините се целосно исполнети и обоени во портокаловите бои на фановите на Макс Ферстапен. Во 2022 година Ред Бул победи на спринтот, но Леклер победи на трката. Минатата година Ферстапен беше прв на спринтот и победник на трката.
По квалификациите, тимот на Заубер ги промени поставките на болидот на Џоу Гуанју. За да го направат тоа, механичарите на тимот мораа да го прекршат режимот "затворен паркинг", па како казна Џоу ќе стартува од пит-линијата. Кинезот ја имаше последната стартна позиција, па казната практично нема да има голем ефект.
Големата Награда на Австрија е втора трка во серијата од три по ред. Немаше проблеми со логистиката, од Барселона до Шпилберг има 1.610 километри.
Во Шпанија остана само моторниот дом на Мекларен, каде по пожарот ќе биде реставриран во специјални работилници, а тимот веќе изнајми нов за Австрија и Британијиа.
На почетокот на сезоната се чинеше дека Макс Ферстапен нема да има ривали оваа година, но сега интригата расте со секоја трка. Минатата година Макс доминираше на сите тренинзи, победувајќи ги и квалификациските сесии, спринтот и неделната трка.
Домашната публика на Ред Бул и портокаловата армија се покажаа како дополнителен мотив, па Холанѓанецот е на пат да го повтори овој успех, останува уште денешната трка. Ајде да видиме дали Ландо Норис ќе го овозможи тоа или пак ќе пружи достојна битка.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА АВСТРИСКОТО ГРАН ПРИ
6/30/2024 10:55:00 AM
0
Share to other apps