Џорџ Расел забележа неочекувана Победа на Големата Награда на Австрија, искористувајќи го судирот меѓу Макс Ферстапен и Ландо Норис во последните моменти од трката. Тоа е само втора негова победа во Формула 1 шампионатот.
Оскар Пјастри беше втор а Карлос Саинц Јр. го обели образот на Ферари со пласман на последното скалило од победничкиот подиум.
На самиот почеток, се навестуваше дека ќе гледаме типична трка во која Макс Ферстапен добро стартува, го поставува своето темпо и ја контролира трката.
Сепак, лошиот пит-стоп на Ред Бул и неговата грешка на незагреаните гуми, му дадоа крилја на Ландо Норис кој уште еднаш, покажа дека Мекларенот има "убиствено" темпо кога е со празен резервоар.
Но, во овој случај, ја немаше меѓусебната почит на патеката. Холанѓанецот се движеше неколку пати под сопирање и на крајот се судри со Британецот во 64-от круг, оставајќи ги двата болида значително оштетени.
Ова го остави Расел во водство, а Саинц Јр. во борбата за подиумот. Во оваа ситуација, другиот Мекларен, оној на Оскар Пјастри, исто така имаше одлично темпо на крајот од трката, го престигна Ферарито, но немаше доволно кругови за да се стигне Џорџ Расел.
Карлос Саинц Јр. успеа да се одбрани од вториот Мерцедес АМГ, тој на Луис Хамилтон, кој финишираше на четвртото место.
Ферстапен, со вклучена казна од десет секунди за инцидентот, конечно беше петти, пред Нико Хулкенберг, Серџо Перез, Кевин Магнусен, Даниел Рикиардо и Пјер Гасли. Ландо Норис мораше да се откаже од трката.
Единаесетата трка од 2024 сеоната се возеше на домашен терен за Ред Бул, а на претходните Мекларен се дефинираше како сериозна закана, но Макс Ферстапен успеа да биде најбрз на сите сесии пред трката.
Од Пирели најавија дека стратегијата со две застанувања во бокс е најидеалната во оваа прилика.
Стартот беше чист, без инциденти. Макс Ферстапен тргна добро, а Ландо Норис знаеше како да се одбрани од нападите на Џорџ Расел. Карлос Саинц Јр. ја загуби четвртата позиција од Луис Хамилтон, а Серџо Перез ги претекна Оскар Пјастри и Чарлс Леклер за шестото место.
Моначанецот, всушност, имаше контакт во првиот круг, се најде во сендвич помеѓу Пјастри и Перез, па мораше во бокс за да го смени оштетеното предно крило.
За само еден и пол круг, Макс Ферстапен можеше да создаде поголема разлика од една секунда пред Ландо Норис, па овој не беше во можност да користи ДРС.
Тој што можеше да го користи беше Луис Хамилтон, кој во третиот круг се нафрли на Џорџ Расел во третиот свиок. Но, Расел, го врати потегот во следниот четврти свиок, во стилот на Макс Ферстапен на вчерашниот Спринт, и се врати на третото место.
Во првите кругови, Макс Ферстапен добро напредуваше, и не му требаше многу време да ја зголеми предноста на повеќе од две секунди и почна да изгледа дека ќе гледаме досадна трка.
Луис Хамилтон, од своја страна, мораше да го пушти Карлос Саинц Јр. да го претекне, бидејќи беше под закана за казна, кога во првиот свиок го претекна Шпанецот надвор од патеката. Речиси во исто време, Оскар Пјастри го помина Серџо Перез за шестото место.
Деградацијата беше голема, и првите застанувања во бокс ги видовме веќе во 11-от круг.
Ландо Норис, падна на пет секунди зад Макс Ферстапен во 13-от круг. Карлос Саинц Јр. успеа малку да се дистанцира од Луис Хамилтон и почна да се насочува кон Џорџ Расел.
Од водечките првите влегувања во бокс ги видовме со 22-от круг, во кој Хамилтон и Перез заминаа по нови гуми, а веќе во следниот, Расел и Саинц Јр. го направија истото, па местата беа задржани.
Во 24-от круг, и Ферстапен и Норис се упатија по нови гуми. Сите возачи излегоа на бели пневматици.
Во меѓувреме, Алонсо доби казна од десет секунди за контакт со Џоу, а од друга страна, Хамилтон исто така беше казнет со пет секунди поради стапнувањето на белата линија на влезот во боксевите.
Со повторно стабилизирањe на трката, Макс Ферстапен ја водеше трката со речиси седум секунди разлика пред Ландо Норис. Расел не заостануваше премногу, две секунди зад својот сонародник, додека Саинц Јр. заостануваше три секунди зад Британецот.
Борбата за пласман во поени беше интересна, помеѓу возачите на Хас, Алпин и РБ-то на Даниел Рикиардо.
Стигнавме на половина од трката, а Макс Ферстапен ја одржуваше предноста кој во еден момент достигна и 8 секунди пред Ландо Норис, кој пак имаше шест секунди пред Џорџ Расел и десет пред Карлос Саинц Јр..
Во тие моменти Серџо Перез ја доби лошата вест дека доби казна од пет секунди за пречекорување на дозволената брзина во боксевите.
Трката започна да добива друг тек во 40-от круг, кога Макс Ферстапен влезе во сообраќај на патеката, по што почна да губи значајни десетинки од предноста што ја имаше во однос на Ландо Норис.
Белите гуми ја изгубија работната температура, а Холанѓанецот не беше во можност да им побегне на возачите на Хас, кои мораа да го пропуштат поради плави знамиња.
Ландо Норис ја намали разликата на седум секунди, а неколку круга подоцна, во 45-от круг, на шест секунди.
Тоа беше знак за втора сесија на влегувања во бокс и многу возачи силно притискаа. Џорџ Расел повторно беше првиот од водечките, кој се упати во бокс во 47-от круг. Карлос Саинц Јр. го направи тоа во 48-от круг, а во исто време, Оскар Пјастри го престигна Луис Хамилтон.
Макс Ферстапен и Ландо Норис повторно застанаа во истиот, 52-ри круг, но механичарите на Ред Бул имаа проблеми и нивниот пит-стоп траеше огромни 6.5 секунди.
Оскар Пјастри и Серџо Перез веќе следниот круг се упатија во бокс, Луис Хамилтон остана два круга повеќе на патеката.
Поради лошиот пит-стоп, Макс Ферстапен ја изгуби предноста и кога се вратија на патеката таа изнесубаше само 2.2 секунди во однос на Ландо Норис.
Во првиот круг на незагреани стари жолти гуми направи грешка, ги блокираше предните тркала во четвртиот свиок, што му овозможи на Британецот да се доближи во ДРС опсег.
Трката доби сосема подруг интензитет во битката за првото место. Кошкањата започнаа во 55-от круг, кога Ландо Норис се обиде со задоцнето сопирање во внатрешноста на третиот свиок, а Макс Ферстапен се одбрани со потег кој беше на граница на дозволеното.
Холанѓанецот се пожали дека нема грип на овој сет на пневматици, за разлика од Ландо, кој беше на нов сет на жолти пневматици и се жалеше на тимското радио дека Макс се движи под сопирање.
Во 59-от круг, Ландо повторно се обиде со доцно сопирање во внатрешноста на третиот свиок, но тој не можеше да го задржи болидот во границите на патеката и мораше да ја врати позицијата на Ферстапен на патот кон 4-от свиок.
Повторно во истиот свиок и со истиот маневар се обиде и во 63-от круг, но не успеа. Се некако беше на границата на инцидент и тој дојде во следниот круг!
Во 64-от круг, Ландо закочи од надворешната страна на третиот свиок и Макс повторно се движеше под сопирање, предизвикувајќи контакт кој имаше огромни последици.
Холанѓанецот и Британецот заработија дупнати гуми, Макс успеа да смени гуми, Ландо на пат до боксот сериозно го оштети неговиот Мекларен и на крајот мораше да се откаже.
Овој судир го донесе Џорџ Расел, ни крив, ни должен, во водство на трката. Британецот имаше закана од Оскар Пјастри кој брзо го престигна Карлос Саинц Јр. за второто место, но на Австралиецот му недостасуваа кругови за Победата.
На крајот разликата беше нешто под две секунди. Победа за Расел и подиуми за Пјастри и Саинц Јр., додека Луис Хамилтон мораше да се задоволи со четвртото место.
Ферстапен, вклучувајќи ја казната од десет секунди за контактот со Норис, беше петти, пред Нико Хулкенберг кој заедно со Кевин Магнусен му донесоа многу поени на Хас. Серџо Перез беше седми, а последните поени ги освоија Даниел Рикиардо и Пјер Гасли.
ПРВА СЕЗОНСКА ПОБЕДА ЗА МЕРЦЕДЕС АМГ, ПО КОНТАКТОТ НА НОРИС И ФЕРСТАПЕН
6/30/2024 02:40:00 PM
0
Share to other apps