Ред Бул вети дека премиерата на хиперавтомобилот RB17 ќе се случи на традиционалниот фестивал на брзината во Гудвуд, а денес тоа се одржа на овој настан.
Автомобилот, дизајниран од Адријан Њуи и изграден од Red Bull Advanced Technologies, е олицетворение на искуството стекнато преку 20 години од учеството на Ред Бул во Формула 1, за време на кое тимот шест пати го освои шампионатот за конструктори.
Хиперавтомобилот RB17 има монокок шасија од јаглеродни влакна со две седишта и атмосферски V10 мотор поставен на средина што може да се врти до 15.000 вртежи во минута.
Вртежниот момент се пренесува на задните тркала преку менувач, исто така направен од композитни материјали. Со тежина од 900 кг и моќност на моторот поголема од 1200 КС, RB17 може да помине низ патеките со резултати споредливи со оние на Формула 1 болид.
Неговите креатори уверуваат дека со такви импресивни карактеристики, тој е прилично лесен за ракување и одржување. RB17 е ексклузивен автомобил во секоја смисла и ќе се направат само 50 примероци од овој хиперавтомобил.
Секој кој ќе има среќа да стане сопственик на ова ремек дело на инженерската уметност, ќе може да учествува на трки на најдобрите патеки во светот, во организација на Ред Бул.
Адријан Њуи, шеф на техничкиот оддел во Ред Бул: "Се занимавам со идејата за развој на наш хиперавтомобил веќе многу години, размислувајќи за сè, од концепт до испорака на автомобилот до клиентот, и тоа беше неверојатно патување."
"Конечно дојде и тој ден кога го претставивме RB17. Нашиот хиперавтомобил стана олицетворение на сè кон што се стремиме: ненадмината моќ, брзина и убавина. Автомобилот е флексибилен и намерно го направивме двосед, така што возбудата од возење со брзина на Формула 1 болид може да се сподели со пријател или партнер."
Кристијан Хорнер, извршен директор на Ред Бул: "Среќни сме што го претставивме RB17 на Фестивалот на брзина во Гудвуд. Tоа е еден од највозбудливите проекти што ги презела нашата технолошка компанија Red Bull Advanced Technologies."
"Ние сме организација водена од перформансите и имаме 20 години искуство во Формула 1, па се имаше смисла кога решивме да го развиеме нашиот прв хиперавтомобил од нула."
"RB17 е автомобил кој ги отелотворува техничките иновации и нашите достигнувања, а неговиот изглед е дизајниран да предизвикува силни емоции. Многу сум горд на нашиот тим и задоволен сум што сум сведок на светската премиера на овој хиперавтомобил. Очекуваме RB17 да стане класика во иднина!"
* Сите коментари се прегледуваат пред да се објават.