Ландо Норис го забележа најбрзото време на вториот тренинг за Големата Награда на Унгарија, сесија во која Чарлс Леклер имаше незгодно излетување и не беше во можност да комплетира доволно кругови. Макс Ферстапен беше втор, а Карлос Саинц Јр. трет.
До почетокот на вториот тренинг, горештините малку се намалија, температурата на асфалтот падна за десет степени. Во недела трката стартува два часа порано.
Возачите ја започнаа сесијата со долга серија на кругови на жолтите гуми, само Мекларен ги избра белите, но по седум минути сите мораа да се вратат во своите гаражи.
Чарлс Леклер помина над рабниците покрај четвртиот свиок, по што изгуби контрола на своето Ферари при брзина од 225 км/ч, по што удри во заштитните бариери од спротивната страна, оштетувајќи го болидот.
По подолга пауза, акцијата продолжи со преостанати 28 минути до крајот и многу возачи брзо излегоа на патеката со црвените гуми.
Возачите на Мерцедес АМГ беа првите кои ги комплетираа своите брзи кругови, но набрзо Ландо Норис го победи нивното време, доволно за првото место на табелата.
Следуваше Карлос Саинц Јр. со време за второ место, но тоа беше победено од страна на Макс Ферстапен, по што Шпанецот падна на третото место.
Веднаш потоа се појавија развеани жолти знамиња, кога Џоу Гуанју го копираше инцидентот на Леклер, но за негова среќа Зауберот само се изврте на патеката, при тоа за малку што не го собра Ред Булот на Серџо Перез.
Неколку брзи круга беа уништени, особено тој на Фернандо Алонсо со надградениот болид на Астон Мартин.
Откако завршија квалификациските симулации, Ландо Норис водеше на табелата со две десетинки разлика пред Макс Ферстапен, три пред Карлос Саинц Јр. и четири пред Серџо Перез. Добри времиња за Мексиканецот во тимот на Ред Бул и половина надградениот РБ20.
Џорџ Расел, Кевин Магнусен и Луис Хамилтон заостанаа повеќе од половина секунда, додека Фернандо Алонсо заостана седум десетинки на десеттото место на табелата.
Оттаму, тимовите ја насочија својата работа на долги патеки, така што редоследот на табелата остана непроменет до крајот на сесијата.
МЕКЛАРЕН СЕ ВРАТИ НА ВРВОТ
7/19/2024 04:44:00 PM
0
Share to other apps