Џорџ Расел блесна пред домашната публика и ја забележа третата Пол позиција во Формула 1 на патеката Силверстоун за Големата Награда на Велика Британија.
Тој беше една десетинка побрз од својот тимски колега, Луис Хамилтон и две десетинки пред Ландо Норис, така што ова беше обезбедување на првиот стартен ред Мерцедес АМГ и целосно британски подиум.
Макс Ферстапен ќе стартува веднаш до Ландо Норис на вториот ред, а Хас беше побрз од Ферари на денешните квалификации!
Променливите временски услови не одговараа на Ферари, но и Ред Бул. Се започна на зелените интермедиа гуми, за набрзо возачите да се префрлат на црвените, и оттаму, патеката постојано се подобруваше.
Но, во какви било услови, тројцата британци беа многу брзи. Макс Ферстапен во тешки квалификации за него со оштетениот РБ20 можеше само до четвртото место, пред Оскар Пјастри.
Нико Хулкенберг повторно блескаше и беше шести, а Карлос Саинц Јр. во деликатна завршница, и тој и Фернандо Алонсо беа блиску да немаат време за последниот круг, беше седми.
Ленс Строл се најде пред Фернандо Алонсо со осмата стартна позиција, а меѓу нив се протна Алекс Албон на деветтата.
Две непријатни изненадувања, од кои Чарлс Леклер отпадна во Q2 и Серџо Перез кој остана заглавен во чакалот и отпадна уште во Q1 сесијата.
Во Q1 сесијата, првично, сите возачи излегоа на зелените интермедија гуми на Пирели. Сонцето излезе на едната страна од патеката, а црни облаци висеа над другата.
Возачите работеа во низа кругови. Најбрзото време на зелените пневматици го имаше Луис Хамилтон, комплетирајќи круг за 1:37.134.
Чарлс Леклер беше првиот што се реши да излезе на патеката со гуми за суво време, потег кој го следеа и други возачи. Една минута подоцна, се појавија црвени знамиња.
Откако се префрли на црвени гуми, Серџо Перез изгуби контрола врз својот РБ20, излета во деветтиот свиок и се заглави во чакал покрај патеката.
Маршалите се приближија, Серџо побара да го турнат на патеката, но тоа со новите правила е забрането и тој мораше да излезе од болидот. Квалификациите за него беа завршени.
Како подоцна се покажа на повторените снимки, Ленс Строл во тие моменти излегуваше од својата гаража, и на излезот од пит-линијата семафорот светна црвено, во моментите кога Канаѓанецот замина кон патеката. Стјуардите ќе го разгледаат инцидентот по квалификациите.
Кога беше отстранет болидот на Ред Бул и беше дозволено акцијата да продолжи, повторно почна да врне, но речиси веднаш стивна, а состојбата на патеката им овозможи на возачите со црвените гуми да возат четири секунди побрзи кругови, отколку со зелените пневматици.
Макс Ферстапен излета низ чакалот во свиокот Копс, но продолжи да вози, но не без последици по неговиот болид.
На крајот Хамилтон го имаше најбрзото време, а од понатамошната битка отпаднаа Валтери Ботас, Кевин Магнусен, Естебан Окон, Серџо Перез и Пјер Гасли.
Последниот и така мора да стартува од пит-линијата заради недозволена промена на речиси сите елементи од Рено ПЕ во неговиот болид.
На стартот на Q2 сесијата, асфалтот беше доволно сув за црвените гуми и температура од 18 степени. Се формираше колона на излезот од пит-линијата во обид да се излезе што е можно поскоро на патеката.
Алекс Албон го забележа првото време, а Фернандо Алонсо, набргу потоа, го подобри за половина секунда. Почетното време на Алонсо беше многу добро, а Оскар Пјастри успеа да го подобри само за 21 илјадитинки, Карлос Саинц Јр. за една, Норис, за две десетинки.
Во последниот дел од сесијата двајца Шпанци водеа на табелата, Фернандо Алонсо пред Карлос Саинц Јр.. Но, патеката многу се подобруваше како одминуваше времето, за на крај да биде секунда побрза.
Тоа му овозможи на Ландо Норис и Мекларен да ја завршат сесијата на првото место, пред Расел и изненадувачки Фернандо Алонсо.
Добар последен брз круг за Ленс Строл, со што го исфрли од игра Чарлс Леклер на П11, пред Логан Сарџент, Јуки Цунода, Џоу Гуању и Даниел Рикиардо.
Темпаратурата на асфалтот растеше и за последната Q3 сесија беше 22 степени. Во овој случај немаше толкаво брзање да се излезе на патеката.
По една минута без активност, речиси истовремено сите решија да излезат во акција. Алонсо, Албон и Строл, со користени црвени гуми, останатите со нов сет.
Во првиот обид Џорџ Расел го приреди изненадувањето победувајќи го Ландо Норис за шест илјадитинки! Луис Хамилтон беше трет, пред Оскар Пјастри и Макс Ферстапен.
Нико Хулкенберг беше 51 илјадитинки зад Ферстапен, но пред Саинц Јр. и возачите со користени гуми.
Остана уште финалната пресметка, последните брзи круга на Топ 10 возачите. Џорџ Расел уште еднаш го покажа сиот свој талент и ги победи Хамилтон за една и Норис за две десетинки. Макс Ферстапен беше четврти, а Пјастри петти.
Нико Хулкенберг беше најдобриот од останатите, шести, дури и пред Ферарито на Карлос Саинц Јр., кој мораше да се задоволи со седмата стартна позиција. Следуваа Ленс Строл, одличниот Алекс Албон и Фернандо Алонсо на П10.
МЕРЦЕДЕС АМГ ГО ОБЕЗБЕДИ ПРВИОТ СТАРТЕН РЕД
7/06/2024 03:34:00 PM
0
Share to other apps