Само неколку места во календарот го отелотворуваат духот на Формула 1, а едно од нив секако е патеката Силверстоун. Британската патека е местото каде што се започна во 1950-тата година со одржување на првата трка во историјата на модерната ера на Формула 1 Шампионатите.
Патеката сега со главното обележје во форма на авионско крило на стартно-целниот правец, не е ни малку слична на трускавиот аеродром на кој се одвиваше инаугуративната трка, но сепак останува чувството дека сте на посебно место.
Таа останува домаќин на Големата Награда на Британија до 1954 година, кога го дели настанот со Ајнтри од 1955-1962 година, а од 1963-1986 со Брендс Хеч. Од 1987 година па наваму Силверстоун е единственото место за одржување на овој настан.
Силверстоун е брзa, флуидна пaтека која e комбинација од брзи свиоци на почетокот и голем број на бавни свиоци кон крајот на кругот. Maggots, Becketts and Chapel се издвојуваат како едни од најсложените комбинациии на свиоци во шампионатот.
Силверстоун е широка патека со многу место за излетување околу повеќето свиоци, така што ризикот за излегување на безбедносното возило е минимален. Згора на тоа, маршалите покрај патеката се рангирани меѓу најдобрите во светот, па повеќето инциденти се расчистуваат брзо и ефикасно.
Постојат многу брзи свиоци кои овозможуваат одлични можности за претекнување. Возачите можат да пренесат многу брзина во нив, но, исто така, и да се движат по различни линии при нивното поминување и при излезот, што во суштина е она што доведува до претекнување.
Возачите за загревачкиот круг ќе тргнат во 15 часот по локално време, кога ќе имаме делумно облачно време, а воздухот ќе се загрее до 15 степени со слаб западен, југозападен ветер.
Веројатноста за дожд за време на стартот на трката е 41% и се зголемува како таа одминува, за да порасне на 80% по еден час од стартот.
Трката за Големата Награда на Британија, која се состои од 52 круга, од стратегиска гледна точка на Пирели, доколку имаме сува патека, ќе биде трка со едно застанување за промена на пневматиците, со неколку различни опции во игра.
Црвените гуми може да бидат преферирани за старт на трката, а теоретски, најбрзата стратегија ќе биде следен стинт на жолтите гуми по 18-24 изминати круга.
За оние кои ги преферираат белите гуми, стратегијата би можела да биде црвени-бели, што исто така е лесно остварливо. Првичниот стинт на црвените гуми ќе биде пократок и ќе може повеќе да се форсира болидот. Белите ќе се монтираат во период од 16-22 круг.
Како и секогаш, стратегијата зависи и од тоа кои гуми им се преостанати на возачите, и какви ќе бидат временските услови.
Колку се пониски температурите, толку повеќе се фаворизираат помеките смеши. Единстено добитна варијанта според Пирели е едно застанување во бокс, па така трката може да се стартува на жолтите гуми, па по 30-36 круга да се премине на црвените гуми.
Можна, но малку побавна од понудените опции е стратегијата жолти-бели, во која белите се монтираат од 24-30 круг
Марио Изола, Пирели: "Гледавме многу возбудливи квалификации кои обезбедија пријатен резултат за домашната публика со тројца британски возачи на првите три позиции."
"Во услови прилично слични на оние на минатогодишните квалификации овде, видовме дека времињата се намалија за околу една секунда, потврдувајќи колку е голем развојот на болидите од една година во друга, имајќи предвид дека гумите се целосно идентични со оние што се користеа во Силверстон во 2023 година."
"Потоа, кога ќе се земе предвид дека нивото на грип на асфалтот, дефинитивно не беше најдобро по толку многу дожд што падна во текот на денот, може да се претпостави дека болидите можеби ќе беа уште побрзи!"
"Голема непозната ќе биде времето. Ако, како што се прогнозира, треба да врне дожд и патеката е влажна во текот на целото време, како што беше случајот на саботниот тренинг, сите тимови имаат доволно комплети на зелени и сини гуми за да ја извозат трката со две застанувања во бокс."
"Меѓутоа, ако патеката е сува, тогаш стратегијата со едно застанување е најбрзо на хартија, при што сите три смеши се остварливи. Стратегијата C3/C2 е малку побрза отколку од C3 на C1, додека стратегијата без црвените гуми дава поголема флексибилност."
ФИА ја потврди замената на компонентите на ПЕ во 15 болиди. Станува збор за болидите на Перез, Расел, Пјастри, Норис, Строл, Алонсо, Гасли, Сарџент, Рикиардо, Цунода, Ботас, Џоу, Магнусен и Хулкенберг.
Болидот на Ферстапен беше 15-ти, тој доби нов издувен систем. Пјер Гасли ја надмина границата на дозволени замени и ќе стартува последен, сите други замени се планирани и нема да бидат казнети.
Очекувано, по дебаклот на Чеко на квалификациите, неговиот тим се реши да ги замени елементите на Хонда ПЕ во неговиот болид.
Мексиканецот доби нов мотор, единица за складирање енергија(акумулатор), контролна електроника и издувен систем.
За да го направат тоа, механичарите на тимот мораа да го прекршат правилата на затворениот паркинг, па Перез ќе стартува од пит-линијата како казна.
Во квалификациите Серџо ја имаше П19, па казната практично нема да има ефект.
Големата Награда на Британија ја заокружува напорната серија од три последователни трки и првата половина од 2024 сезоната, кој годинава се покажа како многу интригантна, од спортски, технички и политички причини.
Исто како и пред една година, лидерот е очигледен, но ако Ферстапен доминираше на првите трки, следуваше ескалирање на ситуацијата, се појави борба која стануваше се поинтересна со секоја измината трка.
Постои чувство дека доминацијата на Ред Бул згаснува, напредокот на нивните ривали е очигледен. Со стабилни регулативи, конкуренцијата секогаш станува поинтензивна со текот на годините.
Во четирите месеци од почетокот на сезоната, Мекларен направи значителни подобрувања, Мерцедес АМГ реши неколку клучни проблеми, но во Ферари се вратија на вертикалните осцилации кои го уништуваат нивното темпо.
Во Шпилберг, разликата помеѓу најбрзиот и последната позиција во Q1 сесијата од квалификациите беше само 0.798 секунди, никогаш досега во историјата на Формула 1 конкуренцијата не била толку густа.
Во тимот на Ред Бул, славата им удри во глава, па наместо спортскиот успех, главна им стана борбата за политичка моќ. Адријан Њуи и некои добро познати инженери си заминаа, а Хелмут Марко ја нема истата поддршка, па едноставно нема кој да го спречи Хорнер.
Некогаш, неограниченото финансирање му дозволуваше на богатите тимови да ги привлечат најдобрите инженери во неограничен број.
Сега со ограничените буџети инженерите на кои ќе им се довери развојот на болидите треба добро да се одберат. На кој да му дозволи да замине, кој не е толку потребен.
Сепак, на Формула 1 и треба Ред Бул, бидејќи тоа се два тима одеднаш, а едноставно нема кој да ги замени. На Ред Бул му е потребна Формула 1 поради маркетингот. Значи Хорнер не е во опасност, барем додека тимот настапува успешно.
Нортхемптоншир е долината на светскиот мотоспорт. Сите добавувачи и производители на Формула 1 се базирани овде, а тука работат најдобрите менаџери, инженери и механичари.
Седум од десетте Формула 1 тимови се сместени овде. Речиси е невозможно да се привлече персонал во Италија, Швајцарија или САД, дури и за многу пари.
Друга традиција е променливото време. Во 2000 година, трката беше преместена во април, а за време на викендот патеката беше толку поплавена што гостите на престижниот падок клуб беа буквално до колена во кал. Сообраќајниот метеж достигна дваесет километри.
Оваа приказна е далеку зад нас, донесени се потребните заклучоци, а новите сопственици на Формула 1 и челниците на BRDC најдоа заеднички јазик, така што трката ќе остане во календарот заклучно со 2034 година.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА БРИТАНСКОТО ГРАН ПРИ
7/07/2024 10:37:00 AM
0
Share to other apps