Ландо Норис беше на висината на својата задача и во добра битка со Оскар Пјастри и Макс Ферстапен ја освои Пол позицијата за утрешната трка за Големата Награда на Унгарија.
Најбрзиот круг на британецот беше за 22 илјадитинки подобар од тој на својот тимски колега и 46 од лидерот во шампионатот.
Квалификациите се одржаа во променливи временски услови, на Хунгароринг имаше слаб дожд, а со него доаѓаат и црвените знамиња.
Првиот прекин беше во Q1 сесијата кога Серџо Перез излета и заврши во бариерите, а Јуки Цунода во Q3. Ова ја одразува состојбата на асфалтот на Хунгароринг за време на квалификациите.
Но, денес ништо не можеше да ги попречи возачите на Мекларен. Веќе на денешниот тренинг покажаа дека се чекор понапред од останатите и тоа го потврдија со Пол позицијата на Ландо Норис и второто место на Оскар Пјастри.
Макс Ферстапен, иако заврши многу блиску, мораше да се задоволи со третото место.
Карлос Саинц Јр. се најде на четврта позиција, пред Луис Хамилтон и Чарлс Леклер.
Двајцата возачи на Астон Мартин и РБ со Топ 10 пласман. Фернандо Алонсо и Ленс Строл ќе стартуваат од 4-от, Даниел Рикиардо и Јуки Цунода од 5-от стартен ред.
По трите тренинг сесии на сув, квалификациите започнаа со малку влажен асфалт, по дождот што паѓаше во претходните минути, но не беше доволно да се монтираат интермедија гумите, па сите возачи на патеката излегоа на црвените гуми.
Почетните неколку минути нудеа многу мало ниво на грип, дождот не беше интензивен, но патеката не се подобруваше и намалувањето на времињата не беше лесно.
Луис Хамилтон со време од 1:17.087 беше прв, пред Саинц Јр., Ферстапен и Пјастри.
По половина од сесијата, дождот го зголеми својот интензитет и патеката беше многу деликатна.
Серџо Перез, кој беше на П9 и ги бараше лимитите на РБ20 во осмиот свиок, имаше незгоден инцидент од кој за среќа излезе неповреден, но неговиот болид имаше значителна штета. Мексиканецот го предизвика првото црвено знаме.
Сесијата продолжи во 16:22 часот со 6:45 останати на бројчаникот, повеќе не врнеше, па патеката се подобри за големи пресврти во последните минути, бидејќи многу возачи не ни стартуваа.
На крај, Даниел Рикиардо беше најбрзиот возач, а Серџо Перез, Џорџ Расел, Џоу Гуанју и возачите на Алпин беа елминирани од понатамошниот тек на квалификациите.
По интензивната Q1 сесија поради појавата на дожд, Q2 сегментот започна со посув асфалт.
Карлос Саинц Јр. беше првиот што излезе на патеката, со користен сет на црвени гуми и го забележа првото време од 1:17.028. Набргу потоа сите возачи веќе беа на патеката.
Луис Хамилтон, исто така на користени гуми, го подобри за половина секунда, но Макс Ферстапен се појави рано со нови црвени гуми и го забележа најбрзото време со 1:15.770.
Фернандо Алонсо се пласираше на провизорната трета позиција, само зад Ферстапен и Пјастри, па дури и пред Норис. Во првите обиди имаше микс меѓу нови и користени гуми, но во второто полувреме и последните брзи круга сите беа на нови сетови.
Ландо Норис забележа време од 1:15.540 за врвот на табелата, пред Ферстапен, Пјастри, Саинц Јр., Леклер и возачите на Астон Мартин.
Луис Хамилтон имаше тешко време и за 0.010 делови од секундата успеа да мине во финалниот сегмент, победувајќи го Нико Хулкенберг со Хас. Останатите елиминирани беа Валтери Ботас, Алекс Албон, Логан Сарџент и Кевин Магнусен.
По две сесии со неизвесност и изненадувања, остана уште Q3 сегментот и пресметката помеѓу најбрзите 10 возачи. Преку тимските радија се најавуваше евентуалното доаѓање на нов дожд.
Алонсо, Цунода и Рикиардо стартуваа први со користени црвени гуми, бидејќи немаа два нови сета, останатите со сјајни црвени гуми.
Ландо Норис веќе во првиот брз круг јасно стави до знаење дека оди на Пол позицијата. Британецот забележа импресивни 1:15.227 и го победи Ферстапен за три, а Пјастри и Леклер за шест десетинки.
Вторите обид беа прекинати по излетувањето на Јуки Цунода во петтиот свиок.
Ландо Норис не можеше да го заврши својот круг, но Оскар Пјастри и Макс Ферстапен се пласираа на 22 и 46 илјадитинки зад Британецот.
Останаа уште 2:13 на бројчаникот, но кога сесијата продолжи дождот повторно се појави и никој не можеше да се подобри, па првите 8 позиции останаа идентични, а само Даниел Рииардо успеа да извози побрз круг од првиот на Јуки Цунода за П9.
Карлос Саинц Јр. со добар круг пред црвеното знаме ја обезбеди четвртата позиција, пред Луис Хамилтон и Чарлс Леклер.
Фернандо Алонсо ја обезбеди седмата позиција, пред Ленс Строл и возачите на РБ.
НОРИС И ПЈАСТРИ НА ПРВИОТ СТАРТЕН РЕД
7/20/2024 03:27:00 PM
0
Share to other apps