Дождливото време во Зандворт паузираше само во петокот попладне. Денес, повторно почна да врне, а прогнозата најавува дождлив ден со кратки паузи.
Тоа не се одрази на активноста на публиката, но очигледно е дека на оваа холандска патека со билетот мора да даваат и портокалова кабаница.
На почетокот на сесијата, возачите излегоа на сините гуми за силен дожд. Патеката не собира "вирчиња" со вода, па Пјастри беше првиот што премина на зелените интермедија гуми на Пирели, но многумина останаа во боксот за да заштедат сет гуми за пооптимални услови.
Во 11-тата минута, Хулкенберг викендов по втор пат го оштети својот болид, излетувајќи од патеката откако ги блокираше тркалата при сопирање за влез во првиот свиок, а во својата гаража се врати со скршено предно крило.
Неколку минути подоцна и Алонсо влета во чакалот покрај првиот свиок, но без никакви последици по болидот.
По уште неколку се појавија црвени знамиња. Логан Сарџент имаше сериозно излетување и судир во заштитните бариери. Неговиот Вилијамс се запали и продолжи да гори. Американецот беше добар, самостојно излезе надвор, а маршалите успеаја да го изгаснат пламенот.
Механичарите на Вилијамс нема да имаат лесна задача да склопат болид за Сарџент до почетокот на квалификациите. Логан бил испратен во медицинскиот центар, но тој набрзо беше ослободен. Американецот самоуверено води оваа година во однос на трошоците за реставрација на болидите кои ги уништи.
Запалениот болид беше натоварен на камион и упатен кон гаражата на Вилијамс, маршалите ги чистеа остатоците по асфалтот и покрај патеката, истовремено обновувајќи ја заштитната бариера. Паузата траеше подолго време.
43 минути по инцидентот и две минути пред крајот на тренинг сесијата, тркачкиот директор се реши да даде зелено светло за продолжување на акцијата.
Која е логиката на ова, никој не знае?!?
На излезот од боксевите, Ферстапен претекна два болиди, возејќи со тркалата преку белата линија. Првото претекнување беше доволено, но второто газење на белата линија која е на тркачката патека не е правилно. За вакви прекршоци на тренинг сесија досега следувала парична казна.
Возачите, барем тие кои беа понапред наредени во пит-линијата успеаја да извозат еден круг, при што Пјер Гасли го забележа најбрзото ввреме.
ЛОГАН САРЏЕНТ ГО УНИШТИ БОЛИДОТ, НО И САБОТНИОТ ТРЕНИНГ
8/24/2024 11:14:00 AM
0
Share to other apps