Луис Хамилтон го победи Ландо Норис за само три илјадитинки и беше најбрз на петочните тренинг сесии за Големата Награда на Италија. Сесија во која Ферарите беа блиску до врвот, но возачите на Ред Булс беа поназад во квалификациско темпо.
По првата тренинг сесија предводена од Макс Ферстапен и обележана со излетувањето на Кими Антонели во Параболика, дојде време за втората тренинг сесија како подготовка за квалификациите и неделната трка.
Температурата на асфалтот во Монца беше околу 42 степени, неколку степени пониска од првата тренинг сесија.
Речиси сите возачи брзо излегоа на патеката и тоа на жолтите пневматици на Пирели. Ландо Норис веднаш во својот прв круг го забележа најбрзото време за првото место на табелата.
Во својот втор обид, Саинц Јр. забележа одличен круг и беше околу три десетинки побрз од Норис, Ферстапен и Хамилтон.
На задоволство на Ферари и тифозите, Леклер, исто така во вториот обид го победи Карлос за 145 илјадитинки. Привремен 1-2 пласман за тимот од Маранело.
По првата третина од сесијата во која доминираа возачите на Ферари, време беше квалификациска пресметка на црвените пневматици.
Ландо Норис привремено се врати на првото место откако го извозе првиот круг со време од 1:20.851, победувајќи го Оскар Пјастри за седум илјадитинки. Набргу потоа, Британецот го подобри своето време на 1:20.741.
Но, Луис Хамилтон забележа време од 1:20.738 во својот петти круг на црвените гуми и го победи Ландо за три илјадитинки. Речиси во исто време, Карлос Саинц Јр. забележа 1:20.841 и Чарлс Леклер, 1:20.892.
Макс Ферстапен мораше да го прекине својот прв круг со најмеката смеша по несигурноста и излетувањето во Параболика.
Серџо Перез и Џорџ Расел ја започнаа сесијата откако мораа да чекаат нивните механичари да ја направат потребната работа на нивните болиди, но Кевин Магнусен имаше несреќа во Лезмо 2 и предизвика рзваејување на црвените знамиња.
Сесијата продолжи со преостанати 18 минути и речиси сите возачи, освен Расел и Перез, веќе се фокусираа на тркачки симулации, така што редоследот на табела не се промени премногу.
Единствено Џорџ Расел, на само неколку минути до крајот излезе на црвените гуми и забележа време за шестата позиција. Серџо Перез не можеше погоре од 15-то место, веднаш зад Ферстапен.
Како заклучок од денешните тренинг сесии, може да кажеме дека водечките тимови се сите тука некаде во тркачко темпо, но во Ред Бул мораа да "жртвуваат" многу од квалификациското темпо. Прв фаворит останува Мекларен, нешто што не може да се анулира преку ноќ!
ЛУИС ХАМИЛТОН НАЈБРЗ НА ПЕТОЧНИТЕ ТРЕНИНГ СЕСИИ
8/30/2024 04:08:00 PM
0
Share to other apps