Макс Ферстапен ја лимитираше штетата, но Ред Бул, не. Холанѓанецот го задржа водството во шампионатот на возачи, додека Ландо Норис смета дека пропуштил златна можност да му се доближи.
Претекнувањето на врвот од табелата на конструктори дојде дури и со поголема разлика отколку што мислеа двете страни. Инцидентот на Серџо Перез со Карлос Саинц Јр., во претпоследниот круг, беше клучен за Мекларен да го надмине Ред Бул со голема разлика.
Очекуваните седум поени разлика, можеби девет, бидејќи не беше јасно дали Саинц Јр. ќе го претекне Перез, сега е 20 поени. Ништо недостижно, се разбира, но папаја болидите се далеку над биковите по перформанси.
Дали некој и можеше да помисли такво нешто по силниот почеток на оваа сезона. Мекларен беше на 93 поени заостанување по трката за Големата Награда на Шпанија. Дотогаш Ред Бул беше најдобриот болид, а Мекларен беше болид со потенцијал кој допрва треба да се искористи.
Клучот за сè и добрата работа кај Мекларен е што тие го разбраа однесувањето на својот миленик до најфините детали. Сите надградби функционираа според планот. Тоа се совпадна со губењето на вистинската насока на развој од страна на Ред Бул.
Супериорноста на Мекларен е очигледна. Доказ за тоа не беше само победата на Оскар Пјастри, туку и кам-бекот на Ландо Норис, од П15 на П4, вклучувајќи го и најбрзиот круг.
Британецот и покрај стартната позиција финишираше пред Макс и мислам дека никој не се надеваше на тоа, ни самиот Норис, нити некој друг во нивниот тим. Освен можеби ние.
Според постигнатите времиња во Монца, и најавите на Макс дека ги погрешиле поставките непосредно пред квалификациите и само П6 на најдобриот возач на денешницата, беше за очекување дека РБ20 во неговите раце ќе биде на уште еднаш на ниво на потпросечен Ф1 болид.
Инцидентот помеѓу Перез и Саинц Јр. му овозможи на Норис не само да освои две места, туку и да го задржи најбрзиот круг, кога Ферстапен беше во бокс по нови гуми за атак на најбрзиот круг на трката.
Во оваа борба секој поен е важен. Перез остана без бодови за Ред Бул. Прегоре во преголемата желба да се врати на победничкиот подиум. Неговото десно предно тркало го допре левото задно тркало на Саинц Јр. и двајцата завршија во бариерите.
Саинц Јр. е виновен? Перез е виновен? Стјуардите се решија за тркачки инцидент, што е можеби најреално во целата ситуација. Очигледно, никој не сакаше да попушти нити милиметар!
Нашиот впечаток е дека Саинц Јр. беше "лаком" сакајќи да го земе второто место на својот тимски колега. НЕПОТРЕБНО! Наместо два болиди на Ферари на подиумот, еден трката ја заврши во бариерите.
Тоа допринесе Перез да има шанси да го заглави Ферарито на десната страна по 4-от свиок. Можеби можеше да биде милиметарски попрецизен, но истото важи и за Шпанецот. Во секој случај, ова е тркање, а не балет.
Каква трка за Оскар Пјастри! Австралиецот знаеше да напаѓа, да се брани, да се снаоѓа, да остане смирен, сè направи како што требаше. По Големата Награда на Азербејџан, и тој е блиску до Ландо Норис, Чарлс Леклер и Макс Ферстапен во генералниот пласман.
Оскар Пјастри веќе заостанува 32 поени зад својот тимски колега и 91 поен зад Макс Ферстапен. Со преостанати седум трки, дали може да помисли дека има опции за освојување на титулата кај возачи?
Добрата вест е што следната недела имаме уште една трка за Големата Награда на Сингапур.
МЕКЛАРЕН ГО ПРЕЗЕДЕ ВОДСТВОТО, ПЈАСТРИ ВОЗАЧ НА ДЕНОТ
9/15/2024 08:36:00 PM
0
Share to other apps