Макс Ферстапен беше најбрзиот возач на квалификациите за Големата Награда на Катар и по пет месеци пауза ја забележа неговата 41-ва Пол позиција во Ф1 шампионатот.
Холанѓанецот го извади максимумот од РБ20 и го победи Џорџ Расел за 55 илјадитинки. Сигурно никој не очекуваше да го види на Пол позицијата на меѓународната патека Лусаил.
Неодамна прогласениот четирикратен шампион нема старт од оваа позиција од Австрија, на крајот на јуни, но денеска ги извлече последните илјадитинки од својот болид, по кој знае кој пат докажувајќи ја неговата екстра класа.
Мекларените беа непостојани, не можеа да влезат во ритам на вечерашните квалификации.
Ландо Норис мораше да го прекине својот прв брз круг во Q3 сесијата и не можеше повеќе од третата позиција, зад Расел, но пред Оскар Пјастри, Чарлс Леклер и Луис Хамилтон.
Карлос Саинц Јр. мораше да се задоволи со седмата позиција, веднаш пред Фернандо Алонсо, кој исто така имаше одличен настап. Шпанецот заврши пред Серџо Перез и Кевин Магнусен, кои го комплетираа Топ 10 поредокот.
Трката за Големата Награда на Катар е закажана за утре во 17:00 часот по македонско време.
НАЈНОВА ВЕСТ: Макс Ферстапен нема да стартува од Пол позицијата и покрај тоа што го имаше најбрзо време на квалификациите. Џорџ Расел ќе ја наследи првата позиција, откако Холанѓанецот беше казнет со одземање на една стартна позиција поради непотребно бавно возење во подготвителниот круг. (КОМЕДИЈА)
По спринтот во кој доминираа возачите на Мекларен и со неочекуваната победа на Оскар Пјастри, возачите немаа многу време за одмор, бидејќи на ред беше вистинската акција која започна со квалификациите за Големата Награда на Катар.
На почетокот од Q1 сесијата, многу возачи се наредија на излезот од Пит-линијата пред да светне зеленото светло на семафорот.
Иако Џорџ Расел беше првиот што излезе на патеката, првиот што постави време, 1:23.505, беше Кевин Магнусен со болидот на Хас. Се разбира, неговото време беше брзо подобрено.
Кога на патеката се појави Макс Ферстапен, бариерата од 1:22 беше помината, 1:21.713. Патеката значително се подобри во текот на сесијата.
Џорџ Расел, како што се приближувавме до последните минути од сесијата, го забележа најбрзото време со 1:21.519, а набргу потоа Фернандо Алонсо постави импресивни 1:21.608, што укажуваше на подобрување на патеката.
На крајот, Џорџ Расел се подобри за речиси три десетинки и заврши како најбрз возач на сесијата, пред Леклер, Саинц Јр., Норис, Ферстапен и изненадувачкиот Алонсо.
Во овој случај, Серџо Перез помина на пласман на осмото место, а елиминирани беа Алекс Албон, Лиам Лосон, Нико Хулкенберг, Франко Колапинто и Естебан Окон.
Изненадување на првиот сегмент беа возачите на Заубер, кои обезбедија пласман во Q2 сесијата.
Повторно, многу од возачите беа нестрпливи и сакаа брзо да излезат на патеката. Џорџ Расел прв го комплетираше својот брз круг, но на употребуван сет на црвени пневматици. Неговото време беше 1:21.161!
Набргу потоа, Макс Ферстапен, исто така на користени гуми, постави 1:21.085. Најбрзите девет возачи во тој момент беа во разлика од само половина секунда. Кевин Магнусен беше на П10 по првиот обид, додека Фернандо Алонсо го откажа брзиот круг.
Кога водечките тимови ги монтираа новите гуми, работите се сменија. Во последните секунди, Макс Ферстапен извозе одличен круг и не само што ја заврши сесијата на првото место, туку имаше прилична разлика со фаворитите, пред се Ландо Норис.
Фернандо Алонсо имаше одличен круг и се пресели на П8 и пласман во финалната пресметка, пред Магнусен и Перез.
Елиминирани беа Гасли, Гуанју, Ботас, Цунода и Строл.
Следуваше Q3 сесијата и финалната пресметка помеѓу најбрзите 10 возачи. Серџо Перез, Фернандо Алонсо и Кевин Магнусен започнаа со користени меки гуми, останатите со нови.
Во првиот обид, Џорџ Расел постави импресивно време од 1:20.575 и го победи Макс Ферстапен за 45 илјадитинки и Чарлс Леклер за три десетинки. Ландо Норис го прекина брзиот круг откако направи грешка.
Макс Ферстапен, во втората серија на брзи кругови, уште еднаш ја покажа својата класа, забележувајќи време од 1:20.520, доволно за неговата 71-ва Пол позиција во Формула 1.
Холанѓанецот го победи Расел за 55 илјадитинки и Норис за две десетинки. Пјастри заврши четврти, пред Леклер, Хамилтон и Саинц Јр..
Фернандо Алонсо со одличен круг успеа да ги победи Перез и Магнусен осмата стартна позиција.
ЛЕТЕЧКИОТ МАКС ГИ ПРЕЛЕТА СИТЕ ЗА ПОЛ ПОЗИЦИЈАТА ВО КАТАР
11/30/2024 06:49:00 PM
0
Share to other apps