Големата Награда на Лас Вегас ја отвора третата серија од три последователни трки во оваа година. Статијата ќе биде обновена ако има новости и кога Пирели ќе ги објави преостанатите сетови на пневматици.
Секоја од нив на свој начин влијаеше на текот на сезоната. По првата летна серија, Ред Бул неочекувано престана да победува, во втората Мекларен и Ферари поведоа во шампионатот на конструктори, а третата ќе ги одреди резултатите од шампионатот. Интересен е крајот на оваа сезона.
Шампионите сè уште не се потврдени, надградбите кај болидите се ретки, но тимовите активно тестираат решенија за следната сезона, кога правилата остануваат исти, но ќе треба да се започне со создавање на победнички болид од новата 2026 генерација.
За да ја обезбеди титулата во Вегас, Макс Ферстапен треба само да заврши пред Ландо Норис. Ред Бул веќе испечати победнички дресови и маички.
Мекларен се подготвува да ја прослави победата во шампионатот за конструктори, кој последен пат го освоија далечната 1998 година. Ферари ќе направат се за да им го отежнат животот, но за три недели се ќе биде решено.
Сите настани се поместени еден ден порано и се одвиваат ноќе под вештачка светлина, но според нашата временска зона, распоредот повеќе потсетува на трката во Јапонија.
Според локално време, прес-конференциите започнаа во среда, тренинзите во четврток, квалификациите во петок, а трката во сабота, но за нас тоа е утрото наредниот ден.
Формула 1 веќе беше во Лас Вегас, пред четириесет години, а трките се одржуваа на паркингот од хотелот Цезар Палас.
Тогаш никој не ја сакаше привремената патека оградена со бетонски блокови, но сега се е направено по највисоки стандарди.
Градската патека се одликува со долги правци и голема просечна брзина и беше создадена и финансирана од самата Формула 1 со цел да ги засени повеќето настани во тркачкиот календарот. Барем тоа беше целта, а дали тоа е така оставаме вие да го дадете последниот збор.
Либерти Медиа дејствуваа како промотор на настанот, инвестирајќи огромни суми пари во надеж за уште поголем профит. Каде на друго место има билети од милион долари? Освен во Мајами.
Неверојатно е колку брзо настанот во Мајами го изгуби својот премиум статус. Американските сопственици на Формула 1 активно бараат да се оддалечат од наследството на Берни Еклстоун.
Трката во Мајами накратко стана настан со потпис на Формула 1, преземајќи ја таа улога од Монако, но главниот настан сега е во Лас Вегас, каде Либерти Медиа и тимовите ќе ги поканат клучните партнери и потенцијалните спонзори да се импресионираат од обемот на настанот.
Мајами не успеа, дали Лас Вегас може да го преземе приматот на Монте Карло?
Со доаѓањето на Либерти Медиа, Формула 1 стана поинаква. Форматот на викендот се промени, се појавија спринтови, правилото "една земја - една трка" исчезна. Сега има две трки во Италија и три во САД.
Времето се менува, а ние се менуваме со него. Доаѓаат нови фанови, се појавуваат нови трки, животот продолжува, сакале ние или не.
За разлика од изминатите трки во Остин, Мексико Сити и Сао Пауло, каде што немаше место на трибините, во Вегас спортот е во втор план. Трибините се полупразни. Но, затоа имате опција да платите вечера на стартниот правец!
Викендов се уште нема своја спортска историја. Таа ќе почне да се појавува доколку титулата се реши оваа недела и победникот се круниса во Лас Вегас. Либерти Медиа многу смета на ова, но сите би сакале да ја истегнеме интригата до последните кругови од последната трка.
Состојбата на асфалтот во Лас Вегас се менуваше во текот на целиот викенд, но инженерите на Пирели веруваат дека стратегијата со едно застанување во бокс ќе биде оптимална, плус веруваат дека белите гуми ќе играат значајна улога
Марио Изола, Пирели: "Следевме спектакуларни и многу интересни квалификации, тимовите се изедначија, создавајќи изненадувања од почеток до крај. Како што беше лесно предвидливо, патеката е сè уште многу валкана и станува значително побрза со секој изминат круг"
"Како што беше претходно споменато, овој аспект, во комбинација со подготвителната фаза пред брзиот круг, одигра многу важна улога во одредувањето на исходот од сесијата."
"Во однос на стратегијата, на хартија едно застанување во бокс е најбрзо, со жолтите и бели гуми како очигледни избори. Вистина е дека никој не ги користеше белите гуми, но оваа смеша е најдобро позната на тимовите и го знаат нејзиното однесување. Истиот случај го имавме и минатата година."
"Затоа, не е случајно што сите возачи задржаа два нови сета од белите гуми за утрешната трка. Едниот дефинитивно ќе го користат, додека другиот може да се смета за резерва во случај трката да биде неутрализиранна, што е секогаш сосема можно на градските патеки."
"Како што беше случај минатата година, поголемиот дел од возачите ќе стартуваат на жолтите гуми пред да се префрлат на бели по 14-от круг. Оние кои сакаат повнимателен пристап, особено ако се наоѓаат во задниот дел од гридот, би можеле да се одлучат за старт со белите, поминувајќи повеќе од половина трка на нив пред да сменат на жолти."
"Тешко е да се замисли дека црвените би влегле во игра, освен ако некој од тимовите планира уште од самиот почеток да оди на две застанувања во бокс, да го искористи максимумот од белите гуми со чиста патека пред себе."
"Грејнингот ќе се почувствува, особено во раните фази, делумно затоа што, како што видовме денес, условите на патеката повторно ќе се ресетираат бидејќи патеката повторно ќе биде отворена за градски сообраќај."
Тренинзите и квалификациите во Лас Вегас поминаа без дожд, кој не се очекува ни за трката. Возачите ќе го започнат загревачкиот круг во 22:00 часот по локално време, кога воздухот ќе биде околу 16 степени со променливо облачно небо и со умерен југозападен ветер.
По инцидентот на Франко Колапинто на Квалификациите, тој беше подложен на темелна последователна евалуација од медицинскиот тим на настанот, по што доби дозвола да се трка на Големата Награда на Лас Вегас.
ВИЛИЈАМС: "Здравјето на Франко е наш главен приоритет и ни е олеснето што тој е доволно добро да се трка по ваков инцидент. Му благодариме на медицинскиот персонал за приоритет на здравјето и благосостојбата на Франко и за одличната грижа што ја доби."
"Ние сме исклучително благодарни на нашиот неверојатен гаражен тим за нивната напорна работа во текот на ноќта за поправка на болидот на Франко и на нашите фанови и партнери за нивната континуирана поддршка."
"Ја искористивме можноста да направиме некои промени во сетапот за време на поправката и, како резултат на тоа, Франко ќе ја започне трката од пит-линијата.
Со нетрпение очекуваме да се тркаме под светлата на Вегас."
Пред почетокот на првиот тренинг, ФИА ја потврди замената на елементи на погонската единица на пет болиди.
Валтери Ботас го доби четвртиот акумулатор за складирање на електричната енергија, а со тоа и казна од пет стартни позиции.
На Перез, Албон, Лосон и Цунода им беа заменети издувните системи, но засега остануваат во границите на дозволените замени и нема да добијат казни.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА ЛАС ВЕГАС
11/23/2024 09:36:00 PM
0
Share to other apps