Џорџ Расел беше доминатен на Големата Награда на Лас Вегас, а Луис Хамилтон ги потврди одличните перформанси на Мерцедес АМГ, обезбедувајќи им двојна победа по стартот од 10-тата позиција.
Макс Ферстапен го направи она што требаше да го направи за да стане четирикратен Ф1 шампион. Холанѓанецот заврши петти и го победи Ландо Норис, па борбата за титулата кај возачите е завршена.
Мерцедес АМГ денес беше чекор пред останатите на трите тренинг сесии, во квалификациите, а на денешната трка стави печат на нивната сензационална форма во Лас Бегас. Малку загрижува фактот, што велат, дека и самите не знаат зошто имаа толку доминатен викенд.
Џорџ Расел доминираше во трката од почеток до крај, но и Хамилтон имаше одлично темпо и имаше кам-бек од десеттото до второто место. Ова беше "тимска" трка, освен Серџо Перез, тимските колеги од најбрзите четири тимови финишираа еден позади друг.
Возачите на Ферари беа зад тие на Мерцедес АМГ, со Карлос Саинц Јр. на подиумот, а Чарлс Леклер веднаш зад него. Макс Ферстапен заврши пред двата возачи на Мекларен, Ландо Норис и Оскар Пјастри.
Тоа беше доволно за четвртата титула на Летечкиот Макс, а тимот од Вокинг го задржа водството кај Конструкторите, иако Ферари е се поблиску.
Понатаму, Нико Хулкенберг заврши на осмото место, пред Јуки Цунода и Серџо Перез. Фернандо Алонсо можеше да се искачи од седумнаесеттото на единаесетото место и беше дури блиску до бодови, но во овој случај тоа не беше можно.
Останува да видиме дали Адријан Њуи ќе им помогне на Астон Мартин да го најдат вистинскиот правец на развој, од кој далеку застранија.
Дваесет и втората трка од 2024 сезоната се возеше на градската патека во Лас Вегас и на која Џорџ Расел стартуваше од Пол позицијата, пред Карлос Саинц Јр. и веднаш зад нив Пјер Гасли и Чарлс Леклер. Инженерите на Пирели предвидуваа стратегија со едно застанување во бокс.
Стартот беше многу чист. Џорџ Расел започна добро и го задржа водството. Карлос Саинц Јр. имаше добар старт, но во борбата со Пјер Гасли ја остави небранета внатрешноста на првиот свиок, нешто што го искористи Чарлс Леклер за да се најде на второ место пред двајцата.
Ферстапен, Норис и Цунода ги задржаа своите позиции, додека Хулкенберг го мина Пјастри. Фернандо Алонсо го искористи стартот на црвените гуми и од П17 се искачи на четиринаесеттото место.
Расел се обиде да притисне во првите кругови за да го извлече Леклер надвор од ДРС-опсегот, но не успеа да го стори тоа. Моначанецот со негова помош во неколку наврати се постави паралелно со Британецот, но не успеа да комплетира целосно претекнување.
Речиси во исто време, Макс Ферстапен го престигна Пјер Гасли за пласман на четвртото место.
По стартот со убави борби, трката малку се смири. Леклер малку се оддалечи од Расел, но беше нападнат од Карлос Саинц Јр. во седмиот круг, кој успеа да го претекне за второто место. Моначанецот се пожали дека ова било неочекуван потег, бидејќи добил информација дека нема да биде нападнат од својот тимски колега.
Подолу во поредокот Луис Хамилтон го престигна Оскар Пјастри за осмото место, а Макс Ферстапен, набргу потоа, тргна по Чарлс Леклер и го престигна за третото место.
Пјер Гасли по стартот од П3 очекувано загуби повеќе места, но она што беше изнандување е огромното губење на тркачкото темпо од страна на Ферарито на Чарлс Леклер. Причината најверојатно беше пад на температурата на пневматиците.
Тимот на Ферари реагираше со негово повикување во бокс во 10-от круг, многу порано од прогнозите на Пирели, а Ландо Норис и Мекларен го следеа нивниот потег.
Единствените кои се уште имаа добро темпо на жолтите гуми беа возачите на Мерцедес АМГ и Ферстапен, кој дури го престигна Карлос Саинц Јр., по што и шпанецот беше повикан во бокс. Ајде да не ги споменуваме по колку грешни одлуки на крај успеаја да го направат.
Макс Ферстапен ги смени гумите во 12-от круг, Џорџ Расел го направи тоа во следниот круг, а Луис Хамилтон, со добро темпо на стартот, чекаше дополнителен круг.
Кога трката се стабилизираше, Расел имаше удобно водство, пред Серџо Перез кој сè уште не беше влезен во бокс, по стартот на бели гуми, и со Ферстапен, Саинц Јр. и Леклер во позадина.
Овие тројца возачи брзо го минаа Мексиканецот, а Хамилтон, кој претходно го престигна Норис, исто така успеа да го престигне Чеко во 17-от круг. Темпото на Мерцедес АМГ беше неверојатно.
Со чиста патека, Џорџ Расел стигна до 25-от круг, половина од трката, со разлика од десет секунди пред Макс Ферстапен. Луис Хамилтон, од своја страна, исто така покажа дека има многу добро темпо, но беше заглавен зад Ферарито на Чарлс Леклер и кого не можеше да го претекне.
Поука од Макс од минатата трка и Луис на денешната е дека Моначанецот е многу добар дефанзивен играч, кој тешко може да биде престигнат.
Кога се чинеше дека трката повторно малку се смири, гумите повторно влегоа во игра. Карлос, со пневматиците во критична состојба, си дозволи да биде претекнат од Чарлс Леклер во 27-от круг, а Ферстапен и Хамилтон решија да сменат гуми по втор пат.
Пред Луис, Шпанецот во Ферари беше повикан да влезе во бокс, за во последен момент да му јават по радио дека не се подготвени за застанување.
Единствено треба да се пофалат за тоа што добро ги прочитале правилата и не добија казна за глупоста што ја направија. Преминувањето на белата линија не било забрането на оваа трка во Лас Вегас.
Со општите правила газењето на белата линија е забрането само ако си влезен во пит-линијата, а Карлос не беше...
На тој потег пред влез во пит-линијата било регулирано со дополнителни белешки од тркачкиот директор, но за разлика од некои претходни трки, овде немало дополнителни белешки на таа тема.
Влеговме во последните 20 круга од трката и со летечкиот болид на Мерцедес АМГ не му требаше многу на Луис Хамилтон да го стигне и престигне Макс Ферстапен, кој воопшто не ни влезе во дуел со британецот.
Со тоа се создаде 1-2 пласман за возачите на Мерцедес АМГ, бидејќи и Чарлс Леклер влезе по втор пат во бокс.
Џорџ Расел со огромна предност мирно се упати кон боксот во 33-от круг без да ја загрози водечката позиција. Оттогаш, трката за Расел и Мерцедес АМГ беше релативно едноставна.
Британецот имаше предност од 11 секунди пред Луис Хамилтон и повеќе од 13 пред Макс Ферстапен. Карлос Саинц Јр. беше четврти, со нешто повеќе од една секунда пред Чарлс Леклер и со Мекларен на значително растојание.
Болидите на Ферари се "разбудија" кон крајот на трката и Карлос Саинц Јр. и Чарлс Леклер тргнаа по Макс Ферстапен кој денес сакаше да биде надвор од каков било дуел кој би ја загрозил шампионската титула.
Саинц Јр. успеа да го помине Холанѓанецот во 41-от круг со добро сопирање во внатрешноста на 14-от свиок, а Леклер го направи истото во 46-от круг.
На крајот, Џорџ Расел ја мина целта на првото место со разлика од седум секунди пред Луис Хамилтон. Карлос Саинц Јр. со третото место им правеше друштво на подиумот.
Чарлс Леклер беше 4-ти пред Макс Ферстапен кој си ја обезбеди својата четврта титула. Ландо Норис заврши шести, со дополнителен поен за најбрзиот круг, кој го постави во последниот круг, по третиот пит-стоп и менување на белите со црвени пневматици.
Оскар Пјастри беше резервиран на оваа трка и не можеше повеќе од 7-то место, пред Нико Хулкенберг, Јуки Цунода и Серџо Перез.
ДВОЈНА ПОБЕДА ЗА МЕРЦЕДЕС АМГ, МАКС ШАМПИОН ПО 4-ТИ ПАТ
11/24/2024 06:15:00 AM
0
Tags
Share to other apps