Мекларен доминираше на втората тренинг сесија за Големата Награда на Абу Даби.
Втората тренинг сесија, единствена репрезентативна со условите на квалификациите и трката, започна во подобри услови и со пониска температура на асфалтот, 33 степени.
Со оглед на тоа што многу од првите возачи не беа присутни на првиот тренинг, немаше премногу време за губење, па така за помалку од три минути сите возачи беа во акција на патеката.
Пирели на оваа трка ги донесе најмеките смеши, C3, C4 и C5 како бели, жолти и црвени пневматици.
Сите започнаа со жолтите гуми, а Оскар Пјастри беше првиот кој ја проби бариерата од 1:25 со 1:24.932, следен беше Карлос Саинц Јр. со 1:24.570 и Ландо Норис со 1:24.332.
Чарлс Леклер, во својот седми круг на жолтите гуми, направи 1:24.540. Речиси во исто време, Макс Ферстапен, со истите гуми, забележа време од 1:24.958 откако се пожали за подуправување преку тимското радио.
Како и секогаш, по 20-тина минути на жолтите гуми, следуваше серија на квалификациски кругови на најмеката смеша на Пирели.
Франко Колапинто го имаше најбрзото време во првите два сектори, но направи мала грешка со 9-от свиок и кругот беше уништен. Уште повеќе поминувањето низ рабниците го оштети подот на неговиот болид и тоа беше крај на сесијата за него.
Мекларен немаше конкуренција, па Ландо Норис беше 8 десетинки побрз од неговото време на жолтите пневматици, и со тоа го имаше врвот на табелата, победувајќи го Пјастри за две десетинки и изненадувачкиот Нико Хулкенберг за четири десетинки.
Карлос Саинц Јр. беше на четвртото место, само неколку илјадитинки пред Луис Хамилтон и со десетинка предност пред Чарлс Леклер. Ботас, Магнусен, Албон и Цунода го заокружија Топ 10 поредокот.
По завршувањето на квалификациските симулации, тимовите ги насочија своите тест програми кон подолги стинтови, така што поредокот остана непроменет до крајот на сесијата.
КОНСТРУКТОРСКАТА ТИТУЛА Е ВО РАЦЕТЕ НА МЕКЛАРЕН
12/06/2024 12:35:00 PM
0
Share to other apps




