Ферари ја закажа презентацијата на 2025 болидот, кој се уште нема име, за 19 Февруари во Маранело.
Куриозитет е затоа што Формула 1 неодамна објави дека во 2025 година за прв пат во историјата ќе се одржи заедничка гала презентација со сите тимови, закажана за вторник, 18 Февруари. Односно еден ден претходно.
Но, на оваа заедничка презентација по се изгледа ќе бидат претставени само тимските бои за новата сезона од Ф1 шампионатот.
Во Ферари го одржа својот традиционален божиќен ручек и како и обично открија некои детали за следната година. Првиот од нив е оној што веќе го спомнавме, дека вистинскиот 2025 болид ќе биде претставен во среда на 19 февруари во Маранело.
Дополнително, ќе ја следат процедурата од последниве години и ќе има кратко возење од само неколку кругови. Да потсетиме дека тоа ќе биде првиот болид на Луис Хамилтон како возач на тимот и седми на Чарлс Леклер, кој пристигна во 2019 година.
Фред Васер, даде многу интересен детал за болидот на Ферари со кој ќе атакуваат на титулите во 2025 година, а тоа е дека ќе има помалку од 1% заеднички детали со тековниот болид.
Ако е ова вистина, ова е ризичен потег од страна на италијанскиот тим. Регулативите не се менуваат за 2025 година, но, ќе се променат во 2026 година, но тие претпочитаат целосно да го сменат болидот кој за малку ќе им ја донесеше титулата во шампионатот на конструктори оваа година.
Меѓу промените, треба да се истакне дека Ферари ќе ја следи линијата на Ред Бул и Мекларен со тоа што ќе се одлучи за предна амортизација од типот "pull-rod".
Васeр ќе мора да раководи со двајца одлични возачи како Хамилтон и Леклер. Нема да биде лесно, но Французинот ќе го задржи својот метод и нема да прави "copy-paste" на Мерцедес АМГ.
"Мораме да го најдеме најдобриот начин да управуваме со Луис. Го познавам многу добро, но не смееме да го повториме она што е направено во минатото. Не мораме да правиме копи-пејст на Мерцедес АМГ."
"Работната средина таму беше многу добра на почетокот и помалку добра на крајот. Не мора да се носат инженери од Мерцедес АМГ за да направите копија на Мерцедес АМГ. Тие веќе не се шампиони, ние треба да направиме нешто поинаку."
Претходно, Ферари се збогуваше со Карлос Саинц Јр. организирајќи татко-син шоу на патеката во Фиорано. На крајот од денот Шпанецот доби неочекуван подарок! Тој го доби F1-75, болидот со кој се натпреваруваше во 2022 година и со кој беа забележани неколку победи, меѓу кои е неговата дебитантска во Формула 1 шампионатот, за Големата Награда на Британија.
Ферари на тој начин го затвора збогувањето со Карлос, и без сомнение, Шпанецот оставил многу добар впечатокот во Маранело. Подарувањето на болид веќе се случувало во претходните години, но во случаи како оној на Фернандо Алонсо или Себастијан Ветел. Шампиони во Формула 1!
Карлос ќе го напушти тимот на Ферари, но ќе има отворена врата. Самиот Фред Васер неодамна го пофали професионализмот на Саинц Јр. и увери дека не знае што ќе се случи по 2026 година.
* Сите коментари се прегледуваат пред да се објават.