Формула 1 продолжува со завршната тројка на трки за крај на 2024 сезоната. Куриозитет е што сите се одржуваат во пустини.
Од Лас Вегас, каде беше одреден шампионот кај возачите, Ф1 карванот од 1.400 тони скапоцен товар тргна на едно од најдолгите патувања во сезоната, 13.000 км, 11 временски зони, натоварен на осум авиони Боинг 777, за да слета 24 часа подоцна во источниот дел на Арапскиот Полуостров.
Долгиот лет од Вегас до Доха беше ретка можност за тимскиот персонал да се наспие пред претпоследната трка од сезоната.
Долгата сезона ги измори сите, а веќе започнува да се чувствува празничната атмосфера.
Трката во Катар сè уште има многу кратка историја во Формула 1 и за прв пат ќе се одржи во декември, речиси два месеци подоцна отколку во 2023 година.
Нема да биде топло, но прогнозата ветува силен северозападен ветер, кој ќе направи многу проблеми со секојдневниот песок на асфалтот и покрај вештачката трева околу патеката.
Во текот на денот, патеката изградена среде пустинскиот песок изгледа досадно, а по зајдисонце, со помош на модерни визуелни ефекти, се претвора во импресивна сценографија.
Летото 2021 година, раководството на Формула 1 ги завршуваше преговорите со Катар за десетгодишен договор, со трки на друга патека, која ќе биде наменски изградена, но промоторите од Катар понудиле да се одржи трка на патеката Лусаил, доколку дојде до откажување на одредени настани.
Па така, Големата Награда на Катар дебитираше таа година. 2022 година имавме пауза поради светското првенство во фудбал, а од минатата година продолжуваме со тркање на Лусаил интернационалната патека.
Откако ја изразија идејата за формат со саботен спринт, Либерти Медија увери дека воопшто нема да ја нарушат традицијата на неделната трка, дека додавањето спринт ќе ја подобри забавата и ќе ја зголеми публиката, вклучително и младите, особено оние кои сметаат дека двочасовна трка е предолга.
Во Катар го имаме последниот спринт викенд за оваа година. Ќе има многу поени за освојување, 15 од спринтот веќе му припаднаа на Мекларен, во трката остануваат максимални 44. На тимот од Вокинг му треба 15 поени разлика со Ферари за обезбедување на шампионатот на конструктори.
Престижната титула донекаде го изгуби своето поранешно значење, но останува одлучувачка во распределбата на паричните средства.
Ферари како што се очекуваше не може да пружи достојна битка на патеката која не е погодна за нивниот болид, но оваа сезона е единствена, па се може да се случи.
Ќе биде интересно да го дознаеме исходот на денешната трка, но во багажот на Мекларен веројатно има подготвени шампионски дресови во чест на првата титула во шампионатот на конструктори од 1998 година.
Лусаил е релативно тесна патека првенствено наменета за трки со мотоцикли, на која доминираат брзи и медиум свиоци. Формула 1 болидите кои имаат чувствителна аеродинамика значи дека престигнувањето ќе биде тешко изводливо, а како единствено погодно место за борба за позиција е километарскиот правец и сопирањето пред првиот свиок.
Стартно/целниот правец е надополнет со шеснаесет брзи свиоци кои наизменично преминуваат од еден во друг, при што гумите ќе работат интензивно и брзо ќе се трошат. Традиционално, тимовите ќе треба да го најдат вистинскиот компромис помеѓу потисната сила и брзината.
Оптималната стратегија за трката за Големата Награда на Катар, која се состои од 57 круга, требаше да биде со едно застанувања во бокс.
Марио Изола, Пирели мотоспорт: "Многу напорна сабота, како и секогаш во Спринт викенд. Кратката трка ни овозможи да го провериме однесувањето на жолтите гуми на поголемо растојание и, од она што го видовме, индикациите од петокот, многу ограничена деградација и знаци на абење, донекаде и грејнинг, но не до некој загрижувачки степен, се чини дека се потврдени."
"Видовме дека само еден возач да ги користи црвените гуми во Спринт, додека минатата година имаше поголема разновидност на избори и затоа е тешко да се извлечат дефинитивни заклучоци, бидејќи податоците доаѓаат од само еден болид."
"Изборот на возачот на Заубер нагласува дека црвените гуми бараат многу внимателно менаџирање за да се продолжи нивниот животен век за позначителен стинт."
"Во квалификациите видовме дека еволуцијата на патеката забави, стабилизирајќи се во второто полувреме. Позначајно беше однесувањето на ветерот кој постепено ја намалуваше јачината, особено во последниот дел."
"Вреди да се нагласи напредокот во времињата, не само подобрувањето во однос на минатата година со истите гуми и техничките прописи, туку и во споредба со 2021 година кога болидите тежеа речиси педесет килограми помалку и времето за Пол позицијата на Хамилтон за инаугуративното издание на оваа трка беше 1:20.827."
"Врз основа на добиените податоци, опцијата со едно застанување во бокс изгледа добро на хартија. Вистина е дека во Спринтот видовме дека некои болиди ја достигнаа границата во однос на абење на гумите, но тоа не предизвика значителен пад во перформансите."
"Понатаму, карактеристиките на патеката без навистина тешки точки на сопирање, го прават претекнувањето прилично комплицирано, особено ако болидите се најдат во ДРС воз, како што видовме на спринтот."
"Жолтите гуми треба да бидат првиот избор на повеќето возачи за почеток на трката, а нивното менување до белите треба да се случи помеѓу круговите 16 и 24."
"Оние кои стартуваат подолу во поредокот би можеле да се одлучат за спротивниот избор, додека оние кои размислуваат за две застанувања во бокс би можеле да се одлучат за старт на жолтите гуми, како би се искористил максимумот од подобрите перформанси што ги нудат жолтите гуми, а потоа да продолжи со два комплети бели, или евентуално, бели и уште еден комплет жолти гуми."
Имајќи ги предвид околностите на инцидентот што се случи на квалификациите, кога Макс Ферстапен возеше премногу бавно на патеката, притоа наводно попречувајќи го Џорџ Расел (блокирање како блокирање не е разгледувано!), стјуардите го казнија со губење на едно место на стартот и еден казнен поен во неговата супер лиценца.
Објаснувањето на стјуардите е комедија, и се сведува на тоа дека Холанѓанецот возел неразумно бавно.
Од 2022 година за тоа се изрекува казна - ОПОМЕНА. Ако Џорџ Расел беше во брз круг инцидентот ќе се разгледуваше како блокирање и вообичаената казна за тоа е 3 стартни места.
Повторуваме, овој инцидент се случи додека ниту еден од болидите не беше во брз круг. Меѓу останатото се вели дека Макс видел дека доаѓа болид кон него, а Џорџ јасно го видел болидот на Ред Бул.
Според тоа, Макс не е обврзан да го пропушти, а Џорџ можеше да го престигне доколку сака. Како стјуардите дојдоа до ова соломонско решение останува непознато!
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА КАТАРСКОТО ГРАН ПРИ
12/01/2024 12:58:00 PM
0
Share to other apps