Џорџ Расел го забележа најбрзото време на овој последен ден од претсезонската тест сесија, но не го надмина времето на Карлос Саинц Јр. од вчера.
Британецот во последните минути од сесијата, кога сите мислеа дека акцијата е завршена, излезе на патеката да извози квалификациски круг и успеа да биде две стотинки побрз од Макс Ферстапен со надградениот болид на Ред Бул.
За волја на вистината, истото го направи и Оскар Пјастри, но не успеа да има круг без грешка, намерно или ненамерно. Мекларен иако го немаше на врвот од табелите за време на оваа тест сесија, првичните импресии се дека тоа е тимот што треба да се победи.
На третиот тест ден конечно стана потопло, но возачите неколку пати беа враќани во боксот поради црвени знамиња, поради банални причини. Прво падна стаклото од кабината на тркачкиот директор, а потоа автобус излезе на патеката.
Неверојатни работи се случуваа на меѓународната патека во Бахреин. Тимовите добро ќе размислат каде ќе се спроведат зимските тест сесии за новите 2026 болиди, кога тестирањето ќе биде особено важно.
Утринава имаше неочекувана промена во Астон Мартин. На Ленс Строл не му беше добро, па Фернандо Алонсо го презеде неговото место. Во попладневната сесија Ленс се врати на патеката, но Шпанецот повторно мораше да го заврши денот. Тимот признава дека тестовите биле неуспешни, а тие завршиле како аутсајдери во однос на поминатата километража.
Забележливи се очигледни проблеми и кај болдиот на Рејсинг Булс. Кругот на Оливер Берман беше прекинат кога дел од капакот на моторот му беше издуван од неговиот болид, испраќајќи го дебитантот на Хас назад во гаражата каде изгуби повеќе од еден час. Естебан Окон претрпе сличен проблем за време на филмскиот ден на тимот во Силверстоун, па овој проблем може да биде хроничен.
Во Мерцедес АМГ имаат многу неодговрени прашања. Тото Волф отворено призна дека тимот не разбира што се случува, а тие веќе ја немаат предноста во брзината на ладно време како што ја имаа минатата година. На третиот тест ден тимот загуби време поради проблеми со погонската единица, но на крајот од денот Џорџ Расел сепак се најде на врвот од табелата.
Ред Бул доби доби ново предно крило и тестираше различни конфигурации со Ферстапен. Тимот не зборува за тоа отворено, но има гласини дека РБ21 ги наследил проблеми со подуправување во средината на свиоците и Макс е многу незадоволен поради тоа.
Нити денес не видовме нивна симулација на трка. Доколку проблемите се реални, Ред Бул тешко да може да најде брзо решение во следните две недели, па тимот го чека тежок почеток на сезоната.
Но, има и тимови кои се задоволни од резултатите. Новиот болид на Вилијамс постојано беше во топ десет, и иако тоа не беше важно при тестирањето, тимот е оптимист. Згора на тоа, времето на Карлос Саинц Јр. забележано на вториот ден беше најбрзото на оваа тест сесија.
Позитивно ја оценуваат ситуацијата и актуелните шампиони во конструктори, тимот на Мекларен. Да, велат дека болидот сè уште не се однесува совршено, дека им фали одреден грип на патеката, но многумина се пожалија на ова во Бахреин.
Особено внимание беше насочено кон Ферари. Нов тимски колега на Чарлс Леклер е Луис Хамилтон, па инженерите решија да направат сериозни модификации на предниот дел на болидот, како би одговарал што повеќе на стилот на британецот. Од италијанскиот тим секогаш се очекува многу.
Денес нити Луис Хамилтон не можеше да спроведе симулација на трка како што се надеваше, болидот беше демонтиран во гаражата, очигледно се појави некој проблем кој мораше да биде отстранет, но тоа беше предвремен крај на денот за нив.
Пред почетокот на сезоната секој има највисоки цели, додека реалноста не ги врати на местото кое го заслужуваат. Многу наскоро ќе го добиеме конечниот одговор. Резултатите од тестот важат само до викендот во Мелбурн, кој започнува од 14-16 Март.
ЏОРЏ РАСЕЛ ГО УКРАДЕ ВРВОТ ОД МАКС ФЕРСТАПЕН
2/28/2025 10:01:00 AM
0
Share to other apps