Оскар Пјастри беше првиот човек на Мекларен на оваа квалификациска сесија, освојувајќи ја својата дебитантска Пол позиција.
Тој ја спаси честа на папаја тимот, бидејќи Ландо Норис не се снајдува баш најдобро на патеката во Шангај.
Австралиецот го победи брилијантниот Џорџ Расел за 82 илјадитинки, а Ландо Норис и Макс Ферстапен за повеќе од една десетинка.
Ова постигнување му беше потребно по разочарувањето на домашната трка во Мелбурн, Алберт Парк.
Џорџ Расел, со одличен брз круг во последните моменти од Q3 сесијата, успеа да се позиционира на првиот стартен ред, пред Ландо Норис и Макс Ферстапен на вториот.
Возачите на Ферари, денес не можеа ништо повеќе од третиот стартен ред со заостанување од две десетинки зад Пјастри.
Луис Хамилтон, по успешниот саботен Спринт се очекуваше барем да биде во борба за Пол позицијата, но ќе стартува од петтата позиција.
Исак Хаџар, пак, приреди шоу за Рејсинг Булс и се квалификуваше седми, 58 илјадитинки зад Чарлс Леклер.
По спринтот во кој одличен настап имаше Луис Хамилтон и со грејнинг на пневматиците меѓу протагонистите, дојде време за вистинската акција на патеката во Шангај.
На ред беа квалификациите, на кои го добивме стартниот поредок за утрешната трка.
Времето беше сончево со температура на асфалтот од 41 степен. Q1 сесијата ја отвори Ленс Строл, а потоа следуваа возачите на Заубер и долга низа останати болиди.
Канаѓанецот беше прв возач што забележа време од 1:33.024 на користени црвени гуми, кое не беше конкурентно, па се знаеше дека брзо ќе биде надминато.
Доаѓањето на фаворитите промени се, па иако и тие беа на користени гуми, Оскар Пјастри започна со време 1:31.591, а Луис Хамилтон беше 99 илјадитинки зад него. Круговите на Леклер и Норис не беа добри.
Макс Ферстапен се појави неколку минути подоцна и се искачи на првото место со време од 1:31.424, исто така на користен сет на гуми.
Како што одминуваше сесијата, Чарлс Леклер и Ландо Норис се мачеа да комплетираат добар круг, но на крајот, британецот успеа да направи оптимален круг и го забележа најбрзото време, а возачите на Рејсинг Булс изненадувачки беа на второто и третото место.
Елиминираните по првата сесија беа: Пјер Гасли, Оливер Берман, Џек Дуан, Габриел Бортолето и Лиам Лосон. Возачот на Ред Бул повторно катастрофален, но најтрагичното по него е што никој не знае каде лежи "зајакот" за неговата очајна форма.
За почетокот на Q2 сесијата асфалтот се излади на 39 степени. Во овој случај, Кими Антонели беше првиот што излезе на патеката, по неколку минути неактивност, и ја отвори сесијата со време од 1:31.590 на користени црвени гуми.
Возачите на Мекларен веднаш излегоа на нов сет од црвените гуми, па Ландо Норис беше најбрз со 1:30.787, четири десетинки побрз од Оскар Пјастри и малку повеќе од Макс Ферстапен, исто така со нов сет црвени гуми.
Јуки Цунода повторно беше многу брз со 1:31.425, а Алекс Албон беше осми. Ленс Строл направи добар круг со болидот на Астон Мартин за привремено да се пласира на единаесеттото место, додека Фернандо Алонсо и Карлос Саинц Јр. имаа лоши кругови и беа на дното на табелата.
Ландо Норис реши да не излезе за втор обид, но остана на врвот на табелата. Макс Ферстапен заврши на второто место, пред Оскар Пјастри и, уште еднаш, изненадувачки болдите на Рејсинг Булс.
Возачите на Ферарите беа далеку од потребното ниво, со Чарлс Леклер седми, а Луис Хамилтон, осми, само десетинка од зоната за испаѓање.
Естебан Окон беше единаесетти, пред Нико Хулкенберг, Фернандо Алонсо, Ленс Строл и Карлос Саинц Јр. За нив квалификациите беа завршени.
Во Q3 сесијата останаа најбрзите 10 возачи, кои требаше да го дефинираат редоследот на првите пет стартни реда за Големата Награда на Кина. Температурата на асфалтот се спушти уште еден степен, на 38.
Овој пат, Макс Ферстапен не сакаше да губи време и се нареди на прво место на излезот од пит-линијата.
Возачите на Рејсинг Булс и Алекс Албон мораа да го направат својот прв обид за искористени црвени гуми, останатите, со нови.
Во својот прв обид, Оскар Пјастри го победи Ландо Норис за 0.090 делови од секундата, а Макс Ферстапен беше трет, две десетинки зад Австралиецот и само две илјадитинки побрз од Хамилтон.
Џорџ Расел се појави на петтото место, многу блиску до Луис и во сендвич од возачите на Ферари.
Следуваа болидите на Рејсинг Булс, со Алекс Албон деветти, поради бришењето на времето од Кими Антонели, поради излегување надвор од границите на патеката.
Во финалната пресметка, Оскар Пјастри го подобри своето време за да ја забележи својата дебитантска Полпозиција во Формула 1 шампионатот.
Ландо Норис не се подобри и тоа значеше губење на второто место од Џорџ Расел, кој имаше импресивен круг за крај на сесијата.
Макс Ферстапен исто така го подобри своето време, но му фалеа 24 илјадитинки во однос на Ландо Норис, но победувајќи ги возачите на Ферари, Луис Хамилтон и Чарлс Леклер.
Исак Хаџар беше изненадувањето на денешните квалификации постаувајќи време само 58 илјадити делови од секундата зад Леклер и пред Антонели, Цунода и Албон.
ОСКАР ПЈАСТРИ СО ДЕБИТАНТСКА ПОЛ ПОЗИЦИЈА
3/22/2025 05:41:00 AM
4 minute read
0
Share to other apps