Трката за Големата Награда на Австралија се одржува од 1985 година, и оваа сезона ќе се вози по 39-ти пат и 28-ми на Алберт Парк. Во 2022 година, организаторите го продолжија договорот за одржување на настанот до 2035 година.
Со зголемениот капацитет на трибините, посетеноста на патеката Алберт Парк расте секоја година. Минатата година таа беше рекордна 452.055 луѓе за време на викендот, а сега организаторите очекуваат нов рекорд.
Либерти Медиа е сопственик на Формула 1 веќе речиси десет години, и иако директното управување го вршат Европејци, изборот на приоритетите останува на Американците, а за нив глобалната компонента е поважна од се.
Благодарение на напорите на составувачите на календарот, Формула 1 има напорен почеток на 2025 година, пет трки за шест недели, вклучително и една со саботен спринт.
Две трки по ред, Австралија и Кина со спринт, потоа слободен викенд и три трки по ред, Јапонија, Бахреин и Саудиска Арабија. Оваа серија ќе заврши во мај, кога Формула 1 ќе треба да се пресели во Мајами.
Европскиот дел од овогодинешната сезона ќе започне на 18 мај со серија од три трки по ред, во Имола, Монако и Барселона. Преку летото распоредот ќе се врати на традиционалната и удобна форма на една трка на секои две недели, што е исправно, сезоната на летни одмори ќе ја намали публиката, а главните настани ќе се префрлат на есен. Но, тоа е уште многу далеку.
Последен пат сезоната во Формула 1 започна во Мелбурн пред пет години, во 2020 година. Тимовите успешно го завршија зимското тестирање, сите разговараа за рамнотежата на силите и новата болест, коронавирусот, поради што Кинеското ГП беше одложено кон средината на февруари.
Пред почетокот на трката, сите во Формула 1 направија превентивни тестови. Во четвртокот се дозна дека вработен во Мекларен, кој претходно бил тестиран, се разболел, предизвикувајќи паника во падокот и меѓу локалните власти.
Во четвртокот навечер, Мекларен објави дека ќе се повлече од трката за ГН на Австралија. Повеќето тимови беа подготвени да се тркаат штом пристигнаа, вклучително и Мерцедес АМГ, но германската централа не ја поддржа идејата, и под притисок на одборот на директори, Тото Волф мораше да ја повлече својата согласност, вклучително и употребата на Мерцедес мотори, без кои трките се невозможни.
Во петокот наутро, извршниот директор на Формула 1, Чејс Кери и локалниот промотор Ендрју Вестакот објавија дека настанот е откажан.
Оттогаш поминаа пет години, многу се промени, коронавирусот се повлече, Мекларен го освои шампионатот за конструктори и сезоната повторно започнува во Мелбурн.
Кога Формула 1 дојде во Австралија во 1985 година, за своја база ја имаше патеката Аделаида. Но, Боб Џејн, екс-тркачки возач, кој подоцна станал бизнисмен сакал да има трка во Мелбурн.
Тој го создаде AUSCAR Шампионатот, пандан на Американскиот NASCAR. Тоа било основа за создавање на голема мотоспорт заедница во Мелбурн, која постепено го зголемувала притисок кон политичарите.
Така, во 1992 година Џеф Кенет е избран за нов премиер на државата Викторија, кој веднаш се насочил кон подобрување на тркачкиот профил на Мелбурн. Прва желба на листата била доведување на Големата Награда на Австралија. Веќе во 1993 година е потпишан договор со Формула 1, но договорот со Аделаида истекувал во 1995 година.
Веднаш се започнало со изградба на нова патека во убавиот Алберт Парк во Мелбурн, а првата трка беше одржана во 1996 година. Патеката веднаш станува многу популарна кај возачите и фановите, кои со нестрпливост ја очекуваат секоја следна сезона од Формула 1 Шампионатот.
Во 2022 година, патеката претрпе значителни модификации за прв пат од 1996 година, нова конфигурација и нов асфалт. Седум свиоци се изменети, а два од нив се целосно отстранети, па сега вкупниот број на свиоци се намали на само 14 и ја скрати патеката за 28 метри.
Најзначајната модификација е отстранувањето на шиканата која се состоеше од свиоците 9 и 10, која е заменета со долг и брз свиок.
Патеката во Алберт Парк е доволно брза и брзината на болидите не е премногу зависна од аеродинамиката. Поради прашината и нечистотиите што е вообичаена појава за нестандардните тркачки патеки, грипот на асфалтот драматично се менува во текот на викендот, што го отежнува работењето со поставките.
Како привремен објект, патеката во Алберт Парк беше со прилично нерамна површина, но новиот асфалт го намали овој ефект, но од друга страна понуди низок грип. Секое ново асфалтирање ја намалува абразивноста на асфалтот, што резултираше со умерено абење на Пирели пневматиците.
На почетокот на викендот патеката беше многу лизгава, со очекуван висок степен на еволуција. Патеката е една од поекстремните кога се во прашање моторите на болидите, при што 70% од кругот се поминуваат со целосно притиснат педал за гас.
Поради честите забрзувања на излез од бавните свиоци, важно е добро распоредување на моќноста во текот на широк опсег на вртежи. Според поставките за нивото на потисна сила, патеката во Мелбурн потсетува на Силверстоун, па за време на викендот инженерите треба да бараат традиционален компромис помеѓу потисна сила и брзината.
Патеката бара добра ефективност на сопирачките и нивно ладење. Најдоброто место за престигнување е крајот на стартниот правец, и влез во првите два свиоци.
На патеката Алберт Парк во Мелбурн се користеа три ДРС зони, но по нејзината реконструкција нивниот број порасна на четири. Во исто време, останаа две точки на детекција на разлика помеѓу болидите.
За овој викенд Пирели ги донесе белите гуми кои се произведени од C3, жолтите од C4 и црвените гуми од C5 смешата.
Шефот на тркачкиот оддел на Пирели, Марио Изола, ги сумираше резултатите од квалификациите за Големата Награда на Австралија и даде прогноза за неделната трка.
"Многу интересна квалификациска сесија, со 15-те квалификувани возачи во Q2 разделени во разлика од нешто повеќе од седум десетинки, седум тимови во најбрзите десет возачи и девет во Q2."
"Утрешната трка изгледа многу непредвидлива во однос на стратегијата, прво затоа што моменталната прогноза е за пороен дожд во утринските часови, кој треба да ослаби попладне. Затоа, би можеле да се соочиме со три можни сценарија."
"Првото е за трка на дожд, а во тој случај никој не може да прогнозира како ќе се одвиваат работите. За нас, тоа би можело да биде можност да ја видиме на дело новата гума за екстремно влажен асфалт, оваа године модифицирана со малку поинаков дизајн на шарата."
"Второто сценарио е дека ќе гледаме трка на целосно сув асфалт. Во тој случај, врз основа на многу пониското ниво на грејнинг во споредба со претходните години, едно застанување во бокс може да биде најбрзата опција, со употреба на жолти и бели гуми. C3 и C4 смешите покажаа речиси нула деградација со многу слични нивоа на перформанси."
х "Понатаму, дури и ако трката се вози на целосно сув асфалт, треба да ја земеме предвид можноста дека состојбата на површината на патеката ќе биде ресетирана поради претходните дождови и пониските температури, услови кои се со поголема веројатност да доведат до појава на грејнинг."
"Во овој случај, опцијата со две застанувања во бокс би можела да биде најпопуларната опција, и повторно со употреба само на жолтите и бели пневматици."
"Третото сценарио е трка која се вози во мешани услови, почнувајќи на влажна или делумно влажна патека за која се потребни зелените интермедија пневматици, пред да се префрлат на гуми за суво време."
"Во овој случај, возачите би можеле да се обидат да го продолжат стинтот на зелените гуми колку што е можно повеќе пред да се префрлат на белите. Црвените гуми може да влезат во игра само ако префрлањето на гуми за суво се случи во завршните фази од трката."
"Што и да се случи, изгледа дека ќе имаме забавно попладне!"
Старт на трката за Големата Награда на Австралија е закажан за 05:00 часот по македонско време. Исто како и минатата година.
Возачите имаа добро време во Мелбурн во петокот и саботата, но неделата ќе донесе постудено време со дожд и грмотевици. Возачите треба да го започнат загревачки круг во 15:00 часот по локално време. Дотогаш воздухот ќе се загрее до 17 степени со облачно небо и 70% можност за дожд.
Придружете ни се во нашата ВАЈБЕР група, најбрзиот начи да дојдете до информации поврзани со Формула 1 шампионатот.
Оливер Берман излета од патеката на првиот тренинг за Големата Награда на Австралија и иако неговиот болид беше поправен за саботниот тренинг, каде повторно имаше излетување, тој по стартот на квалификациите дозна дека неговиот болид не е подготвен, по што мораше да се врати во својата гаража и ја пропушти целата сесија.
Тимот мораше да побара од стјуардите дозвола за старт на Берман, која беше само формалност и британецот доби и официјална потврда дека може да учествува на трката.