Ландо Норис е Победник на Големата Награда на Монако, каде што новите прописи што бараа минимум две застанувања во бокс не ја донесоа планираната неизвесност.
Британецот немаше противник во борбата за победа, а само Луис Хамилтон напредуваше меѓу првите шест.
Единственото нешто што се промени со новите правила е тоа што видовме многу тимски игри во кои главна улога ја имаа возачите на Рејсинг Булс и Вилијамс, до многу доцното запирање на Макс Ферстапен, во последниот круг, чекајќи некој инцидент и излегување на безбедносното возило.
Но, и тоа не се случи, па Ландо Норис, откако добро ја контролираше трката, ја забележа својата шеста победа во Формула 1, вклучувајќи го и најбрзиот круг во последниот круг.
Чарлс Леклер заврши втор, а Оскар Пјастри се искачи на последното скалило од победничкиот подиум, а Макс Ферстапен беше симнат од него. Луис Хамилтон беше единствениот од првите шест што успеа да напредува и од стартот на П7 заврши на петтото место.
Ландо Норис ја намали разликата во однос на Пјастри во шампионатот на возачи на само три бода.
Исак Хаџар беше најдобар од останатите во оваа трка, а "малерозниот" Фернандо, кој беше на пат да ги забележи првите поени, мораше да се откаже од трката во 39-от круг поради дефект на погонската единица.
Естебан Окон финишираше на седмото место, пред Лиам Лосон и возачите на Вилијамс, кои направија одличен стратешки потег за да го победат Мерцедес АМГ.
Осма трка од 2025 сезоната во Формула 1 шампионатот беше Големата Награда на Монако. Тркачкиот викенд е секогаш посебен, особено во сабота, кога болидите ги поместуваат границите на улиците на Кнежевството, а понекогаш ги ремоделираат заштитните бариери.
Ландо Норис вчера ја освои Пол позицијата, но, изреката трката се добива во сабота беше под знак прашалник бидејќи мораше да се направат најмалку две застанувања за промени на пневматиците. Немаше изненадување од страна на времето, трката се возеше на сува патека.
Стартот беше неверојатно чист, што и беше очекувано по стартниот хаос на Ф2 и Порше трките. Имавме претчуство дека Ф1 возачите ќе бидат екстра претпазливи. Традицијата така налага, секогаш кога имаме инциденти во пониските серии, Формула 1 станува екстра внимателна.
Практично сите возачи имаа добар старт, па и покрај различните гуми кај првите 10 возачи, немаше промени во позициите.
Подолу во поредокот, Габриел Бортолето беше вклучен во жестока битка со Кими Антонели и се најде притиснат до ѕидот во Портје, предизвикувајќи период на виртуелно безбедносно возило, што им овозможи на Цунода, Гасли, Берман и Бортолето, кој успеа да се врати на патеката, да заминат на прва замена на гуми.
Рестартот се случи во четвртиот круг, а освен претходно споменатите возачи, никој друг не се упати кон боксевите. Ландо Норис водеше во трката и ги имаше Леклер, Пјастри, Ферстапен и останатите под контрола.
Макс, Фернандо и Луис беа единствените возачи на бели гуми во топ 10 поредокот, останатите беа на жолтите.
Во деветтиот круг, кога сè изгледаше стабилно, Пјер Гасли на излез од тунелот и при сопирање за влез во шиканата се судри со болидот на Јуки Цунода, оставајќи многу парчиња отпад низ патеката, обидувајќи се да стихне до својата гаража. Трката за него беше завршена
Јуки успеа да продолжи, а тркачкиот директор и покрај остатоците по патеката, не виде потреба од безбедносно возило или виртуелно безбедносно возило, и работите се вратија во нормала во 11-тиот круг.
Првите застанувања во бокс дојдоа во 13-от круг од Нико Хулкенберг, Франко Колапинто во 14-тиот и Исак Хаџар, со помош на неговиот тимски колега, кој ги забавуваше оние што доаѓаа зад нив, во 15-тиот круг.
Фернандо Алонсо и Естебан Окон ја искористија ситуацијата и решија да застанат во 17-тиот круг. Овој потег се исплатеше, бидејќи тие стартуваа на седмата и осмата позиција, соодветно, зад Исак Хаџар, но пред Лиам Лосон и возачите на Вилијамс, кои сè уште не застанаа.
Луис Хамилтон се снајде подобро, бидејќи застана во 19-тиот круг и, со подобро темпо, ги престигна Алонсо и Хаџар.
Во 20-тиот круг, Ландо Норис прв повлече нога од водечките и одлучи да замине по нов сет на бели гуми, а Хаџар повторно застана, и излезе пред Лосон беше на задача да ги забави сите зад него, за да му ја зачува позицијата на својот тимски колега.
Оскар Пјастри влезе во бокс во 21-от круг и неговото запирање не беше добро, па Чарлс Леклер претпочиташе да почека неколку круга за да го направи тоа во 23-от круг и да излезе пред Австралијанецот со подобри гуми.
Макс Ферстапен, во меѓувреме, одлучи да остане на патеката и во Ред Бул не ја следеа стратегијата на Мекларен. Сепак Холанѓанецот беше на белите гуми, а во залиха имаауште само еден сет жолти гуми.
Неовите гуми започнаа драстично да губат перформаси и тој се упати во бокс во 29-от круг, по што трката се врати донекаде во нормала.
Норис водеше со седум секунди предност пред Леклер, 11 пред Пјастри, 14 пред Ферстапен и 16 пред Хамилтон. Фернандо Алонсо беше шести, но имаше еден пит-стоп помалку од Хаџар. Естебан Окон ја следеше стратегијата на Ред Бул.
Во меѓувреме, Карлос Саинц Јр. и Вилијамс ја копираа стратегијата на Рејсинг Булс и Шпанецот му овозможи на својот тимски колега слободно запирање во бокс.
Лоша вест за Фернандо Алонсо. Темпото на двократниот шампион се намали и се чинеше дека има некои проблеми со болидот на Астон Мартин.
И, навистина, неколку круга подоцна моторот на Мерцедес во болидот на Астон Мартин откажа, па Фернандо Алонсо мораше да се откаже од трката, но тоа го направи во безбедносните "џебови" на патеката, по што немаше потреба од ВБВ или вистинското безбедносно возило.
Во среднината на поредокот, стратегиите беа интересни. Карлос го забави темпото, дозволувајќи му на Албон, но и на Лосон, како колатерална добивка, да ги направат своите пит-стопа без да изгубат позиција.
Но, со двајцата возачи во поени по откажувањето на Алонсо, Албон го остави Саинц Јр. да го претекне и тие ги сменија улогите. Карлос се оддалечуваше, а Алекс ги забавуваше болидите зад себе.
Кратко потоа, водечката група ја започна втората серија на пит-стопови. Прв во бокс се упати Оскар Пјастри во 49-от круг, додека Чарлс Леклер го стори тоа во 50-от круг, а Ландо Норис во 51-от круг. Макс Ферстапен и Луис Хамилтон останаа на патеката.
Речиси во исто време, Џорџ Расел намерно ја пресече шикана по тунелот, за да го престигне Алекс Албон, ризикувајќи казна, но стјуардите го прочитаа и наместо минмална казнаод 5 секунди, го казнија со минување низ боксевите, што реално го чинеше најмалку 15 секунди.
Со таа казна и второто запирање на Карлос во 55-от круг, последните две места кои носат поени беа и практично обезбедени од возачите на Вилијамс.
Од водечката група, последни застанаа во бокс Луис Хамилтон, во 57-миот круг, и Макс Ферстапен, кој реши да остане на патеката до последните моменти во случај да се појави безбедносно возило или црвено знаме.
Ландо Норис, Чарлс Леклер и Оскар Пјастри го следеа Холанѓанецот, молејќи се да нема проблеми. Исак Хаџар беше лидер на средниот дел од табелата, на шестото место, пред Естебан Окон, Лиам Лосон, Карлос Саинц Јр. и Алекс Албон.
На крајот, Ферстапен не дочека ништо од двете опции и беше принуден да застане во претпоследниот круг.
Ова му го расчисти патот на Ландо Норис до неговата шеста победа, која исто така го вклучуваше и најбрз круг на трката. Леклер и Пјастри го комплетираа подиумот, а Ферстапен и Хамилтон мораа да се задоволат со четвртото и петтото место.
Хаџар беше најдобар од останатите на шестото место, пред Окон, Лосон и возачите на Вилијамс кои ги заменија местата во последните фази од трката за да му овозможат на Албон да го врати деветтото место.
ЛАНДО НОРИС ПОБЕДНИК ВО МОНТЕ КАРЛО
5/25/2025 12:47:00 PM
0
Share to other apps