Големата Награда на Емилија Ромања го отвора европскиот дел од сезоната, кој традиционално ќе биде прекинат со трка во Канада, и ќе заврши по летната пауза во средината на септември во Баку.
Европскиот дел од сезоната останува најдолг во Ф1 календарот. Во текот на следните четири месеци ќе видиме 10 трки, од кои првите три ќе бидат последователни, Имола, Монако и Шпанија. Преостанатите седум во текот на летото, со летна пауза во август.
Придружете ни се во нашата ВАЈБЕР група, најбрзиот начин да дојдете до информации поврзани со Формула 1 шампионатот.
СТРИМОТ ОД ТРКАТА ЌЕ БИДЕ ПОСТИРАН НА ВООБИЧАЕНИОТ НАЧИН ВО НАШИТЕ ВАЈБЕР И ТЕЛЕГРАМ ГРУПИ.
Минатата година, Големата Награда на Емилија Ромања исто така беше седма трка, и иако болидите останаа речиси исти, редоследот во рангирањето значително се промени.
Во тоа време, Ред Бул беше лидер во шампионатот на конструктори со над 100 поени предност пред Мекларен, тим кој на крајот ја освои шампионската титула кај конструкторите.
Сега ситуацијата е спротивна. Не дека се е одлучено, но шансите Мекларен да ги освои титулите и кај возачите, и кај конструкторите се многу големи. Ќе биде интересно да се види како тимот од Вокинг ќе се справи со менаџирањето на двајцата возачи кои имаат еднаква брзина.
Нема сомнение дека Пјастри и Норис ќе сторат се за да не ја пропуштат оваа можност, бидејќи следната година, кога ќе се променат прописите во Формула 1, можеби нема да има шанси.
Постои добро воспоставен стереотип дека тимскиот колега е главен ривал, а во случајот со возачите на Мекларен тоа навистина е случај. Зак Браун неодамна изјави дека неговите возачи дефинитивно ќе се борат за позиција, дека не е прашање на веројатност, туку на време.
Само тимските наредби може да ги контролираат, но малку е веројатно дека ќе ги слушаат наредбите кога посакуваната цел е толку блиску. И поранешното пријателство меѓу нив, како во времињата кога можеше само да се сонува за победи, повеќе нема да постои.
Ривалите ќе се обидат да им го отежнат животот на Мекларен, а Мерцедес АМГ, Ред Бул и донекаде Ферари подготвија нови елементи за нивните болиди за Имола со надеж дека ќе го намалат заостанувањето и ќе се борат за победа. Покрај тоа, Ферстапен има три победи по ред во Имола, додека неговите вистински ривали немаат ниту една.
Франко Колапинто го замени Џек Дуан во тимот на Алпин. Аргентинецот е штитеник на Бријаторе кој ја презеде и улогата на тимски шеф од оваа трка. Французите се надеваат дека следната ќе направат значаен напредок под негово водство.
Интересно е што токму на оваа патека Колапинто ја забележа својата прва и единствена победа во Формула 2 пред една година.
Патеката е мешавина од минато и сегашност, свиоци кои се поминуваат со голема брзина, заштитени со бетонски бариери, безбедносни зони со чакал кои не дозволуваат ни најмала грешка, современи гаражи, боксеви и падок објекти изградени кон крајот на 2000-тите. На кратко, тоа е место кое ја наградува посветеноста.
Имола е типична патека од типот "забрзај-сопирај". Две третини од кругот се возат со полн гас, така што моќниот мотор, одличните сопирачки и ефикасното управување со гумите на ладно време се трите главни состојки за успех во Имола.
Конфигурацијата се состои од средни и брзи свиоци пресечени со шикани, а потребата да се нападнат високите рабници ги принудува тимовите да направат компромис помеѓу мекоста на амортизицијата и нејзината стабилност при голема брзина.
Аеродинамиката е наместена за средно ниво на потисна сила. Насоката на движење е спротивно од стрелките на часовникот, како во Џеда, Баку, Остин, Интерлагос, Сингапур и Абу Даби.
Патеката е релативно тесна, што го отежнува претекнувањето и ги принудува тимовите да се фокусираат на стратегијата.
Пит-линијата во Имола е најдолгата од која било патека во Формула 1 во календарот, и движењето по неа со максимално дозволената брзина од 80 км/ч трае речиси 25 секунди.
Патеката има многу нерамнини, што го влошува проблемот со потскокнувањето на болидите од новата генерација.
На правците, сопирачките немаат доволно време за ладење, па тимовите мора да го подесат системот за нивно ладење на максимум за да избегнат проблеми во трката. Ако тоа не е случај последиците можат да бидат катастрофални, како што ни демонстрираа од тимот на Вилијамс.
Од ФИА повторно се решија само за една ДРС зона на патеката во Имола. Точката на мерење на интервалот помеѓу болидите е на 385 метри пред 17-от свиок, додека точката на активирање на задното крило е 60 метри пред 19-от свиок.
Трката ќе стартува во 15:00 часот, а дотогаш воздухот ќе се загрее до 24 степени са ќе дува слаб југо-западен ветер.
Емилија Ромања е домашен настан за Пирели. Оваа година компанијата овде се реши по прв пат да ја испроба C6, најмеката смеша во нивната понуда, што значи имаме еден чекор помеки смеши од минатата година.
Сепак, од стратегиска гледна точка нема некој избор, трка со едно застанување во бокс е единствената опција, бидејќи не е особено лесно да се претекнува на Имола и има голема загуба на време од 28 секунди, што е најголема во сезоната.
Така, давање приоритет на позицијата на патеката најверојатно ќе биде главен фактор при донесување на вистинската стратегија. Најбезбеден начин е да започне на жолтите гуми.
Овој избор овозможува најмногу опции бидејќи има широк пит-стоп прозорец, што дава можност возачот да се префрли на белите пневматици во вистинскиот момент.
Оние возачи кои сакаат пофокусирана стратегија би можеле да изберат да започнат со белите гуми, а потоа да се префрлат на жолтите, но втората опција е помалку флексибилна.
Како и обично, времето, а со тоа и реалните стапки на абење и деградација, ќе биде одлучувачки фактор при изборот на вистинскиот редослед на смеши.
Марио Изола, Пирели: "Оваа квалификациска сесија треба внимателно да се анализира во однос на однесувањето на гумите, бидејќи даде многу интересни сознанија."
"Сите беа заинтересирани да видат како ќе се покаже C6 смешата на квалификациите, споредувајќи ја со C5. Од првичните податоци и слушајќи ги непосредните коментари од тимовите и возачите, можеме да кажеме дека разликата во перформансите помеѓу двете најмеки смеши во понудата за 2025 година е релативно мала, што е и предвидено."
"Она што го видовме во саботата, е што патека не еволуираше многу во споредба со првите две тренинг сесии, а на возачите не им беше лесно да го извлечат целиот потенцијал од C6."
"Ова значеше дека некои возачи претпочитаа да се одлучат за C5, смеша што добро ја познаваат, со оглед на тоа што таа беше квалификациска гума за претходните две трки во Џеда и Мајами."
"Тие избраа да жртвуваат малку од грипот во замена за предноста што доаѓа од предвидливоста на гумата со која имаат повеќе искуство и повеќе податоци."
Патеката Енцо и Дино Ферари во Имола ќе биде домаќин на Ф1 трка по 32-ри пат. До 1980 година тоа беше Италијанско ГП, потоа 26 години на патеката се одвиваше ГН на Сан Марино, а потоа, по долга пауза, Големата Награда на Емилија Ромања.
Михаел Шумахер има најмногу победи во Имола, 7, меѓу тимовите, Вилијамс и Ферари по 8, а од производителите на мотори Рено и Ферари исто така по 8.
Стјуардите на Големата Награда на Емилија Ромања го казнија Франко Колапинто со губење на една позиција на стартот од денешната трка поради неправилности при излегување од неговата гаража кога квалификациите беа стопирани.
Јуки Цунода го уништи својот болид на квалификациите за Големата награда на Емилија Ромања. Во процесот на реконструкција на RB21 на јапонскиот возач, тимот на Ред Бул користеше нов кокпит и инсталираше некои компоненти со различна спецификација од оние на неговиот болид пред несреќата.
Ваквите замени се сметаат за прекршување на прописите за затворениот паркинг, па затоа Јуки Цунода ќе стартува од пит-линијата.
Покрај тоа, на болидот на Цунода му беше заменета и погонската единица.
Јуки доби нов мотор со внатрешно согорување, нова турбина, нови мотор-генератори MGU-H и MGU-K, нов уред за складирање на енергија, нова контролна електроника и нов издувен систем.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА ЕМИЛИЈА РОМАЊА
5/18/2025 11:33:00 AM
0
Share to other apps