Оскар Пјастри доминираше на Големата Награда на Шпанија, а Ландо Норис ја комплетираше двојната победа за Мекларен.
Макс Ферстапен беше на пат кон третото место, но Ред Бул постави бели гуми на неговиот болид за последните кругови од трката, полудувајќи го својот четирикратен шампион.
Чарлс Леклер се искачи на подиумот, а Нико Хулкенберг го освои одличното петто место. Први поени за Фернандо Алонсо, кој заврши деветти.
Трката беше обележана со деградација и различни стратегии. Оскар Пјастри ја контролираше трката во текот на целиот нејзин тек, но Макс Ферстапен успеа да го престигне Ландо Норис на стартот и се обиде со стратегија со три пит-стопа да ги предизвика болидите на Мекларен, но тие едноставно се недостижни.
Чарлс Леклер, во меѓувреме, имаше добро темпо и, на почетокот, изгледаше како да ќе биде првиот од оние што ќе останат надвор од подиумот. Но, безбедносното возило пристигна во последниот дел од трката, менувајќи сè.
Ред Бул ги изненади сите со тоа што му монтираше бели гуми на болидот на Ферстапен на само неколку круга пред крајот, за пад на 10-то место.
Оскар Пјастри требаше само внимателно да го доведе својот болид до целната линија, за да ја забележи својата седма победа во Формула 1, а Норис го направи истото за да ја обезбеди 1-2 победата за тимот од Вокинг.
Макс Ферстапен речиси да изгуби контрола врз РБ21 при рестартот и беше престигнат од Леклер, но имаше и дополнителни проблеми со Расел.
Холанѓанецот доби казна од десет секунди, со што на крајот од трката падна на десеттото место.
Џорџ Расел заврши четврти, пред Нико Хулкенберг, кој имаше спектакуларна трка, вклучувајќи го и престигнувањето на Луис Хамилтон во последниот дел со слични гуми.
Исак Хаџар заврши седми, пред Пјер Гасли и Фернандо Алонсо, кој успеа да комплетира добра тактичка трка и да ги освои првите поени во оваа сезона.
Деветта трка од 2025 Ф1 сезоната беше Големата Награда на Шпанија, каде на сила стапи најновата техничката директива на ФИА за флексибилност на предните крила, но тоа не влијаеше на перформансите на болидите, а Мекларен повторно доминираше на досегашниот тек од викендот.
За денешната трка, асфалтот на патеката Каталуња се загреа до 50 степени, а Пирели предвиде стратегии со две застанувања.
Оскар Пјастри имаше добар старт и ја задржа првата позиција по првиот свиок, но Ландо Норис беше изненаден од Макс Ферстапен, кој се искачи на второто место. Луис Хамилтон се пресели на четвртото место, а Чарлс Леклер на петтото, додека Џорџ Расел падна на шестото место.
Фернандо Алонсо, по блиските дуели со Исак Хаџар и Нико Хулкенберг, германецот напредуваше пет позиции, падна на единаесеттото место.
Во првите два круга Оскар Пјастри беше загрозен од Макс Ферстапен, но веќе во третиот Холанѓанецот мораше да се откаже од потерата и го намали темпото, откако се виде дека нема да има шанси за напад на првото место. Макс заостануваше дури три секунди додека трката влезе во седмиот круг.
Но и Ландо Норис, кој се најде зад него, ги менаџираше гумите и мораше да се оддалечи на безбедно растојание.
Возачите на Ферари беа во меѓусебна битка. Алекс Албон со оштетување на предното крило на својот Вилијамс уште од стартот, прв се упати по нови гуми. Во 10-от круг по нови гуми заминаа и Нико Хулкенберг и Карлос Саинц Јр..
Пневматиците на болидот на Макс Ферстапен започнаа да откажуваат во 12-от круг, по што Ландо Норис стигна во ДРС зоната, спремајќи се за напад на второто место.
Веќе во следниот круг Ландо Норис го комплетираше претекнувањето, а всушност Холанѓанецот не се ни обиде да се одбрани. Тоа беше знак за Ред Бул да го повика својот возач за замена на пневматиците. Макс се врати на патеката на осмото место.
Речиси во исто време, Фернандо Алонсо направи грешка во 5-от свиок и со кратка екскурзија низ чакалот загуби две позиции. Фернандо Алонсо се упати во бокс во 16-от круг, Луис Хамилтон во 17-от круг, а Чарлс Леклер во 18-от круг.
Оскар Пјастри и Ландо Норис реагираа откако Макс започна опасно да им се приближува. Макс се најде во водство и остана на патеката додека можеше да држи чекор со конкурентни времиња. А тоа не беше долг период.
Во 30-от круг, повторно се упати во бокс по нов сет на црвени гуми, по што стана јасно дека во Ред Бул се решиле за три пит-стопа со оглед дека РБ21 ги "јаде" гумите многу побрзо од останатите.
Тој на патеката излезе веднаш пред Луис Хамилтон и 18 секунди зад Оскар Пјастри, кој го врати водството. На половина од трката тој водеше со речиси пет секунди пред Ландо Норис и речиси десет секунди пред Чарлс Леклер.
Макс Ферстапен беше 12 секунди поназад, но беше многу брз со новиот сет на пневматици. Луис Хамилтон беше петти, а возачите на Мерцедес АМГ беа зад него.
Исак Хаџар беше лидерот на останатите и повторно беше на пат да има добра трка со болидот на Рејсинг Булс.
Макс Ферстапен, со извонредно темпо, го претекна Чарлс Леклер во 38-от круг и беше пет секунди зад Ландо Норис и осум секунди зад Оскар Пјастри.
Мекларен како да се исплашија од неговото темпо и им кажаа на своите возачи да го забрзаат ритамот, по што Холанѓанецот не можеше да ги стигнува со поголема разлика во времињата.
Во меѓувреме, Чарлс Леклер реши да го направи своето второ застанување во 41-от круг, Џорџ Расел во 42-от, Луис Хамилтон во 47-от круг, со лошо застанување од 4.9 секунди.
Возачите на Мекларенс останаа на патеката, а нивното темпо, како и разликата до Макс, се стабилизираа.
Во оваа ситуација, Холанѓанецот го направи својот трет пит-стоп во 48-от круг во потрага по "undercut" на Ландо Норис, но од Мекларен веднаш реагираа и Британецот влезе во бокс во следниот круг, и излезе веднаш малку пред својот ривал.
Очекувано, Оскар Пјастри, веднаш потоа, исто така влезе во бокс по нови гуми и незагрозен од никој се најде на првото место.
Од тој момент се чинеше дека трката е решена. На нешто повеќе од 15 круга преостанати, Оскар Пјастри имаше удобно водство од речиси три секунди пред Ландо Норис и четири секунди пред Макс Ферстапен, кој, пак, имаше предност од 12 секунди пред Чарлс Леклер и многу повеќе пред Џорџ Расел, Луис Хамилтон и Кими Антонели.
Но, сè се смени кога Кими Антонели мораше да го паркира својот Мерцедес АМГ покрај патеката поради механички проблем, по што безбедносното возило беше распоредено на патеката.
Пјастри, Норис, Ферстапен се упатија во бокс. Мекларените излегоа на црвените гуми, Макс на бели. Возачите на Ферари и Џорџ Расел зад него на цревените.
Трката беше рестартирана во 61-от круг, а Макс Ферстапен се најде во незавидна положба и имаше големо пролизгување на излезот од последниот свиок, што предизвика тој да ја загуби позицијата од Леклер.
Таа битка ја искористи и Џорџ Расел, принудувајќи го Холанѓанецот да ја искористи безбедносната патека покрај првиот свиок, излегувајќи пред британецот. По тимското радио беше советуван да ја врати позицијата, нешто со што тој не се согласуваше.
Во еден момент кога сите помисливме дека го пропушта болидот на Мерцедес АМГ, тој нагло забрза и дојде до контакт помеѓу двајцата. За овој чуден инцидент со Расел неколку круга подоцна, Макс доби казна од десет секунди.
Оскар Пјастри го контролираше рестартот и ја забележа седмата победа во Формула 1. Следуваа Ландо Норис и Чарлс Леклер со пласман на победничкиот подиум.
Џорџ Расел заврши четврти, а Нико Хулкенберг, откако го престигна Луис Хамилтон во последните кругови, заврши петти.
Исак Хаџар заврши седми, пред Пјер Гасли и Фернандо Алонсо, кои ги претекнаа Естебан Окон, Габриел Бортолето и Лиам Лосон во последните кругови и ја искористија казната на Ферстапен, кој што падна на десеттото место.
МЕКЛАРЕН СУПЕР БРЗ ВО ШПАНИЈА, НОВА ДВОЈНА ПОБЕДА
6/01/2025 12:03:00 PM
0
Share to other apps