Големата Награда на Шпанија ја затвора серијата од три последователни трки. Имола, Монте Карло и Каталуња. Следува двонеделна пауза, по која Ф1 карванот на кратко ќе скокне до Канада.
Долги години Шпанското ГП скоро секогаш беше петта трка во календарот. Тимовите секогаш ги планираа новите делови за оваа патека, идеална за проценка на нивната ефикасност.
Но, во календарот на тековната сезона, трката во Барселона е на 9-тото место, па веќе го имаме вториот или третиот бран на надградби на болидите.
За овој викенд беше закажано воведувањето на новата техничка директива (ТД) на ФИА околу флексибилноста на предните крила.
Многумина очекуваа некои промени во поредокот, но реалноста сите ги демантираше. Напротив, Мекларен како да ја зголеми својата предност уште повеќе.
ПРИДРУЖЕТЕ НИ СЕ ВО НАШАТА ВАЈБЕР ГРУПА, НАЈБРЗИОТ НАЧИН ДА ДОЈДЕТЕ ДО ВИСТИНСКИТЕ ИНФОРМАЦИИ ОКОЛУ Ф1 ШАМПИОНАТОТ.
КЛИК ТУКА ЗА ДА СЕ ПРИДРУЖИТЕ
СТРИМ ОД ТРКАТА, 15:00 МК, ЌЕ БИДЕ ПОСТИРАН НА ВООБИЧАЕНИОТ НАЧИН И ВО НАШИТЕ ВАЈБЕР И ТЕЛЕГРАМ ГРУПИ.
Каталуња се смета за референца за проценка на ефикасноста на болидите, вклучува различни типови на свиоци, од бавни, каде е важен механичкиот грип, до оние кои се поминуваат со голема брзина. Ако болидот е брз во Барселона, тој обично е конкурентен и на повеќето други патеки.
Повеќето бавни свиоци во Барселона се леви, повеќето брзи свиоци се десни. Оваа карактеристика на патеката води до фактот дека гумите на левата страна се трошат побрзо, а на десната страдаат од недоволно загревање.
Од 2023 година, конфигурацијата се промени, беше одлучено да се напушти шиканата додадена во 2007 година пред последниот свиок. За да се обезбеди безбедно поминување на последниот сектор без шиканата, неопходно беше да се зголемат безбедносните зони покрај свиоците 13 и 16.
Успехот на трката зависи од вештините на возачот за сплотување со неговата "машина" и наоѓање на оптималните поставки, секако со помош на своите инженери, за што поефикасен болид. Колку поголема потисна сила, толку е подобар резултатот.
Минатата година, Макс Ферстапен победи на шест од последните девет трки, но оваа сезона Ред Бул не е тимот што доминира, туку неговото место го зеде Мекларен.
Битката за Пол позиција, а највероајтно и за Победата ќе се одвива помеѓу Оскар Пјастри и Ландо Норис. Ќе биде интересна битката за последното место на подиумот, каде нема ништо да се знае до последниот круг.
За време на трката, 15:00 часот, воздухот на Каталуња ќе се загрее до 32 степени целзиусови со повремени облаци и јужен ветер до 19км/ч, без можност за врнежи за време на трката.
Што се однесува до интензитетот на календарот, претстои релативно мирен период, но не и за тимовите кои прават сè за да започнат ново и успешно поглавје во својата историја следната година со новите прописи.
Во следните дванаесет недели имаме пет трки пред нас и долга летна пауза, по што следи напнат крај на сезоната.
Пирели за Големата Награда на Шпанија која се состои од 66 круга како најбрза ја прогнозира стратегијата со два пит-стопа, но во игра може да биде и трето застанување за промена на гумите.
Ова се должи на високото ниво на абење и деградација, поради абразивниот асфалт и високоенергетските свиоци. Друга причина е фактот што не се губи толку многу време низ боксевите.
Црвените гуми имаат забележлива предност во брзината во однос на жолтите пневматици, но брзо се трошат. Белите гуми може да играат значителна улога.
Теоретски, најбрзиот начин да се комплетира трката е користење на комбинацијата од црвени-жолти-црвени гуми, опција која би работела најдобро и за тие што стартуваат поназад на гридот. Временскиот прозорец за промена на првите гуми е од 13-19 круг, додека втората замена помеѓу 42-от и 48-от круг.
Втората најбрза опција е црвени-жолти-бели, со прв пит-стоп помеѓу 10-16 круг и вториот од 32-38 круг. Други возможни варијанти се црвени-жолти-жолти и жолти-бели-црвени.
Опцијата со три застанувања во бокс е малку побавна но реално изводлива и може да се одвива по следниот редослед црвени-жолти-црвени-црвени. Возачите како Јуки Цунода кој има зачувано три нови сета од најмеките гуми може да се одлучат за оваа стратегија. Првото застанување во бокс ќе биде меѓу 10-12 круг.
Марио Изола, Пирели: "Патеката Каталуња е секогаш сериозен тест за перформансите на болидот и гумите. На квалификациите видовме дека еден тим како ги монополизира првите две места на табелата, но зад нив е многу тесно, и очекувам трката да го одрази тоа."
"Ќе биде фасцинантно да се види како тимовите ќе пристапат кон трка која секогаш става значителен притисок врз гумите. Стратегијата со две застанувања е речиси задолжителна, и мислам дека жолтите и црвените гуми ќе бидат најмногу во акција."
"Во петокот видовме дека белите гуми имаат тенденција премногу да лизгаат, а времињата по круг во споредба со оние на помеките гуми го одразуваат тоа."
"Три возачи, Леклер од Ферари и возачите на Хас, Окон и Берман, зачуваа два сета жолти гуми, со јасна цел да ги користат во трката. За оние што ќе стартуваат на црвените гуми, за да го искористат поголемиот нивни грип, првиот стинт треба да се продолжи најмалку до 12-тиот круг."
"Исто така, вреди да се напомене дека "undercut-от" е особено моќен на оваа патека."
"Температурите имаат големо влијание врз перформансите на гумите, како што видовме во последниот сегмент од кваификациите. Ненадејниот пад на температурата ја забрза патеката, што им се исплатеше на оние кои одлучија да го одложат последниот круг, колку што е можно повеќе."
Синоќа, тимот на Астон Мартин излезе со изненадувачко соопштение дека Ленс Строл нема да може да ја започне трката за Големата награда на Шпанија.
"Во последните шест недели, Ленс чувствуваше болки во раката и зглобот, што неговиот медицински советник го припишува на операциите на кои тој беше подложен во 2023 година."
"Како резултат на тоа, медицинскиот тим на Ленс потврди дека тој нема да учествува на трката и дека ќе треба да се подложи на тестови за да се решат овие проблеми пред да се фокусира на третманот."
Повредата за која станува збор, Канаѓанецот ја здоби во февруари 2023 година, поради што мораше да ја пропушти предсезонската тест сесија во Бахреин.
Потоа беше заменет од Фелипе Другович, резервниот возач на тимот. Астон Мартин не прецизираше колку долго Строл ќе треба да се лекува или кога ќе може да се врати на акција.
Со оглед на правилото дека возач кој не учествувал на нити една сесија, не може да се натпреварува на трката, тимот на Астон Мартин ќе има само еден болид на Големата Награда на Шпанија
По завршување на квалификациите, Ленс Строл требаше да ги посети стјуардите за Големата награда на Шпанија, поради тоа што возачот на Астон Мартин ја прекрши постапката за мерење на тежината.
Рочиштето беше закажано за 17:45 часот, но неколку часа подоцна сè уште немаше пресуда од стјуардите. Наместо тоа, ФИА го објави конечниот квалификациски поредок со забелешка дека истрагата за Строл е одложена поради непредвидени околности.
Официјалната одлука на стјуардите е ОПОМЕНА. Тие имаа неколку опции за казни, но решиле да го прифатат објаснувањето на тимот дека Ленс Строл имал потреба од итна медицинска помош. Во спротивно, вообичаената казна за ваков прекршок е дисквалификација и исклучување од квалификацискиот редослед.
Според правилата, освоената П14 стартна позиција ќе остане празна на стартот од трката.
Во тимот на Ред Бул решија да го заменат задното крило на болидот на Јуки Цунода со крило со нова спецификација и да ги променат поставките на неговиот РБ21. Како последица на ова, Јапонецот ќе мора да стартува од пит-линијата.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА ШПАНСКОТО ГРАН ПРИ
6/01/2025 11:00:00 AM
0
Share to other apps