Недела е ден за трка! Три недели без Формула 1 сигурно беа многу долги за фановите. Можеби многу кратки за тимовите што подготвуваа нови елементи на болидите пред летната пауза.
На прагот сме на уште една трка, и тоа не било каква. Големата Награда на Белгија, која се вози на СПА-Франкоршамп, една од иконските патеки во календарот. Викендот одминува во Спринт формат, кој предизвика дополнителни тешкотии за инженерите.
Следната недела е трката за Големата Награда на Унгарија, непосредно пред почетокот на летната пауза за време на која фабриките на тимовите ќе мора задолжително да ги затворат своите врати на најмалку две недели.
Мекларен донесе нов под, во Ферари имаат комплетно нова задна амортизација. Ред Бул и Мерцедес АМГ не можат да бидат изоставени. Донесоа повеќе нови елементи.
ПРИДРУЖЕТЕ НИ СЕ ВО НАШАТА ВАЈБЕР ГРУПА, НАЈБРЗИОТ НАЧИН ДА ДОЈДЕТЕ ДО ВИСТИНСКИТЕ ИНФОРМАЦИИ ОКОЛУ Ф1 ШАМПИОНАТОТ.
КЛИК ТУКА ЗА ДА СЕ ПРИДРУЖИТЕ
СТРИМ ОД ТРКАТА, 15:00 МК, ЌЕ БИДЕ ПОСТИРАН НА ВООБИЧАЕНИОТ НАЧИН, И ВО НАШИТЕ ВАЈБЕР И ТЕЛЕГРАМ ГРУПИ.
СПА е секогаш една од најочекуваните трки. Тоа е една од ретките патеки со јасни места за престигнување, но е исто така многу брза и претставува вистински предизвик за возачите. Една од оние трки што не треба да се пропушти во календарот.
Ова е првата трка од втората половина на 2025 шампионатот, иако многумина ја сметаат летната пауза за половина од сезоната.
Но, пред паузата, ќе бидат возени 14 трки, а по неа ќе останат само десет, и јасно е дека во оваа втора половина, повеќето тимови мора да ја заборават 2025 година и да се фокусираат само на 2026 година.
Нашата љубопитност се фокусира на две работи. Првата е борбата за титулата помеѓу Оскар Пјастри и Ландо Норис. Втората е борбата помеѓу Ферари и Мерцедес АМГ за второто место во конструкори. Малкумина веруваат дека Ред Бул може да влезе во борбата затоа што има само еден возач.
Дури се чини логично дека Ферари ќе победи затоа што Мерцедес АМГ е непостојан, но пред сè затоа што дуото Леклер-Хамилтон е посилно од парот Расел-Антонели. Зад воланот, возачите се под притисок.
Карлос Саинц Јр. мора да почне да придонесува повеќе поени за Вилијамс, истото мора да го стори и Франко Колапинто, ако сака да го обезбеди своето место за 2026 година.
Ова е една од неколкуте патеки кои ја задржаа магијата на нивниот оригинален изглед и преку новиот, модернизиран и скратен распоред, благодарение на своите легендарни делови како Eau Rouge, Pouhon и Blanchimont.
Патеката во СПА-Франкоршамп беше подложена на сериозна реконструкција, па познатата вила во Eau Rouge, со прекрасен поглед на тркачката патека, мораше да се сруши, се наоѓаше на локација што беше одлучено да се ослободи за да се прошири безбедносната зона.
Во последните години тука имаше неколку сериозни инциденти, еден од нив беше смртта на Антоан Хуберт во 2019 година. Но, и по зголемување на безбедносните аспекти, трагичните настани не сопреа.
Патеката останува особено опасна за возење при дожд и намалена видливост од прскањето на болидите. Затоа стјуардите и тркачкиот директор на Ф1 трките не дозволуваат одржување на сесиите и при најмала опасност по возачите.
Искачувањето преку Eau Rouge до облаците надвиснати над дрвјата од шумите на Ардените е една од повеќето незаборавни глетки во овој мотоспорт. СПА-Франкоршамп се карактеризира со долг круг од седум километри, кои се поминуваат со голема брзина, големи промени на елевацијата, брзи свиоци и променливи временски услови.
Белгиското Гран При е трка каде што може да се случат многу неочекувани пресврти, со висока шанса за безбедносното возило, до неочекувана промена на времето, па стратегија на тимовите е многу значајна, т.е. нивната способност да ги прочитаат овие услови и да реагираат најбрзо што можат.
СПА-Франкоршамп, го претставува најтешкиот тест за погонските единици во сезоната. Времето поминато под полн гас е на нивото на Монца, но свиоците и промената во елевацијата ја зголемуваат нивната оптовареност.
Статистички гледано, Пол позицијата не е многу значајна на оваа патека, бидејќи таа е една од најлесните во календарот кога претекнување е во прашање, а тоа, исто така, е важен фактор при избор на тркачката стратегија.
Eau Rouge и Raidillon се едни од најпознатите свиоци во Формула 1, но предизвикот за нивно минување се менуваше со годините. Со сегашната генерација на болиди, тие практично се поминуваат без пуштање на педалот за гас, што значи дека реално имаме дво-километарски правец до Les Combes свиокот. Сепак, и тоа не е лесна задача, кога имаме исклучително големо оптоварување за амортизацијата на болидите.
Првиот и третиот сектор на СПА побаруваат голема моќност од ПЕ и мал отпор на болидите. Спротивно на тоа, вториот сектор е бавен, со голема побарувачка за потисна сила, и всушност може да се спореди со Монако во некои аспекти. Ова создава голема главоболка за инженерите и нивниот компромис при подесувањето на болидите.
Трката за Големата Награда на Белгија се состои од 44 круга и секогаш е комплицирана за предвидување на стратегијата, поради најдолгиот и најпроменливиот круг во сезоната, со непредвидливи временски услови и голема веројатност за излегување на безбедносното возило.
Од Пирели како најбрза на хартија ја предвидуваат стратегија со две застанувања во бокс.
Досега временските услови беа одлични, но за денешната трка имаме најава на дожд.
Старт на трката на црвените гуми е најефикасен пристап кај стратегијата со два пит-стопа, проследено со два стинта на жолтите гуми.
Ова може да ја загрози позицијата на патеката, но може да биде добра опција за брз болид ако има излегување на безбедносното возило, или пак деградацијата на најмеката смеша е доста висока.
Втора опција е трка со едно застанување за промена на гуми. Тие што се нежни кон своите пневматици, тим како Мекларен, може да се обиде со црвени, па жолти пневматици. За останатите подобра опција е жолти, па бели гуми за крај на трката.
Но, се ова ако нема дожд. Доколку имаме влажна патека, имаме само една варијанта, а тоа се зелените интермедија гуми. Сините за посилен дожд не се опција, бидејќи ако имаме пороен дожд, нема да гледаме нити трка.
Марио Изола, Пирели: "Многу напорна сабота, како што е секогаш случај на спринт викендите. Од кратката трка, успеавме да собереме многу корисни информации за тоа како се однесуваа жолтите гуми, која ја користеа повеќето возачи."
"Деградацијата беше фактор, очигледно бидејќи оваа патека е многу тешка за гумите, но дефинитивно не беше драматична, особено затоа што немаше појава на грејнинг, нешто што веќе го забележавме на тренинг сесијата."
"Што се однесува до стратегијата, првото нешто што треба да се земе предвид е дека прогнозата е за голема веројатност за дожд. Затоа, хипотетичките сценарија се многубројни, во секоја смисла на зборот."
"Ако имаме сува патека со температури на асфалтот, значително пониски од досегашниот тек на викендот, црвените и жолтите гуми ќе бидат најконкурентни."
"Бидејќи нема толку голема разлика помеѓу едно застанување и две застанувања во бокс, можна е секоја комбинација на црвените и жолти пневматици. Но, тоа не значи дека одлуката да се донесе најтврдата смеша беше грешка, бидејќи ако го задржавме истото трио како минатата година, едното застанување ќе беше значително побрзо."
"Исто така, мора да се има предвид дека престигнувањето на оваа патека не е толку лесно, како што можеше да се види на Спринтовите во Ф1, Ф2 и Ф3, кога се формираа ДРС-возови од болиди."
"Ова значи дека стартот, а особено првиот сектор во првиот круг, треба да направи разлика, а заветрината може да игра важна улога. Ако трката започне на сув асфалт, но со закана од дожд, се се менува..."
Трката започнува во 15:00 часот, кога температурата на воздухот ќе достигне до 17 степени со облачно небо и со слаб северозападен ветер. Веројатноста за врнежи за време на трката е над 60%.
Пред почетокот на Големата Награда на Белгија, на тројца возачи им беа заменети компонентите на погонската единица.
Луис Хамилтон, Фернандо Алонсо и Кими Антонели добија нов мотор со внатрешно согорување, нова турбина, нови мотор-генератори MGU-H и MGU-K.
Покрај тоа, Ферарито на Хамилтон доби нова единица за складирање на енергија, нова контролна електроника, нов издувен систем и променети поставки на амортизацијата.
Правилата на затворениот паркинг беа прекршени за да се направат промените, па Хамилтон, Алонсо и Антонели ќе ја започнат трката од пит-линијата.
Карлос Саинц Јр. се придружи на списокот на возачи кои ќе стартуваат од пит-линијата.
Возачот на Вилијамс ги измени механичките и аеродинамичните поставки на својот болид, со што го прекрши правилото на затворен паркинг. Како казна, ќе стартува од пит-линијата.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА БЕЛГИСКОТО ГРАН ПРИ
7/27/2025 10:56:00 AM
0
Share to other apps