Овој викенд, 5-7 Септември, патеката Брно ќе биде домаќин на последната трка од Ф4 ЦЕЗ Шампионатот (Централно Европска Зона).
Исто како и минатата година, шампионската титула ќе се одлучува на оваа трка, овој пат помеѓу тимските колеги од Јенцер Мотоспорт, Џино Трапа и Макс Кархан.
Трапа води пред Кархан со 35 поени, што му дава малку поудобна позиција. Сепак, со максимални 75 поени кои сè уште се во игра за време на викендот и ништо не е конечно решено.
Интересно е што во овој шампионат рамноправно учествуваат и жени. На стартниот грид ќе има четири женски возачи.
Но, трките во Брно за нас не се интересни од натпреварувачки аспект, туку поради настапот на Македонскиот возач, Стефан Тренески.
Тимот што му даде шанса за настап е Јаник Моторспорт и ќе настапи со два болиди, еден за Давид Горчица и еден за Стефан Тренески, кој победник на Ф4 ЦЕЗ Академијата за млади возачи.
Стефан го имаше своето деби во Формула 4 на претходната трка во Словачка.
Квалификациите започнуваат во петок во 17:10 часот. Првата Трка се одржува во сабота во 11:25 часот, а преостанатите две трки се закажани за недела во 10:10 и 15:00 часот.
Натпреварот во Академијата за млади возачи на Ф4 ЦЕЗ, започна кон крајот на зимата, а заврши на минатата трка на Словакија Ринг.
Финалната борба помеѓу Лукаш Хулик и Стефан Тренески на крајот ја доби Тренески, по што тој доби шанса за пробен настап на последните две трки од 2025 шампионатот.
"Моето деби во Формула 4 во Словачка беше остварување на еден сон. На почетокот бев нервозен бидејќи сè ми се чинеше ново, брзината, потисната сила, прецизноста што се бараше."
"Но, како што одминуваше викендот, мојата самодоверба се зголеми. Едноставо уживав во секој круг, се бодрев себеси и сфатив дека припаѓам тука."
Неговите резултати ќе се во втор план на овие две тест трки, но талентот се покажува на овие тешко добиени шанси. Сега или Никогаш.
Од 19 возачи, тој се квалификуваше на 17-тата стартна позиција, и својата прва трка во Ф4 ја заврши на истата позиција.
Во втората трка, тој повторно се пласираше на 17-то место, а во Третата Трка се подобри на 13-то место, добивајќи неочекувана шанса, по испаѓањето на неколу болиди, да се бори за последното место кое носи поени.
Штом Тренески излезе од Ф4 болидот, тој веднаш се префрли на многу поинаквата машина во Твинго Купот, каде што освои трето и второ место.
"Дефинитивно не е лесно да се адаптираш помеѓу овие два сосема различни шампионати. Формула 4 болидот бара прецизност и агресивност, додека автомобилот од Твинго Купот има помала моќност и е се за блиско тркање."
Во Брно, Стефан ќе се натпреварува и во Твинго Купот и во Формула 4.
После тоа доаѓа зимската пауза, за време на која тој ќе продолжи да го брка својот сон да стане професионален возач.
"Освојувањето на Ф4 ЦЕЗ Академијата ми даде можност од соништата да изградам пат кон Формула 1 и планирам да го искористам максимално. Сега кога го пробав вкусот на Формула 4, станав гладен за многу повеќе. Ќе ме гледате како рамноправен учесник на 2026 Ф4 ЦЕЗ шампионатот и ќе го дадам својот максимум, и повеќе од тоа, за да се борам за победи."
СТЕФАН ТРЕНЕСКИ ГИ ПРАВИ ПРВИТЕ ЧЕКОРИ КОН ФОРМУЛА 1 ШАМПИОНАТОТ
9/04/2025 09:22:00 PM
0
Share to other apps






