Ландо Норис го имаше својот најдобар настап во исклучително тешки услови, обезбедувајќи ја Пол позицијата за Големата Награда на Лас Вегас.
Британецот го победи Макс Ферстапен за три десетинки, а Карлос Саинц Јр. имаше брилијантен круг за третата стартна позиција.
Во ден кога беше многу лесно да се прават грешки, Ландо Норис беше беспрекорен. Покрај тоа, ова не беше патека која одговара за неговиот Мекларен, но тој сепак беше брз на влажниот асфалт на улиците во Лас Вегас. Ова е шеснаесеттата пол позиција на британецот во Формула 1.
Карлос Саинц Јр. добро се снајде со неговиот Вилијамс, откако неговиот тимски колега имаше судир со бариерите на крајот од Q1 сесијата.
Шпанецот заврши само 39 илјадити делови од секундата зад Ферстапен, кој ќе му прави друштво на Норис на првиот стартен ред.
Норис и Ферстапен се возачите во најдобра форма во шампионатот, а тоа беше очигледно во клучниот момент од Q3, кога останаа апсолутно смирени додека Оскар Пјастри повторно греши.
Австралијанецот заврши петти, што дополнително ја комплицираше неговата борба за шампионската титула, откако беше многу конкурентен во Q1 и Q2, кои се возеа со гуми за дожд. Да, ги видовме во акција гумите на Пирели за дожд!
Џорџ Расел ќе му се придружи на Карлос Саинц Јр. на вториот стартен ред, но тоа може да се смета за неуспех по остварување на најбрзите времиња во првите два сегменти од квалификациите.
Неговиот тимски колега, Кими Антонели, не можеше да ја помине Q1 сесијата и утрешната трка ќе ја стартува од 17-тата позиција.
Разочарувањето на денот очигледно беше Ферари, чии возачи повторно не може да се снајдат на влажна патека. Чарлс Леклер немаше темпо за да биде конкурентен во Q3 и ќе стартува само деветти, додека работите беа уште полоши за Луис Хамилтон, кој ќе стартува последен.
"Не можев да ги активирам гумите", објасни британецот, кој сепак треба да го има потребното искуство за да се справи со условите на патеката и притисокот на последните секунди...
Вреди да се напомене дека меѓу тимовите што се борат за шестото место во Шампионатот на конструктори се двојниот финиш во Q3 за Рејсинг Булс, Лиам Лосон шести и Исак Хаџар осми, разделени од Фернандо Алонсо, и десеттата позиција за Пјер Гасли со Алпин.
Од викендот останува уште трката за Големата Награда на Лас Вегас која е закажана за 5:00 часот по Македонско време.
ПРИДРУЖЕТЕ НИ СЕ ВО НАШИТЕ ВАЈБЕР И ТЕЛЕГРАМ ГРУПИ, НАЈБРЗИОТ НАЧИН ДА ДОЈДЕТЕ ДО ВИСТИНСКИТЕ ИНФОРМАЦИИ ОКОЛУ Ф1 ШАМПИОНАТОТ.
ВАЈБЕР - КЛИК ТУКА ЗА ДА СЕ ПРИДРУЖИТЕ
ТЕЛЕГРАМ - КЛИК ТУКА ДА СЕ ПРИДРУЖИТЕ
СТРИМ ОД ТРКАТА ЗА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА ЛАС ВЕГАС, 05:00 МК ЌЕ БИДЕ ПОСТИРАН НА ВООБИЧАЕНИОТ НАЧИН НА НАШИОТ БЛОГ, КАКО И ВО НАШИТЕ ВАЈБЕР И ТЕЛЕГРАМ ГРУПИ.
Не сите беа во можност да се подготват за квалификациите за време на тренинг сесиите.
Асфалтот беше премногу "зелен" на првиот, црвените знамиња се појавија на вториот, повтрорно поради лабав капак од канализациона шахта, а третиот тренинг се одржа на патека што се сушеше.
Условите постојано се менуваа, и ако минатата година возачите на Мерцедес АМГ водеа на тренинзите, овој пат имаше тројца лидери, Леклер и Норис во петокот и денес Џорџ Расел.
Дождот што почна еден час пред квалификациите, ја фрли коцката во најкоцкарскиот град на светот.
Врнеше обилно, па патеката беше целосно влажна за почетокот на Q1 сесијата со температури околу 13 степени Целзиусови.
Фернандо Алонсо беше првиот возач кој излезе на патеката, користејќи сини гуми за дожд. Заедно со него, уште тројца возачи, Ленс Строл, Габриел Бортолето и Оскар Пјастри, исто така беа на истите пневматици, додека останатите се одлучија за интермедија гумите.
Првото време, 2:03.249, беше забележано од возачот на Астон Мартин. Патеката беше исклучително лизгава. Ландо Норис по тимското радио рече дека не може да го задржи својот болид на патеката. Зелените гуми беа лош избор!
За само неколку минути, сите возачи влегоа во боксот за да се префрлат на сините гуми за екстремно влажни услови.
Фернандо го намали своето време за повеќе од две секунди во вториот мерен круг, но Ленс Строл беше побрз и комплетираше кругот со време од 2:00.067.
Секако, патеката значително се подобруваше во текот на сесијата и се очекуваше дождот целосно да престане кон крајот на Q1.
По половина од сесијата, Фернандо Алонсо забележа време од 1:57.669 и повторно го презеде водството, следен од Џорџ Расел една десетинка зад него и Пјер Гасли повеќе од секунда зад нив.
Возачите имаа тешки моменти, патеката беше незгодна и добар круг беше вистински погодок да се направи.
Сепак, кон крајот од сесијата, во спектакуларни последни неколку секунди, сите фаворити успеаја да забележат добри времиња и да избегаат од зоната на елиминација.
Џорџ Расел беше најбрз, а по него беа Ферстапен и возачите на Астон Мартин.
Алекс Албон, кој имаше контакт со заштитните бариери во последниот круг, додека имаше виолетовиот прв сектор, беше првиот што беше елиминиран.
Заедно со него, крај на квалификациите беше и за Кими Антонели, Габриел Бортолето, Јуки Цунода и Луис Хамилтон на последното место. Мерцедес АМГ, Ред Бул и Ферари продолжија со самоеден возач во битката за пол позицијата!
Q2 сесијата започна со мало задоцнување, за да се исчистат остатоците од судирот на Албон во бариерите. Дождот престана, но асфалтот беше сè уште многу влажен и лизгав.
Ландо Норис беше првиот што се нареди на пит-линијата. Сите возачи стартуваа со сините гуми, но овој пат имаше мешавина од нови и употребени сетови.
Првото време беше 1:53.302 за британецот во тимот на Мекларен. Ленс Строл брзо потврди дека Астон Мартин се покажува добро во овие услови, забележувајќи време од 1:52.850 и привремено преземајќи го водството.
Кратко потоа, Макс Ферстапен постави време од 1:52.693, а Оскар Пјастри, 1:52.680. Карлос Саинц Јр. имаше време од 1:52.770.
Ленс Строл беше првиот што реши да ризикува и да премине на залените интермедија гуми. Сите очи беа вперени во него. Во тие последни минути, Џорџ Расел повторно извози извонреден круг, завршувајќи на првото место со време од 1:50.935.
Исак Хаџар заостана една десетинка, Карлос Саинц Јр. две зад британецот во тимот на Мерцедес АМГ.
Коцкањето на Ленс Строл не се исплати и тој не успеа да го подобри своето време поставено на сините гуми. Тој го имаше дванаесеттото најбрзо време, зад Хулкенберг, но пред Окон, Берман и Колапинто. Канаѓанецот беше единствениот возач кој премина на зелените гуми.
Асфалтот за последната Q3 сесија беше на границата помеѓу сини и зелени гуми.
Чарлс Леклер беше првиот што се нареди на излез од пит-линиата, и ги одбра зелените интермедија гуми. Кратко потоа, сите возачи излегоа од своите гаражи и не беа во двоумење дека зелените гуми се вистинскиот избор за напад на пол позицијата.
Карлос Саинц Јр. повторно покажа одлична брзина од самиот почеток, преземајќи го водството во својот прв обид со време од 1:50.880. Секако, имаше многу простор за подобрување од почетокот до крајот, како во однос на условите на патеката, така и во однос на подобрениот осет за интермедија гумите.
Времињата започнаа забрзано да се намалуваат, и покрај вообичаените тесни ситуации што ги доживеаа неколку возачи.
Во последните неколку минути, кога требаше да се биде или не, Ландо Норис со добро испланиран настап и дополнителен круг во однос на своите ривали, уште еднаш покажа дека по летната пауза се промени кон подобро.
Тој, во најважниот момент од викендот, извозе круг од 1:47.934, победувајќи го Макс Ферстапен за три десетинки од секундата и обезбедувајќи ја својата шеснаесетта пол позиција во Ф1.
Макс Ферстапен за само 39 илјадити делови од секундата го победи Вилијамсот на извонредниот Карлос Саинц Јр. за првиот стартен ред.
Друштво на вториот ред на Шпанецот ќе му прави Џорџ Расел, а Оскар Пјастри ќе стартува од петтата позиција.
Фер е да споменеме, дека Австалијанецот, при крајот се најде во лоша позиција поради жолтите знамиња предизвикани од излетувањето на Чарлс Леклер, но и самиот имаше екскурзија низ безбедносната зона за излетување.
Лиам Лосон ги заврши квалификациите на шестото место, пред Фернандо Алонсо, Исак Хаџар, Чарлс Леклер и Пјер Гасли, кој успеа да го протне својот Алпин во топ 10 пласман.
ЛАНДО НАЈДОБРО ВЛОЖИ НА РУЛЕТ МАСАТА ВО ЛАС ВЕГАС
11/21/2025 11:44:00 PM
0
Share to other apps










