На првата тест сесија во Бахреин, повторно беа ставени на тест новите правила и прописи во Формула 1 шампионатот.
Повторното присуство на медиумите на патеката и можноста за следење на времињата во живо овозможи, за прв пат, вистинска проценка на перформансите на секој тим на патеката.
Немаше време за губење. Иако предсезоната е подолга од вообичаеното, логична последица на длабоките регулаторни промени, секој круг е важен.
Макс Ферстапен го знаеше ова и не се двоумеше, па тој беше првиот што излезе на патеката, означувајќи го почетокот на првиот тест ден. Кратко потоа, останатите возачи го следеа примерот.
Она што привлече најголемо внимание во утринскиот дел од сесијата, несомнено беа надградбите на инженерите на Ауди кои ги редизајнираа страничните отвори за ладње.
Дури и пред почетокот на предсезонските тест сесии, беше познато дека ќе има значителни разлики помеѓу болидите видени во Барселона и оние што ќе дебитираат во Австралија.
Големо внимание беше насочено кон Вилијамс. Нивното отсуство од Барселона остави прашања за перформансите на нивниот болид.
Но, денес, Карлос Саинц Јр. имаше солиден почеток со комплетирани 77 круга на патеката Сакир. Во попладневниот дел од сесијата, кога Алекс Албон го презеде воланот на FW48, беа собрани многу податоци за анализа.
Астон Мартин исто така беше во центарот на вниманието, и се чини дека пораката за трпение се однесува и на оваа тест сесија во Бахреин.
Ленс Строл излезе на патеката и комплетираше 33 круга, но, потребна е многу поголема километража.
Единственото развејување на црвените знамиња во утринскиот дел беше кога болидот на Алпин, зад чиј волан беше Франко Колапинто, застана на патеката. Откако инцидентот беше решен, Колапинто успеа да продолжи со возење и продолжи да "билда" километража, иако со побавно темпо од неговите ривали.
Првичните времиња, кои секогаш даваат одредени репери, се во втор план, и она што е најважно е да се акумулира километража, да се тестира издржливоста на погонските единици и да се зацврстат техничките концепти.
Првото утро во Бахреин послужи за воспоставување на почетните темели на предсезоната, а наредните денови ќе бидат клучни за комплетирање на адаптацијата на тимовите кон новите прописи и да се почне со гледање на вистинската хиерархија на стартниот грид.
По паузата за ручек, акцијата се врати на патеката Сакир по утрото исполнето со интензивна работа. Амбиенталната температура беше 31 степен Целзиусов и 37 на асфалтот.
Повторно, Макс Ферстапен беше првиот што излезе на патеката на жолтите гуми, следен од Естебан Окон на црвени гуми.
Кратко потоа, Ландо Норис го презеде Мекларенот од Оскар Пјастри, започнувајќи ја својата програма за адаптација и собирање податоци.
Чарлс Леклер, исто така, се приклучи на акцијата со Ферари, SF-26 на црвени гуми, додека Ферстапен и Окон продолжија да комплетираат кругови по продуктивното утро.
Активноста се зголеми со пристигнувањето на повеќе болиди. Серџо Перез го имаше своето деби во Бахреин со болидот на Кадилак, откако Валтери Ботас комплетираше 49 круга во утринската сесија.
Ферстапен, во меѓувреме, веќе имаше комплетирано 80 круга, значителен број за првиот тест ден.
Астон Мартин го врати AMR26 на патеката со Ленс Строл, но Канаѓанецот се врати во гаражата по само три круга и го напушти болидот, знаејќи дека проблемот со кој се соочуваат е доволно сериозен што нема да може повторно да излезе во акција на патеката.
Аудито на Нико Хулкенберг застана во вториот сектор, што предизвика второ развејување на црвените знамиња. Кога беа развеани зелените знамиња, имаше нешто повеќе од два часа преостанати за возење.
Не сите тимови можеа да продолжат. Рејсинг Булс ја завршија својата програма за денот поради проблеми со издржливоста. Арвид Линдблад комплетираше 75 круга наутро, со најдобро време од 1:37.945.
Во последните часови од сесијата, времињата почнаа да се намалуваат. Ферстапен, кој веќе имаше комлетирано повеќе од 100 круга, го намали своето најдобро време на 1:34.830.
Леклер одговори со искачување на третото место со 1:35.959. Норис исто така се подобри и се искачи на второто место, седум и пол десетинки зад Холанѓанецот.
Битката за првото место продолжи да се интензивира. Норис се подобри уште повеќе со време од 1:34.669, победувајќи го Ферстапен за само 161 илјадити дел од секундата за преземање на врвот на табелата во тој момент.
Леклер дополнително се подобри со време од 1:35.190, обезбедувајќи му го привременото трето место. Во меѓувреме, Окон стигна до 100 круга, единствениот што го направи тоа заедно со Ферстапен, и постигна време од 1:35.578 што го пласираше на четвртото место во генералниот пласман за денот, потврдувајќи ја силата на програмата на Хас.
На крајот од денот, Ландо Норис беше најбрзиот возач на првиот тест ден во Бахреин, додека Макс Ферстапен беше најактивен, комплетирајќи вкупно 134 круга.
Овој интензивен почеток, по она што го видовме во Барселона, почнува да воспоставува некои референтни времиња на кругови и покажува знаци на добра издржливост.
ЛАНДО НОРИС НАЈБРЗ, МАКС ФЕРСТАПЕН НАЈАКТИВЕН ВОЗАЧ ВО БАХРЕИН
2/12/2026 02:50:00 AM
0
Share to other apps







