Ферари на последната предсезонска тест сесија во Бахреин ќе настапи со голема техничка надградба на својот SF-26, вклучувајќи нова погонска единица, аеро прилагодувања и потенцијални промени во менувачот.
Откако поминаа илјадници километри без значителни проблеми, Ферари сега се обидува да ги потврди перформансите и издржливоста пред почетокот на шампионатот, среде тековните технички дискусии кои би можеле да имаат регулаторни импликации.
SF-26 покажува дека развојната програма сè уште не го достигнала својот максимум на перформанси и покрај досегашните супер резултати.
Поминати 4.300 километри без структурни дефекти на моторот кој ја носи ознаката 067/6. Единствениот инцидент што вреди да се забележи беше неговото гаснење во последните фази од тест сесијата во Бахреин, кога што Луис Хамилтон беше на симулација на трка.
Фред Васер, објасни дека тоа било поврзано со проверка на потрошувачката на гориво, наменета да се гарантира задолжителниот литар гориво што го бара ФИА по секоја трка.
Потрошувачка на гориво била малку повисока од проектираната во симулациите, податоци што тимот ги смета за вредни за усовршување на моделите за предвидување пред тркачките викенди.
Во меѓувреме, одделот за погонска единица, предводен од Енрико Гуалтиери, ќе го подложи користениот мотор на детална анализа на абење, додека нов мотор ќе се користи во следната сесија.
Техничкиот фокус не е само на согорувањето. Енергетската стратегија усвоена за овој болид, базирана на пократки степени на пренос и употреба на специфични развојни елементи што ги зголемуваат вртежите на моторот за да се оптимизира одзивот на турбополначот, значително ги зголемува механичките оптоварувања на целиот менувач.
Поради оваа причина, Ферари размислува за воведување на нов менувач и евалуација на можни структурни засилувања за да се ублажи ризикот од замор или кршење. Оваа загриженост не е единствена за тимот од Маранело, бидејќи неколку тимови го следат однесувањето на нивните менувачи.
Добиените податоци од тест сесиите сугерираат дека менувачот би можел да биде во главна улога во однос на перформансите.
Кај Ферари, во срцето на оваа филозофија лежи дизајнерска одлука да се користи помала Honeywell турбина во споредба со другите архитектури на конкуренцијата.
Овој пристап има за цел да го намали доцнењето во испораката на енергија и да ја ограничи зависноста од MGU-K за време на забрзувањето, зачувувајќи ја електричната енергија за деловите со голема брзина.
Oваа конфигурација влијае и на процедурите за стартување. Симулациите спроведени во Бахреин покажуваат дека на системот му се потребни приближно десет секунди за турбополначот да почне да функционира преку континуирано зголемување на вртежите на моторот.
Турбополначите со поголем дијаметар бараат повеќе време, фактор што би можел да создаде оперативни разлики на стартниот грид во зависност од позицијата на секој болид.
Овој технички аспект веќе предизвика јавна и внатрешна дебата помеѓу тимовите. Андреа Стела, Мекларен, веќе ја покрена можноста за преиспитување на постапката од безбедносни причини, со оглед на теоретскиот ризик болидот да заглави во критичниот момент на стартување.
Ферари не се согласува на регулаторни промени во оваа област, убедени дека нивното техничко толкување претставува легитимна предност.
Прашањето ќе биде анализирано на следниот состанок на Комисијата на Формула 1, каде што ќе се дискутираат неколку технички области.
Во меѓувреме, Ферари продолжува да го дотерува својот најнов болид и има за цел да ја започне сезоната со солидна основа и вистински простор за развој.
ФЕРАРИ СО СЕРИОЗНИ НАДГРАДБИ НА БОЛИДОТ
2/16/2026 10:22:00 PM
0
Share to other apps



