Џорџ Расел повторно го победи Кими Антонели за Пол позицијата за Големата Награда на Канада.
Мерцедес АМГ обезбеди уште еден прв стартен ред, а возачите на Мекларен повторно ќе стартуваат од вториот.
Првите пет позиции се потполно исти како и во спринт квалификациите, но најинтересно е што разликата помеѓу Расел и Антонели беше потполно иста, 68 илјадити делови од секундата.
Надвор од топ пет пласманот, возачите на Ред Бул успеаја да го победат нервозниот Чарлс Леклер, кој денес заврши осми, а Арвид Линдблад и Франко Колапинто ги комплетираа најбрзите десет возачи.
По победата во спринтот за Џорџ Расел и неколку искри меѓу него и Кими Антонели, на ред беше битката за пол позицијата за Големата Награда на Канада.
Квалификациите започнаа со целосно сув асфалт на патеката Жил Вилнев и температура од 31 степен.
Алекс Албон беше првиот што се нареди на пит-линијата и доби задача да ја Q1 сесијата, а по него следеше долг список на возачи.
Возачот на Вилијамс постави почетно време од 1:30.289, очигледно без премногу да притиска, па затоа Ландо Норис го имаше првиот брз круг со време од 1:14.213, а Кими Антонели беше само 15 илјадити делови од секундата зад него.
Оскар Пјастри, во својот втор обид, имаше време од 1:14.221, а Џорџ Расел, 1:14.438. Сите користеа црвени гуми.
Макс Ферстапен исто така се придружи на групата со време од 1:14.067, а возачите на Мерцедес АМГ беа првите што има време во 1:13... Кими Антонели беше најбрз со 1:13.380.
Во меѓувреме, Франко Колапинто и Карлос Саинц Јр. беа меѓу првите 10 и Серџо Перез на тринаесеттото место.
Во втората половина од Q1 сесијата, многу возачи ги подобрија своите времиња, но никој не успеа да го победи времето на Кими Антонели.
Мекларените заостанаа помалку од две десетинки од секундата.
Возачите кои беа елиминирани беа: Естебан Окон, Алекс Албон, Фернандо Алонсо, Серџо Перез, Ленс Строл и Валтери Ботас.
За Q2 сесијата, асфалтот повторно беше на температура од 31 степен.
Возачите на Алпин се позиционираа на чело на пит-линијата и решија да направат два круга за загревање, поставувајќи времиња над 1:25...
Исак Хаџар, сепак, одлучи да притисне од самиот почеток и постигна време од 1:13.623. Кога врвните возачи ја покажаа својата најдобра форма, времињата се намалија.
Кими Антонели имаше време од 1:13.076, со што се искачи на првото место, една десетинка пред Ландо Норис и Луис Хамилтон. Во тој момент, првите осум возачи беа одвоени во нешто повеќе од половина секунда.
Во последните фази, со многу подобрувања, Исак Хаџар постави импресивно време од 1:12.975 и заврши како најбрз возач, со Хамилтон 66 илјадити, Норис 74 илјадити делови зад него.
Франко Колапинто се пласираше во Q3 на десеттата позиција, а Нико Хулкенберг по кој знае кој пат испадна со пласман на 11-тата позиција, како и Лиам Лосон, Габриел Бортолето, Пјер Гасли, Карлос Саинц Јр. и Оливер Берман.
Температурата на асфалтот не се промени и за опследната, Q3 сесија, на која се одредува редоследот на најбрзите десет возачи.
Во оваа прилика, само еден возач, Арвид Линдблад, стартуваше со користен сет на најмеките гуми во првиот обид, додека останатите имаа по два нови сета.
Во првиот обид, Ландо Норис ги изненади сите освојувајќи го првото место со 1:12.729, следен од Луис Хамилтон и Оскар Пјастри.
Кими Антонели беше четврти, а Џорџ Расел го прекина својот брз круг. Чарлс Леклер беше на петтото место, пред Макс Ферстапен, кој веќе беше седум десетинки зад лидерот.
Арвид Линдблад, Франко Колапинто и Исак Хаџар ги имаа последните три позиции од привремениот редослед.
Џорџ Расел по неуспешниот прв обид, реши да ја промени својата стратегија и излезе прв со својот втор сет гуми и одлучи да понесе гориво за да направи два обида.
Во таа ситуација, Расел изгледаше како да сака да игра на сигурно за да има мерен круг, додека во вториот обид ќе оди со поголем ризик.
Тоа му се исплатеше, па во последните секунди од сесијата, со круг од 1:12.578, тој беше најбрз и ја обезбеди Пол позицијата.
Џорџ Расел го победи Антонели за само 68 илјадити делови од секундата, истата разлика како и вчера, а Норис за една десетинка.
Уште еден 1-2 пласман за Мерцедес АМГ и втор ред за Мекларен, со Луис Хамилтон повторно удобно победувајќи го Чарлс Леклер за петтото место.
Моначанецот пак имаше сили за само осмата позиција, дури и зад возачите на Ред Бул. Арвид Линдблад и Франко Колапинто го комплетираа топ 10 поредокот.
РАСЕЛ ГО НАДМУДРИ АНТОНЕЛИ ЗА ПОЛ ПОЗИЦИЈАТА
5/23/2026 09:51:00 PM
0
Share to other apps








