По повеќе од четири децении пауза, најбрзиот циркус се враќа во шпанската престолнина на патека која ги поместува границите на инженерството, лоцирана околу саемскиот центар IFEMA и реонот Валдебебас.
ПРИДРУЖЕТЕ НИ СЕ ВО НАШАТА ВАЈБЕР ГРУПА, НАЈБРЗИОТ НАЧИН ДА ДОЈДЕТЕ ДО ВИСТИНСКИТЕ ИНФОРМАЦИИ ОКОЛУ Ф1 ШАМПИОНАТОТ.
КЛИК ТУКА ЗА ДА СЕ ПРИДРУЖИТЕ
СТРИМОВИ ОД ТРКАТА, 15:00 MK, ЌЕ БИДАТ ПОСТИРАНИ НА ВООБИЧАЕНИОТ НАЧИН, ВО НАШИТЕ ВАЈБЕР И ТЕЛЕГРАМ ГРУПИ.
Сите патеки изградени специјално за Формула 1 и додадени во календарот во текот на изминатите десет години се многу слични.
Во Баку, Џеда, Мајами, Лас Вегас, а сега и во Мадрид. Сите се стремеа да го надминат Монако, во обем, брзина и можности за претекнување, додека ја одржуваа комбинацијата од ризик и гламур уникатна за патеката во кнежевството.
Претекнувањето, едноставно е невозможно да се направи полошо отколку во Монте Карло, но во последниве години зависи од спецификите на болидите и прописите.
На некои патеки, претекнувањето некогаш беше лесно, но сега е тешко, или обратно: само притиснете копче и сте напред. Во однос на ризикот, патеката во Монако е една од најбезбедните, едноставно затоа што е бавна.
Организаторите на трката во Џеда успеаја да ја претворат првата трка во хорор-шоу со многуте слепи свиоци, но подоцна се поправија, и сега имаме добри трки. Но, тие велат дека патеката Кидија, кога конечно ќе биде изградена и ќе ја замени Џеда, ќе ги надмине дури и најлудите очекувања.
Организаторите на тркачки викенди во Формула 1 шампионатот секогаш се стремат да направат привлечен настан, на кој гордо ќе можат да се поканат потенцијални партнери и спонзори. Работите се одвиваа доста добро во Баку, Џеда, Мајами и Вегас. Да видиме што ќе се случи во Мадрид
Во последниве години, Големата Награда на Шпанија се одржуваше на Каталуња и често го отвораше европскиот дел од сезоната. Оваа 2026 сезона е последната од европските трки во календарот.
Националната трка беше преместена во главниот град, во областа околу густо населениот изложбен комплекс IFEMA. IFEMA е на нешто повеќе од петнаесет километри од познатата Плаза Мајор во Мадрид.
Возење со метро од дванаесет станици со два трансфера ве поврзува со главниот влез од центарот на градот, што го прави доста примамлив. Главниот аеродром во Мадрид, Барахас, е во непосредна близина. Нити една друга патека не може да понуди толку "лесен" јавен превоз, нешто на што организаторите се посебно горди.
Името, Мадринг, е едноставно комбинација од зборовите МАДРИД, градот домаќин и РИНГ, традиционалната ознака за тркачка патека. Тоа е кратко, незаборавно име, а хаштагот #madring го олеснува запомнувањето.
Според промоторите, префиксот МАД ја одразува енергијата на Мадрид како еден од пулсирачките европски престолнини. Се користи во насловите на бројни градски настани. Сепак, јавноста го толкува Mad не како Мадрид, туку многу послободно...
Мадринг има десетгодишен договор за одржување на Големата Награда на Шпанија, кој започнува во 2026 година. Формула 1 посебно нагласи дека трката во Мадрид не ја исклучува можноста за одржување на трка на Каталуња, која едноставно ќе има друго име.
Според неофицијалните проценки, цената за домаќинство на трката во Мадрид е споредлива со цената што ја плаќаат организаторите на трката во Саудиска Арабија и Катар. Каталуња плаќа значително помалку.
Возачите на Формула 3 беа првите што ја тестираа новата патека, спроведувајќи дводневна тест сесија. Организаторите и ФИА беа задоволни дека сè функционира, барем до одреден степен.
Вреди да се напомене дека градежните работи се уште се во тек и се стопирани за време на тркачкиот викенд. Самата патека и основната инфраструктура се подготвени.
За време на овие тестови, Ф3 возачите уништија многу болиди, со 19 црвени знамиња. Сепак, Ф1 возачите се многу повнимателни и далеку поискусни, па така во досегашниот тек од викендот не беа забележани посериозни инциденти.
Гордоста на организаторите и клучното обележје на патеката е свиокот Ла Монументал. Името се совпаѓа со неговите карактеристики, должина од 550 метри и агол на наклон од 24%, кој се поминува со брзина од околу 300 км/ч со 4Г забрзување за шест секунди веднаш пред главната трибина.
Мадринг е шестата шпанска патека што е домаќин на Формула 1 трка. Од 55-те трки именувани како Голема Награда на Шпанија, 35 се одржаа во Барселона, девет во Харама, пет во Херез, четири во Монжуик Парк и две во Педралбес.
Патеката не може да се нарече целосно градска, бидејќи дел од неа се протега по јавни патишта, а дел е специјално изградена за тркање, како во Мелбурн или Мајами.
Патеката е дизајнирана од италијанската фирма Студио Дромо. Долга е 5.416 метри и има 22 свиоци, официјално но два од нив имаат анекси. Како што претходно напоменавме најпознат е 12-от свиок, најдолгата наклонета кривина во Формула 1. Други значајни карактеристики вклучуваат два кратки тунели и значителен висински пад помеѓу седмиот и деветтиот свиок.
Во Мадрид, по петти пат оваа година, тимовите ги добија C2, C3 и C4 смешите на Пирели како бели, жолти и црвени гуми. Мадринг е една од петте патеки во Ф1 календарот каде што гумите доживуваат најголеми оптоварувања.
Свиоците предизвикуваат странични сили споредливи со оние во Каталуња и Силверстоун, а свиокот Монументал предизвикува најголеми вертикални оптоварувања во сезоната. Ова се должи не само на аголот на наклон, туку и на неговата должина.
57-те круга од Големата Награда на Шпанија, теоретски, треба да се поминат со едно застанување во бокс, а главен протагонист ќе бидат белите гуми.
Останува да се види дали некои возачи ќе одлучат да започнат на жолтите гуми за да имаат поголема флексибилност, со добро ниво на грип на почетокот или да ризикуваат да започнат со црвените за да се обидат да напредуваат низ поредокот во раните фази од трката.
Стратегијата со две застанувања е условена од фактот што траекторијата низ боксевите е многу долга и се губи доста време при секое застанување за промена на гуми, но може да биде валиден избор доколку трката се неутрализира во кој било период.
Дарио Марафуски, Пирели: "Саботните сесии го потврдија високото ниво на перформанси на најмеката смеша. И покрај тоа што саботниот тренинг беа попречен од долг прекин, тимовите успеаја да проценат различни начини на користење на црвената гума, при што некои возачи успеаја да ги подобрат своите времиња по круг дури и во текот на истиот стинт, благодарение на еволуцијата на патеката и зголемената сигурност при возењето на неа."
"Кај некои возачи беше забележан благ пад на перформансите во последниот сектор, главно поради прегревање, но генерално гледано, гумата со црвена ознака функционираше одлично."
"Всушност, во споредба со симулациите, најбрзите времиња во квалификациите беа за околу половина секунда подобри."
"Исто така, беше интересно да се види како некои тимови одлучија да го одвозат првиот дел од квалификациите со жолти гуми, со што зачуваа нов сет црвени гуми за трката."
"Разликата во перформансите меѓу двете смеши е јасна, но не е доволно голема за да ги спречи оние со доволна брзина да напредуваат без веднаш да посегнат по најмеката опција."
"Ситуацијата останува неизвесна. Стратегијата со едно застанување во бокс моментално изгледа како најлогичен избор, со оглед на тешкотиите при престигнување и времето што се губи при пит-стоповите."
"Сепак, стратегијата со две застанувања би можела да биде конкурентна доколку степенот на трошење на гумите остане на нивоата забележани во петокот."
"Најверојатните стратегии се засноваат на комбинациите жолти-бели и жолти-бели-бели. Се проценува дека алтернативите црвени-бели и црвени-бели-бели би биле за околу две секунди побавни во текот на целата трка."
"С2 смешата, т,е, белите гуми, несомнено е најконзистентна, па затоа повеќето возачи ги зачуваа двата сета токму од таа причина."
"Сепак, многу работи ќе зависат од евентуалното излегување на безбедносното возило или виртуелното безбедносно возило, сценарио кое, на улична патека со заштитни бериери поставени многу блиску до самата патека, претставува фактор што мора да се сфати крајно сериозно, како што веќе видовме за време на претходните сесии."
Во петок и сабота, возачите имаа сува патека, а прогнозата не ветува врнежи ни за денешната трка. Возачите треба да го започнат формацискиот круг во 15:00 часот, кога температурата треба да достигне чувство од 34°C со ведро небо и слаб јужен/југо-западен ветер од 4км/ч, без врнежи.
Состојба на стартниот грид. Квалификациите донесоа драма до последната стотинка, а денешната трка ветува апсолутен спектакл на асфалтот.
Актуелниот шампион со Мекларен извозе магичен круг во последните секунди и ја зграпчи Пол позицијата.
Младиот феномен и лидер во шампионатот, Кими Антонели, ќе стартува веднаш до него, откако заостана само 0.011 делови од секундата.
Зад нив демне секогаш опасниот Макс Ферстапен со Ред Бул од третата позиција. Не треба да се отпишат и возачите на Ферари кое се тука да искористат секој нивни кикс.
Локалниот херој и амбасадор на патеката, Карлос Саинц Јр., имаше тежок викенд со казна за попречување на Ботас, па ќе мора да се пробива низ поредокот од последниот стартен ред пред своите фанови.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА ДЕБИТО НА ПАТЕКАТА МАДРИНГ
9/13/2026 11:38:00 AM
0
Share to other apps










