Ландо Норис и Мекларен се во друга лига, како што претпоставувавме по зимската тест сесија во Бахреин.
Дождот ја зачини трката, но британецот остана смирен во клучните моменти и му одолеа на Макс Ферстапен на незгодната Голема Награда на Австралија, забележувајќи ја својата прва победа во новата сезона, негова петта во Формула 1.
Холанѓанецот финишираше на второто место, а Џорџ Расел го комплетираше победничкиот подиум.
Денес гледавме еден нов Ландо Норис, веќе по медиумите му дадоа прекар "Ландо 2.0". Всушност, тој веќе покажа солидни перформанси под притисок на минатогодишната Голема Награда на Абу Даби, а тој моментум го задржа и оваа година.
Англичанецот денеска имаше двајца ривали за победата, пред се Оскар Пјастри и Макс Ферстапен, кој влезе во игра при дождот во последните мигови на трката. Ландо не попушти под притисокот, јасно ставајќи ја својата кандидатура за шампионската титула.
Трката беше особено бурна во завршните фази, со пристигнувањето на последниот период на дожд што доведе некои возачи да направат грешки, кои надополнети со погрешни стратегиски одлуки ја направија трката подраматична.
Во тие моменти, останувањето на патеката беше клучно. Зад тројцата на подиумот се најде Алекс Албон! Возачот на Вилијамс заврши петти, но Кими Антонели беше казнет поради небезбедно ослободување од бокс и му го препушти четвртото место.
Стјуардите по завршување на трката одлучија дека казната од 5 секунди не е правилно доделена и ја прифатија жалбата на Мерцедес АМГ. Со тоа младиот Италијанец се врати на четвртото место
Ленс Строл заврши шести, Нико Хулкенберг седми за Заубер, пред Чарлс Леклер, Оскар Пјастри и Луис Хамилтон. Најголем губитник е Оскар Пјастри, кој со нетипична грешка за него, денеска изгуби многу бодови.
Првата трка од 2025 Ф1 сезоната се одржа на патеката воАлберт Парк, Мелбурн за Големата Награда на Австралија. Мекларен вчера се потврди како сила што треба да се победи, додека Џорџ Расел и Макс Ферстапен беа веднаш зад нив.
Денес, сепак, сè се промени со доаѓањето на дождот. Трката започна со многу влажен асфалт и температура од 19 степени. Освен Ленс Строл, кој постави сини гуми за дожд, сите други возачи решија да стартуваат на интермедија.
И, уште пред да започне трката, на вториот свиок од загревачкиот круг, се случи првиот инцидент кога Исак Хаџар се изврте и удри во заштитните бариери на излезот од вториот свиок. Задниот дел од болидот на Рејсинг Булс беше оштетен и стартот мораше да се прекине заради негово безбедно отстранување.
Почетокот беше одложен до 05:15 часот по македонско време и помина мирно без инциденти.
Ландо Норис имаше добар старт и го задржа водството по првиот свиок, додека Макс Ферстапен имаше подобар старт од Оскар Пјастри и за влакно го претекна на излезот од вториот свиок.
Џорџ Расел се задржа на четвртото место, пред Чарлс Леклер, кој напредуваше две места, кои ги изгубија Јуки Цунода и Алекс Албон.
Трката не траеше долго. Џек Дуан ја изгуби контролата над својот Алпин на излезот од петтиот свиок и заврши во заштитните бариери, за првпат изнесувајќи го безбедносното возило на патеката.
Понатаму, на крајот од првиот круг, токму на последниот свиок од патеката, Карлос Саинц Јр. исто така изгуби контрола над болидот на Вилијамс, па и тој ја заврши првата трка во заштитните бариери.
Периодот на безбедносното возило остана во функција додека не беа отстранети сите оштетени болиди.
Рестартот дојде во осмиот круг, а Ландо Норис повторно беше на висина на задачата и го задржа првото место, при тоа создавајќи мала разлика пред Макс Ферстапен и Оскар Пјастри.
Со оглед на условите, возачите не беа подготвени да преземаат премногу ризици и топ 10 поредокот остана истиот. Ландо Норис преку тимското радио потврди дека, патеката е погодна за интермедиа гумите, но дека таа брзо се суши.
Веќе во 11-от круг, Ландо Норис веќе ги бараше највлажните области на правците за да ги излади гумите. Сите возачи ги имаа истите проблеми.
Чарлс Леклер преку тимското радио беше информиран дека мора посебно да ја лади предната лева гума.
Набрзо почна да се појавува сува лента во некои области на патеката, па тркачкиот директор овозможи да се користи ДРС-системот.
Макс Ферстапен се обиде да ја намали разликата до Ландо Норис под една секунда, но тоа не му успеваше, едноставно Мекларенот беше во друга лига.
Од друга страна, Оскар Пјастри беше веднаш зад Холанѓанецот, а Џорџ Расел веќе заостануваше седум секунди.
Стјуардите ги разгледуваа Фернандо Алонсо и Јуки Цунода за можно прекршување на процедурите под режимопт на безбедносното возило, но не утврдија неправилности.
Во 15-от круг, Макс Ферстапен влезе во ДРС зоната на Ландо Норис и започна одреден притисок, иако беше очигледно дека патеката сè уште е премногу комплицирана за да ризикува со било каков маневар за претекнување. Оскар Пјастри остана веднаш зад него, но на безбедно растојание.
Во меѓувреме, Луис Хамилтон заостануваше помалку од една секунда зад Алекс Албон и од тимскиот инженер му беше кажано дека ја има целата моќност на располагање, но тој побара да му се остави да ја контролира ситуацијата.
Два круга подоцна, Макс Ферстапен прави грешка. Холанѓанецот беше многу блиску до Ландо Норис и отиде прешироко под сопирање на влез во 11-от свиок, дозволувајќи му на Австралиецот да го украде второто место и што е уште поважно, му дозволи на Ландо Норис да избега за речиси три секунди.
Дождот се врати во 21-от круг, давајќи им малку одмор на зелените пневматици, иако траеше само неколку минути. Оскар Пјастри го искористи ова за да ја намали разликата до Ландо Норис од речиси три на 1.4 секунди во 25-от круг, со спектакуларно тркачко темпо.
Двајцата возачи на Мекларен како да не ги трошеа своите пневматици, па добија повеќе од десет секунди во однос на Макс Ферстапен во само неколку круга. Темпото на Оскар Пјастри беше толку добро што, во 29-от круг, тој заостануваше помалку од една секунда зад својот тимски колега и почна да го користи ДРС системот.
Речиси во исто време, Кими Антонели веќе се израмни со Фернандо Алонсо, кој загуби место од Пјер Гасли. Италијанецот веќе ги претекна Нико Хулкенберг и Ленс Строл и беше речиси една секунда побрз по круг од болидот на Астон Мартин.
Од боксот на Мекларен, гледајќи ги условите на патеката и претстојната борба меѓу нивните возачи, тие побараа од Оскар Пјастри да ја задржи својата позиција во овие услови и да ја чека транзицијата во суви услови, кога би можел да нападне.
Неколку круга подоцна, Пјастри имаше несигурност на излезот од шестиот свиок и, откако накратко мина низ чакалот, загуби нешто повеќе од две секунди од Норис. Во тој момент, на Оскар му било кажано дека е слободен да се бори за првото место.
Во 34-от круг трката, Фернандо Алонсо, откако влезе во ДРС зоната на Пјер Гасли, изгуби контрола врз задниот дел од својот Астон Мартин и заврши во заштитните бариери покрај шестиот свиок, по што следуваше уште еден период на безбедносно возило.
Секако, сите возачи ја искористија можноста да направат пит-стоп и да стават гуми за суво, бидејќи асфалтот беше погоден за таква промена. Од топ 10 поредокт, тројца возачи, Ферстапен, Цунода и Албон, се одлучија за жолти, останатите ги избраа белите гуми.
Трката беше рестартирана во 42-от круг, но тимските радија работеа на максимум, бидејќи наскоро се очекуваше нов дожд. Ландо Норис создаде две секунди во однос на Оскар Пјастри во првиот круг на суви гуми, а Макс Ферстапен не можеше да ја искористи предноста на помеките пневматици.
Зад него Јуки Цунода максимално ги искористи жолтите пневматици за да го престигне Чарлс Леклер, но набргу потоа почна да врне. Најзасегнат беше последниот сектор од патеката.
Во 45-от круг, со доаѓањето на дождот, уште еден драматичен момент на трката! Третиот сектор беше многу влажен, па двата возачи на Мекларен излетаа надвор од патеката, но можеа да ја продолжат трката, но во случајот на Пјастри, враќането беше задоцнето, бидејќи тој остана заглавен во тревата.
Ландо Норис, Џорџ Расел, Алекс Албон, Кими Антонели, Ленс Строл, Нико Хулкенберг и Габриел Бортолето одлучија да влезат во бокс по интермедија гуми, додека Макс Ферстапен и возачите на Ферари претпочитаа да останат на патеката.
Во оваа ситуација, го имавме Макс Ферстапен на првото место, пред Луис Хамилтон со осум секунди заостанување на второто место. Пјер Гасли беше трет, пред Чарлс Леклер, Јуки Цунода и Ландо Норис кој се врати на патеката со зелени гуми.
По само еден круг, во бокс замина и Макс Ферстапен кога виде дека врне силен дожд и се врати веднаш зад Ландо Норис. Токму во тој круг, двајца возачи, Лосон и Бортолето, имаа извртувања на патеката, па следуваше нов период на безбедносното возило, во кој сите кои беа сè уште на гуми за суво време преминаа на интермедија пневматиците.
По целиот хаос, Ландо Норис повторно беше лидер на трката, со Макс Ферстапен зад него и Џорџ Расел на третото место.
Алекс Албон беше четврти, пред Кими Антонели, Ленс Строл, Нико Хулкенберг, Пјер Гасли, Луис Хамилтон и Чарлс Леклер. Сите на интермедија пневматици.
Без сомнение, трка во која требаше да се остане на патеката без разлика на се. Рестартот дојде во 52-от круг, при што Ландо Норис повторно беше сигурен и го задржа водството пред Макс Ферстапен.
Четирикратниот шампион остана блиску до својот ривал до самиот крај и дури влезе во ДРС опсегот во последните два круга за да си ја испроба среќата, но Ландо овојпат не остави можност за напад и ја забележа својата прва победа сезонава, пред Ферстапен и Расел.
Кими Антонели финишираше на четвртото место, откако го претекна Алекс Албон, но казната од пет секунди за небезбедно ослободување од бокс го спушти на петтото место.
По трката стјуардите се предмислија и ја променија својата одлука. Вилијамсот се врати на петтото место. Астон Мартин, шести.
Ленс Строл освои значајни осум поени, поради умешноста да го одржува болидот на патеката, исто како и Нико Хулкенберг, кој заврши седми со болидот на Заубер.
Чарлс Леклер можеше само до осмото место, пред Оскар Пјастри успеа да се врати на 9-то место, откако спектакуларно го претекна Луис Хамилтон од надворешната страна на деветтиот свиок.
Следниот викенд борбата продолжува во Кина, каде ќе го имаме првиот тркачки викенд во спринт форматот.