LOTUS T128
Лотус го промовира својот болид денес во раните утрински часови, потег чија цел е во врска со нивниот спор за името Лотус со конкурентите од тимот на Лотус-Рено кои исто така денес имаа презентација на својот болид.
Од тимот признаа дека минатогодишниот болид имал конзервативен дизајн, и имале за цел во многу кратко време да излезат на Ф1 патеките со готов болид. Во текот на ланската сезона тимот престанал со развојот T127 и сите ресурси биле насочени кон болидот за оваа сезона што се нарекува T128 (Болидот првично требало да се нарече TL11, но се предомислиле во последен момент поради што тоа би можело да биде уште една точка на несогласување со Рено). Болид кој може да се пофали со модерен дизајн, со V8 мотор на Рено, а менувачот и хидрауликата се на Ред Бул.
Сликите објавени досега сугерираат дека болидот располага со вешто дизајнирано предно крило, остро извајани странични спојлери, веќе конвенционалниот повисок нос, и сличен дизајн на отворот за воздух поставен над возачот со минатогодишниот на Мерцедес ГП, што укажува на тоа дека Лотус пронашол начин да се заобиколат овогодинешните правилата(или не, времето ќе покаже), кои не дозволуваат поделба на истиот. Единствена мана е тоа што нема да користат КЕРС, но дизајнерите на тимот имале многу полесна работа без имплементација на истиот, и би требало да имаат поаеродинамичен болид без него.