LOTUS-RENAULT R31
Лотус-Рено го претстави својот нов болид R31, на прес конференција во боксовите на патеката во Валенсија, пред почетокот на тридневната тест сесија која почнува утре на оваа патека во Шпанија. На болидот преовладува црно-златната боја, по договорот со Лотус групацијата. Ова е четвртиот болид презентиран оваа недела. Прв ќе го вози Виталиј Петров, а потоа го превзема Роберт Кубица во последните два дена од тест сесијата. Болидот на Рено е опремен со КЕРС-системот, како и со подвижно задно крило. Батериите на КЕРС-от се наоѓаат под резервоарот со гориво, исто како и кај Ферари. Рено најави дека имаат радикален пристап кај задната амортизација на болидот, во однос на конкуренцијата.
Ерик Булие, шефот на Лотус Рено, изјави:
"Со доаѓањето на новиот долгорочен партнер во тимот, групацијата на Лотус, имаме финансиска стабилност за изградба на овие силни темели и обезбедување многу конкурентна иднина. Тоа е неверојатно мотивирачки за сите во тимот и ни дава надеж дека можеме да продолжиме да се натпреваруваме со најсилните тимови во овој спорт. "
"Со работа на R31 започнавме уште пред R30 да ја извози својата прва трка. Во 2010 година остваривме многу висока стапка на развој и болидот кој ја заврши сезоната беше две секунди по круг побрз од болидот на првата трка. Во текот на зимата, продолживме со истото темпо на работа, што е доказ за духот и посветеноста на луѓе кои ги имаме во овој тим. Да, обемот на работа е огромен во ова време од годината, но ако продолжиме со истот темпо и на зимските тест сесии, јас сум прилично сигурен дека ќе имаме силен старт на оваа сезона. Дали ќе бидеме посилни од нашите конкуренти? Тешко да се каже, но врз основа на напорите на сите тука, јас чувствувам дека го заслужуваат тоа. "