
Во пресрет на ефективната забрана за користење на насочувањето на издувните гасови на моторот кон дифузорите на болидот од Силверстоун, управното тело за мото-спорт отиде уште еден чекор понапред и покажа дека ФИА е одлучна да ги спречи тимовите од користење на било каква форма на искористување на издувните гасови за да се зголемат аеродинамичките перформанси на болидот.
Во забелешка испратена од Чарли Вајтинг до тимовите, тој јасно става до знаење дека уште од Валенсија ќе биде забранета секаква промена на мапирањето на моторите меѓу квалификациите и трката.
Мапирањето на моторот се користи најмногу во квалификациите, кога тимовите со помош на издувните гасови од моторот генерираат поголем downforce за болидот. Но, ова за возврат ја зголемува температурата на подот на болидот, но и потрошувачката на гориво е максимална, па овие сетинзи треба да се намалат за трката, за да се спречи расипување на моторот и да се заштеди горивото.
Сите шпекулираат со потенцијалното влијание на оваа одлука за темпото на најбрзиот болид оваа година, Ред Бул, но исто така се очекува дека ќе се намалат перформансите на сите болиди во квалификациите. Теоретски оваа одлука би требало да донесе поблиски разлики меѓу водечките тимови во квалификациите, но во трката не би требало да има никакво влијание. Останува да почекаме до Сабота и да видиме како ќе се одвиваат квалификациите, т.е. дали Ред Бул ќе биде победен.
