Yas Marina, Aby Dhabi
Се наближува 3-тата трка во Абу Даби, па така нема некоја историја за посериозна анализа од статистичка гледна точка. Ова ќе биде трка која најверојатно ќе мине незабележано од многу Ф1 фанови, бидејќи нема ама баш ништо што би не привлекло од тркачи аспект. Се е решено оваа сезона, па сите разговори, шпекулации се свртени кон следната сезона, кој? кога? каде? како? Но статистичкиот семафор не би бил тоа, ако не спомнеме некои податоци
ВОЗАЧИ:
• Себастијан Ветел е без пораз во Абу Даби и е Победник на двете одржани трки, со таква доминација што водеше во 79 од 110 извозени круга на оваа патека и никогаш не бил пласиран под второто место во текот на двете трки. На оваа трка ќе атакува кон нови рекорди, а тоа се: изедначување со рекордните 17 пласмани на подиум во една сезона на Михаел Шумахер од 2002 година, како и изедначување со познатиот рекорд од 14 Пол Позиции во една сезона поставен од страна на Најџел Менсел во 1992 година.• Марк Вебер минатата година со 8-то место ги загуби шансите за шампионската титула, а пред две години беше втор зад Ветел. За разлика од својот тимски колега, тој никогаш не водел ни во еден круг тука.
• Луис Хамилтон беше на Пол позицијата пред две години, но не ја заврши трката поради механички дефект на болид, т.е. откажаа кочниците на неговиот Мекларен. Британецот има само три механички дефекти во 88 трки досега. Минатата година тој заврши на второто место, стартувајќи од втората позиција
• Џенсон Батон има Пласман на Подиумот и во двете трки во Абу Даби, но и во двата случаи на најниското скалило. Во моментов тој има најголеми изгледи за вицешампионското место во конечниот пласман.
• Фернандо Алонсо има само лоши спомени од Абу Даби, минатата година го загуби шампионатот тука(остана заробен зад Реното на Виталиј Петров, завршувајќи само на седмото место), а на трката пред две години тој беше само 13-ти.
• Фелипе Маса во следните две трки ќе атакува на пласман на Подиумот, бидејќи во спротивно тој ќе стане првиот возач на Ферари без пласман на подиумот во една сезона, од Иван Капели во 1992 година.
• Михаел Шумахер ќе стартува по втор пат на оваа патека, но нема завршено ни еден круг во трка, а тоа се должи на судирот со Витантонио Лиуци веќе по половина поминат круг по стартот минатата година.
• Нико Розберг беше двапати деветти во квалификациите во Абу Даби. Во 2009 година ја заврши трката на истото место, а минатата година тој беше еден од возачите кои го искористија тајмингот на безбедносното возило и успеа да го освои четвртото место.
• Бруно Сена минатата година беше претпоследен и во квалификациите и во трката, и во двата случаи пред неговиот тимски колега Кристијан Клиен во ХРТ.
• Виталиј Петров минатата година беше одлучувачки фактор за Титулата, кога успеа да го задржи Алонсо зад себе цели 40 круга, со што ги уништи шампионските амбиции на Шпанецот. Стартуваше од десеттата позиција, а трката ја заврши на шестото место.
• Рубенс Баричело е секогаш се квалификувал во Најдобрите 10 на оваа патека. Најдобар резултат имаше на инаугуративното Абу Даби Гран При, со пласман на четвртото место, со старт од четвртата позиција. Оваа година тој се уште е во потрага по својот прв Q3 пласман.
• Адријан Сутил нема некои позначајни постигнувања на оваа патека, а неговите најдобри резултати се 13-тото стартно место и во трката минатата година.
• Камуи Кобајаши беше шести пред две години со Тојота стартувајќи од 12-тата позиција, а минатата година стартувајќи од истата позиција заврши на 14-тото место.
• Себастијан Буеми беше во можност да освои поени со 8-то место пред две години.
• Џејми Алгуерсуари минатата година беше во можност да заврши на деветтото место, а стартуваше од 17-тата стартна позиција. Тој остана запаметен по неговиот гаф во 2009 година, кога поради проблемите со менувачот, место во својот бокс застана во гаражата на Ред Бул.
• Хеики Ковалаинен учествуваше на двете трки во Абу Даби. На првата трка во 2009 година возеше болид на Мекларен, стартуваше од 18-тата позиција, а трката ја заврши на 11-тото место. Втората со болид на Лотус, и имаше скор 20 стартна позиција, 17-то место во трката.
• Јарно Трули најдобриот резултат го постави со болидот на Тојота во 2009 година, кога стартуваше од 6-тата позиција, а трката ја заврши на 7-мо место.
• Витантонио Лиуци на двете трки во Абу Даби со болидот на Форс Индија се квалификуваше на 16-тата стартна позиција, во 2009 трката ја заврши на 15-то место, додека минатата година не ја заврши поради судирот со Шумахер.
• Тимо Глок минатата сезона со Вирџин се квалификуваше на 20-тата стартна позиција, но поради проблеми со менувачот не ја заврши трката.
• Пастор Малдонадо, Пол ди Реста, Серџо Перез, Жером д`Амброзио се дебитанти на оваа патека.
ТИМОВИ
• Ред Бул е најуспешниот тим на оваа патека со две Победи од две одржани трки и секогаш е на врвот на ранг листите во Абу Даби. Им побегнаа само најбрзиот круг минатата година и Пол Позицијата пред две години, кои и во двата случаи им ги одзеде Хамилтон со Мекларен.• Мекларен најдобрите резултати во Абу Даби ги има со Хамилтон, Пол Позицијата во првото издание на ова Гран При и второто место зад Ветел минатата година.
• Ферари има кошмарни настапи на своето второ домашно Гран При, место каде го изградија својот Тематски луна парк.
• Торо Росо за разлика од Ферари може да биде многу задоволен од своите настапи тука, за разлика од мометалниот нивни главен ривал во борба за подобар пласман во конструктори, тимот на Форс Индија.