Првите денови од Фебруари започнаа со презeнтација на новите болиди, најпрво не израдува Мекларен со изгледот на новиот свој болид МП4-27, и кога се понадевавме дека ќе имаме болиди што добро изгледаат, следуваше Ферари да не демантира, т.е. да ги потврди зборовите на Доменикали дека следува ера на грди болиди. На прв поглед Ферари заличе на копија од се по нешто, но оригинален "степеница" нос. Прво што помислив е дека додека Стефано е шеф на овој тим никогаш нема да биде меѓу освојувачите на Титули, и дека за брзо време ќе треба да го бркаат. Дали сум во право времето ќе покаже. По Ферари следните болиди се веќе видено, само Ред Бул малку поиновативни во предниот дел на болидот.
Помина и првата тест сесија, која го одбележа враќањето на уште еден Светски Шампион во овој спорт, и тоа на убедлив начин, поставувајќи го најдоброто време на првиот ден од тест сесијата. Весниците имаа што да пишуваат. Според мене хит на оваа сесија беа од Лотус, а најголемо разочарување тимот на Ферари. Мекларен и Ред Бул премногу резервирани, што е нормално за Мекларен, но невообичаено за Ред Бул. Следува подетална анализа за секој тим посебно, преку изјавите на членови на тимот кои најверодостојно го изразуваат нивните моментални задоволства, т.е. незадоволства од оваа тест сесија:
Да почнеме со најбрзите, ЛОТУС:
Атмосфера во тимот, многу позитивна. Раиконен по поставувањето на резултатот на денот смирено во негов стил одговори: "Немав намера да бидам најбрз, ништо не значи да се биде најбрз тука, ќе атакувам на најбрзото време на квалификациите за првата трка. Тука сум за повторно учење и повторно поврзување со спортот што најмногу го сакам." Како да и самите членови на овој тим беа изненадени од поставените времиња. Клубскиот колега на Раиконен ги потврди резултатите на Лотус поставувајќи го најбрзото време(ги отфрламе времињата на 2011 болидите како ирелевантни) на тест сесијата во Херез.
Грожан изјави: "Сигурнo дека е подобро да се биде прв одколку последен, тоа е јасно. Но, главната работа е дека болидот е доста добар, и се управува подобро отколку минатата година. Јас би сакал да бидеме на оваа позиција и на првата трка, тоа е сигурно. Но ние мора сме претпазливи во врска со нашето темпо. Имаме добра појдовна точка, собравме голем број на податоци за следната тест сесија. Останува да ги потврдиме нашите резултати и во Барселона."
РЕД БУЛ
Атмосфера во тимот, позитивна, претерано самоуверени. Марк Вебер по првите два дена задоволен од постигнатото и покрај проблемите со транспортот на делови за болидот, што предизвика застој во нивната тест програма. Тој многу самоуверено (само многу рано за такво нешто) изјави: "Ние секогаш доаѓаме во Херез со болиди во "бебешка" фаза на развој, а тие се најдобри на последната трка во Бразил. Правилата за оваа сезона не одеа во наша корист, но ние сме многу силен тим. Ние имаме многу добри луѓе тука, и ние постојано се прилагодуваме, уште од 2009 кога за првпат почнавме да сме конкурентни. Ние целосно ги почитуваме нашите ривали, знаеме дека во Мелбурн ќе има некои брзи болиди, но јас не се сомневам дека ние ќе бидеме најбрзи." Светскиот Шампион, Себастијан Ветел, многу порезервиран од својот колега, и со право бидејќи многу помалку го возеше својот болид, поради за неговиот тим, несекојдневни проблеми со електрониката, која дури предизвика и промена на неговиот мотор. "Премногу е рано за прогнози, но ние само се фокусираме на нашиот болид. По пауза од два месеци без Ф1, оваа сесија ја искористив да се запознаам и навикнам на нашиот нов болид, и ми беа потребни само неколку круга за да се вратам во ритам. Во болидот се чувствувам добро. Досега мислам дека можеме да бидеме сосема задоволни, но не смееме да се опуштиме, ни претстои многу работа и ако се развиваме во вистинската насока, повторно ќе бидеме во борба за Титулите." Нема да е се така лесно за овој тим и оваа сезона, ако биде спротивното тогаш Ф1 и понатака ќе губи од атрактивноста.
МЕКЛАРЕН
Атмосфера во тимот тешко може да се прочита, како да се рамнодушни на првата тест сесија. Комси-комса. По промашената 2011г., тимот на Мекларен и нивниот шеф, Мартин Витмарш, беа под притисок да се обезбеди основа за подобар болид веќе на тестовите во Херез(за разлика од минатата година). По завршувањето на сесијата како да се заменија таквите чувства со чуство на олеснување дека имаат добра база за понатамошен развој. Џенсон Батон краток: "Нема многу проблеми со нашиот болид, како минатата година, што е добро нешто. Тој е сосема различен од минатата година, а јас сум среќен во него. Никогаш не може да ја започнете сезоната со совршен болид, ние не испробувавме никакви подесувања на истиот, туку само сакавме со него да поминеме одредена километража."За Луис Хамилтон болидот е сосема непредвидлив: "Овој болид дефинитивно не е предвидлив во моментов, тој е сосема нов. Треба да поминеме уште многу различни тест програми. Го чувствувам како еволуција на минатогодишниот болид, но, постојат некои работи кои не се толку добри. На пример downforce-от на задните тркала не е толку добар како што беше минатата година, но јас сум сигурен дека ние ќе го вратиме назад. Болидот оваа година пак е подобар при сопирање. Дефинитивно имаме добра основа за работа." Ако ништо друго од Мекларен оваа сезона ќе го имаат најубавиот болид, да се надеваме и брз.
ФЕРАРИ:
Атмосферата во тимот не е баш позитивна и среќна. Ако пред почетокот на сезоната беа под огромен притисок да направат конкурентен болид, сега тој притисок двојно се зголеми. Од првиот ден стана јасно дека радикалниот и агресивен, но мора да се каже и грд, F2012, не работеше за своите возачи на начинот на RB8, MP4-27 и E20. Ова е само прв тест, но во Ферари премногу ја употребуваа фразатa, "времињата не значат ништо".Но, и по четири дена тестирања како во овој Италијански тим да не можат да заклучат како ќе изгледа основното подесување на болидот. F2012, оваа сезона има pullrod предна суспензија со која се обидуваат да ја подобрат предната Аеродинамика и да се најде начин за поефикасно загревање на гумите на Пирели, голем проблем од минатата година, кој како уште да не е решен. F2012 не изгледаше толку лошо на патеката, но не делуваше ниту пак како болид кој работи особено добро.
На тест сесиите никогаш не знаеш кој е најбрз, но се знае кој не е среќен. Минатата година тоа беше Мекларен, а оваа сега засега е Ферари. Влоговите се високи за Ферари. Тие си поставија амбициозни цели да се вратат на шампионските патеки оваа година. Со возач од калибарот на Фернандо Алонсо, кога инвестирате огромни пари во него, мора да направите шампионски болид, да не бидат толку многу залудно потрошени пари, а од друга страна кочење на квалитетите на Алонсо.
Но не е завршена сезоната, таа не е ни започната како треба. Често пати сме биле сведоци кога болид започнал слабо, и бил победник на првата трка. Мекларен стана господар на тоа, а и Ферари имаат зад себе слични подвизи. На крајот видовме брз круг на Алонсо за да се олесни притисокот на медиумите, но и на нивниот претседател Лука ди Монтеѕемоло. Да завршиме со цитат на Алонсо: "Во Барселона ќе имаме еден нов Ферари." Сите го очекуваме тоа.
ТОРО РОСО
Позитивно изненадија и во моментов како да се најбрзи од тимовите на средината. Но и минатата година беше така, па имаа слаб почеток на сезоната. Рукито во Ф1 и нов возач на овој тим Жан-Ерик Верн задоволен од постигнатото во Херез:
"Кога имате добар болид и добар баланс, а плус се чуствувате добро во него, па јас сум убеден дека имаме добра основа."
ФОРС ИНДИЈА И ЗАУБЕР
Два просечни тимови кои се стопија во просечноста и на Херез. Некако никој не обрнуваше многу внимание кон овие тимови. Возачите на Форс Индија немаат посебни коментари околу новиот болид, а Бјанки дури успеа и да го "уништи" единствениот нивни болид во Херез. Кога сте повеќе време надвор од патеката отколку на неа тоа кажува дека немате добар болид. Заубер, по промашената 2011 сезона за нив, се надеваат дека овој пат ќе успеат да дознаат во кој правец треба да го развиваат болидот, со цел освојување поени на секоја трка.
ВИЛИЈАМС И КАТЕРАМ
Вилијамс тим со два платени возачи, а кога немате пари не може да имате и резултати во Формула 1 спортот, плус возачи кои немаат квалитети, еднакво на пропаст и тонење назад во поредокот. За разлика од нив тимот на Катерам има многу причини за оптимизам, нивниот возач Јарно Трули отиде толку далеку и изјави дека ова е најдобар нов болид што го тестирал во својата кариера.
Ниту со ХРТ, ниту со Марусија на оваа тест сесија, Катерам покажа дека е подготвен да се одлепи од најслабата тројка и да почне борбата со тимови од рангот на Вилијамс.МЕРЦЕДЕС ГП, ХРТ, МАРУСИЈА ќе чекаме да ни ги покажат и докажат на дело своите 2012 болиди.
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ РАЗЛИКА КРУГОВИ
1. НИКО РОЗБЕРГ МЕРЦЕДЕС ГП 1:17.613 174
2. РОМАН ГРОЖАН ЛОТУС 1:18.419 +0.806 212
3. МИХАЕЛ ШУМАХЕР МЕРЦЕДЕС ГП 1:18.561 +0.948 174
4. ФЕРНАНДО АЛОНСО ФЕРАРИ 1:18.877 +1.264 106
5. МАРК ВЕБЕР РЕД БУЛ 1:19.184 +1.571 150
6. СЕБАСТИЈАН ВЕТЕЛ РЕД БУЛ 1:19.297 +1.684 145
7. ЛУИС ХАМИЛТОН МЕКЛАРЕН 1:19.464 +1.851 166
8. ДАНИЕЛ РИКАРДО ТОРО РОСО 1:19.587 +1.974 157
9. ЖАН-ЕРИК ВЕРН ТОРО РОСО 1:19.597 +1.984 159
10. КИМИ РАИКОНЕН ЛОТУС 1:19.670 +2.057 192
11. СЕРЏО ПЕРЕЗ ЗАУБЕР 1:19.770 +2.157 116
12. ПОЛ ДИ РЕСТА ФОРС ИНДИЈА 1:19.772 +2.159 170
13. КАМУИ КОБАЈАШИ ЗАУБЕР 1:19.834 +2.221 181
14. НИКО ХУЛКЕНБЕРГ ФОРС ИНДИЈА 1:19.977 +2.364 90
15. БРУНО СЕНА ВИЛИЈАМС 1:20.132 +2.519 249
16. ЖИЛ БЈАНКИ ФОРС ИНДИЈА 1:20.221 +2.608 46
17. ФЕЛИПЕ МАСА ФЕРАРИ 1:20.454 +2.841 164
18. ЏЕНСОН БАТОН МЕКЛАРЕН 1:20.688 +3.075 147
19. ПАСТОР МАЛДОНАДО ВИЛИЈАМС 1:21.197 +3.584 122
20. ХЕЈКИ КОВАЛАИНЕН КАТЕРАМ 1:21.518 +3.905 167
21. ПЕДРО ДЕ ЛА РОСА ХРТ 1:22.128 +4.515 108
22. ЈАРНО ТРУЛИ КАТЕРАМ 1:22.198 +4.585 117
23. ГИДО ВАН ДЕР ГАРД КАТЕРАМ 1:23.324 +5.711 74
ПИРЕЛИ
Пред почетокот на минатата сезона имаше огромна неизвесност во врска со гумите на Пирели.
Сега, со цела година искуство, од Пирели изјавија дека имаат повеќе разбирања за потребите на Формула 1. Персоналот на Пирели замина од Херез прилично оптимистички расположен со нивните наоди од овој тест.
Нивната помека генерација на гуми се чини дека го испорача токму она што беше побарано, постабилен заден крај и разлика меѓу компонентите во опсегот од 0.8 секунди, а според нив тоа е потребно да се зачинат стратегиите за 2012 година.
Исто така, гумите многу полесно ќе се загреваат, што треба да им помогне на оние тимови, како Ферари, кои често пати имаа проблеми со загревањето на гумите.
ИЗДУВНИОТ СИСТЕМ
Една од областите која се истакна како вистинско бојно поле меѓу дизајнерите на Ф1 тимовите, фасцинантни аспекти на неговиот дизајн до степен на апсолутна граница на правилата во обид да се пронајдат само неколку десетинки од секундата кои што може да направат голема разлика.
Херез ни го даде првиот поглед на она што ќе се случува на ова поле во 2012 година. Решенијата на Мекларен и Ферари, кои ги канализираат издувните гасови, беа разгледувани од ФИА, но Чарли Вајтинг ги одобри како исправни.
Нивните дизајни може да бидат насока за развој на сите тимови. Па нормално е да се очекуваат прилично агресивни решенија, со кои тимовите ќе ги поместуваат границите на прописите.