Пример за телеметриски податоци на Ферари
Подесувањето на болидот во Формула 1 мотоспортот одлучува помеѓу победа или пораз. Да видиме што прават возачите и тимовите за болидот да биде совршен на патеката?
Подесувањата се одлучувачки за победа или пораз, a тоа е компромис меѓу квалификациите и трката. И тие сега се од поголемо значење отколку во минатото. Подесувањето на болидот е една од најголемите мистерии во Формула 1 мотоспортот. Но, колку од подесувањето го прави самиот возач? Кои се техничките средства кои тој и неговиот тим ги користат како помош? Каква е улогата на тимскиот колега? Тоа се прашања на кои само инволвираните лица може да дадат јасен одговор.Факт е дека значителен дел од работата е веќе завршена пред возачот да излезе на патеката на првиот слободен тренинг во петок. Тркачките инженери на секој возач го имаат основното подесување применето на болидот веќе во тимската база. "Ние го користиме времето и вршиме симулации," вели Ендрју Шовлин, кој работи како главен тркачки инженер во Мерцедес. "Ние ги разгледуваме различни опции на стратегии и необичните фактори за соодветните патеки. Основното подесување се утврдува во текот на неделата пред почетокот на трката." Тркачките инженери разговараат за пристапот кон подесување на болидот обично уште пред да се тргне кон патеката, а пред почетокот на петочните тренинзи постојат повеќе средби.
Кога возачот ќе излезе на патеката, тогаш тркачкиот инженер служи како преведувач помеѓу возачот и остатокот од тимот. Возачот комуницира со неговиот тркачки инженер, кажува што чувствува на патеката, а тој ги толкува пораките и ги препраќа на останатите инженери.
Возачот воведува ред во хаосот на податоци!!!
Исто така е важно возачот точно да знае на што треба да се концентрира додека тој седи во болидот, бидејќи болидот благодарение на телеметријата за инженерите е речиси невидлив, па без информациите од возачот не може да се искористат лавината од податоци. Виталиј Петров, возачот на Катерам го потврдува тоа: "Јас секогаш размислувам што ќе правам на патеката уште пред да седнам во болидот. "Има огромен број на системи во компјутерот, каде што можат да бидат анализирани аеродинамиката, сопирачките, гаста, серво воланот, амортизерите, и многу други работи. Ние би можеле да потрошиме неколку часа околу тоа, но не би завршиле. Најважно е 100% да се знае што се случува со болидот на патеката. Тогаш инженерите можат да ги дадат вистинските одговори и тие можат да го приспособат подесувањето на болидот. Потоа може да се споредат добиените податоци и да се анализираат милиони нешта."
Телеметријата обезбедува транспарентност
Марк Жене, тест-возачот на Ферари и поранешен победник на Ле Ман, открива дека возачите на овој тим имаат разговори и со специјалисти за телеметрија. "Формула 1 болидот е опремен со стотици сензори кои помагаат да се најде вистинското подесување. Сензорите создаваат наплив од информации. Специјалистот за телеметрија потоа ги чека информациите на возачот, пред тој да почне да ги разгледува телеметриските податоци." Марк дава еден пример: "Ако возачот каже дека постои проблем со предната суспензија тогаш внимателно се разгледуваат податоците од сензорите на предната суспензија, ако пак возач, не каже ништо, тогаш има толку многу податоци за разгледување што би одзело премногу време додека се најде проблемот. Затоа возачот служи како филтер на податоци и на тој начин им помага на специјалистите за телеметрија да се пронајдат проблемите што побрзо."
Кога во квалификациите секоја стотинка е од големо значење и често се потребни брзи промени во подесувањето, возачот се консултира со специјалистот за телеметрија и од кокпитот на болидот. Како тоа функционира? "Во квалификациите, ние во Ферари покрај што ги следиме телевизиските снимки, имаме и директен контакт со специјалистот за телеметрија. Возачите го прашуват него за информации, на пример, за споредба со тимскиот колега. Специјалистот по телеметрија потоа или им ги дава податоците на увид на возачите, или ги испишува на посебен канал на екранот, за возачот да може да ги провери промените што ги прави специјалистот."
Тимскиот колега дава компаративни бројки
Пред се споредбата со тимскиот колега е од огромно значење за правилното подесување на болидот. Тоа за возачот е единствениот начин да види каде не го извлекува максимумот од својот болид. "Многу е важно да има споредба", вели Педро де ла Роса, кој многу години тестираше за Мекларен, а оваа 2012 сезона направи кам-бек во тимот на ХРТ. "Секогаш се споредувате со некого или со нешто. Обично графиконот без да се спореди со истиот од тимскиот колега нема никакво значење." Но, на што треба да обрне внимание возачот, кога тие ги споредуваат своите податоци со оние на тимскиот колега? "Ние секогаш ја гледаме брзината", продолжува Шпанецот. "Јас многу сакам да ја споредам силата на кочење, затоа што тоа мене ми покажува колку енергија користи мојот тимски колега, кога тој кочи напорно за да го стабилизира болидот во кривина. Исто така, транзицијата кочење/забрзување е важна затоа што тогаш знаете како најдобро да го управувате болидот во кривините."
Од минатата година, постојат уште два интересни параметри: DRS и KERS-от. "Некои возачи имаат подобра способност да ги користат овие алатки во некои кривини", па затоа Де Ла Роса секогаш ги има на ум при анализите на телеметријата. Дури и возачот на Вилијамс, Пастор Малдонадо, кој беше изненадување во Мелбурн со одличните перформанси, инсистира на телеметријата, "Ние ја гледаме брзината, аголот на управување, и многу опции. Може да го видите она што се случува во вашиот болидот, како да забрзувате, како да кочите. Можете да го видите страничното забрзување, Г-силата." Споредбата на податоците со оние на тимскиот колега за него е многу значајно: "Можете да видите каде точно губите време и каде што добивате време, исто така можете да ја видите технологијата, го користите тимскиот колега за да се подобрите Прво што гледаме, сепак е брзината, затоа што ние може да видиме што навистина се случува. "