Има ли воопшто посетители во Бахреин!!!
Постојат неколку непознати со кои тимовите ќе се соочат во викендот што следува. Патеката Шакир не е истата од последно одржаната трка во 2010, и е без дополнителниот дел, кој беше внесен само за тој настан. Ова значи дека патеката е пократка и овој распоред беше користен уште кога во Ф1 болидите се долеваше гориво, така што од аспект на стратегијата оваа година ќе биде табула раса за тимовите.
Со многу кривини една по друга и тежок болид на почетокот на трката, Бахреин е една од најтешките патеки во календарот за кочниците, со четири главни зони на сопирање со брзини над 300 км/ч. Април е месец кога во Бахреин температурите се многи високи, што ќе доведе до зголемување на трошењето на гумите. Исто така, интересен е фактот што минатата година не се одржа трката, па Пирели нема тркачко искуство на оваа патека. Но мора да напоменеме дека Пирели спроведе неколку тест сесии на патеката, но во текот на раните фази на својата програма за развој во 2011.
Патеката, се наоѓа во пустина, па од тимовите се плашат дека асфалтот ќе биде обложен со песок, кој може да го загрози нивото на грип на болидите. По доминацијата на Мекларен во Австралија, дождот во Малезија, во Кина Мерцедес АМГ беше најбрз во квалификациите, а нивното темпо во трката беше доволно силно за да победат на прилично студена патека. Заклучоците од првите три трки се дека во потопли временски услови добро се прилагодуваат Мекларен, Ред Бул и Лотус, додека постудени услови се предност за Мерцедес АМГ, Ферари и Заубер.
Од Пирели предвидуваат три застанувања во боксовите. Деградација на гумите ќе ја одлучи пит-стоп стратегијата, и најверојатно ќе биде диктирана од страна на високите температури и од начинот на кој тимовите ќе ги подесат своите болиди за да се справат со неа. Повеќе ќе страдаат задните гуми. Фаворитите за пол позицијата во Q3 ќе користат меки гуми, па така и трката ќе ја започнат на истите. Симулациите покажуваат дека разликата меѓу меките и медиум гумите ќе биде околу 0,6 секунди по круг. Меките гуми се предвидува да траат 18 круга, а медиум гумите 22 круга. Значи по се ова јас би одбрал стратегија меки-меки-медиум, но се зависи и од back-up стратегијата доколку се случат непредвидени работи, како на пример излегување на безбедносното возило. Кога го споменавме, да кажеме дека шансите за такво нешто се минимални поради големите зони за излетување на патеката Шакир. Да се надеваме на добра и интересна трка, но мислам дека Мекларен е најблиску до 1-2 Победа.
П.С.
Да се одржуваа протести како во Бахреин, во Македонија или друга балканска земја немаше шанси да се одржи трката, но кога се "доларчињата" во игра кој го интересираат човековите права :). Протестите од прва рака ги почуствуваа механичарите на Форс Индија, во инцидент кога четворица од нив се нашле фатени во насилен судир меѓу демонстрантите и полицијата, од нив на двајца им било дозволено да се вратат дома.