Најголемото прашање кое очекува разрешница овој викенд: Ќе имаме ли јак Ферари!!!
Следна трка, 5-та во годинешниот календарот, е Шпанското Гран При. Оваа сезона досега видовме четири различни Победници, а воедно и исто толку различни тимски болиди. Ова се случува за прв пат во последните 30 години. Да напоменеме дека имаме и три различни освојувачи на Пол позицијата.
Mинато годишното Гран При во Барселона беше окарактеризирано како едно од највозбудливите во сезоната, а тоа во голема мера се должеше на гумите на Пирели и различните тркачки стратегии, со интензивна битка за Победата во финалните кругови од трката помеѓу Себастијан Ветел и Луис Хамилтон. Германецот успеа да ја задржи првата позиција и забележа нова Победа.Од историјата на оваа патека може да заклучиме дека Квалификациите се од големо значење, бидејќи на десет од последните единаесет трки победува возачот што ја освоил Пол позиција, додека престигнувањата се ретки, иако со воведувањето на ДРС-системот и гумите на Пирели, минатата година имавме 90 престигнувања, а во три од претходните четири трки имаше помалку од пет престигнувања во 66 круга колку што има една трка.
Во Барселона започнува Европската турнеја, т.е. сега започнува вистинската Формула 1, и многу тимови ќе ги презентираат нивните најнови надградби на болидите, кои во голема мера се во областа околу поставеноста и текот на издувните гасови, но исто така постојат и аеродинамички новости кај повеќето болиди. Најмногу се очекува од Ферари и Форс Индија, тимови кои најавуваа дека ќе направат значајни чекори напред.
Досега од врвните возачи во Барселона победувале Фелипе Маса, Џенсон Батон, Михаел Шумахер, Фернандо Алонсо, Себастијан Ветел, Кими Раиконен и Марк Вебер. Интересен е фактот што Луис Хамилтон никогаш не победил на ова Гран При.
Временската прогноза изгледа добро до сабота со температури околу 20 степени и слаби шанси за дожд. Но за трката се прогнозираат 60% шанси за дожд, со пониски температури, така што ова би можеле да оди во корист на Мерцедес АМГ.
Изборот на Пирели за Шпанија е гуми со тврда и мека компонента. Патеката Каталуња е сурова кон гумите. На хартија разликата помеѓу меките и тврдите гуми треба да биде 0.5-0.8с. по круг во зависност од болидот. Во трката оваа разлика ќе се намали на само 0.2с. по круг. Но на оваа патека се одржуваа и пред сезонските тест сесии, а тогаш тимовите беа прилично задоволни од однесувањето на новите Пирели гуми. Нов сет од меките гуми би требало да трае до 20 круга, со тврдите помеѓу 24 и 27 круга. Оваа година, како и минатата, деградација на гумите повторно ќе бидат одлучувачка за избор на пит-стоп стратегијата, а бидејќи разликата помеѓу меките и тврдите за трката е прогнозирана на само 0.2с., тимовите нема да се обидуваат да го избегнат користењето на тврдите гуми и ова може да значи помалку застанувања во бокс од минатата година.
До сега во Барселона имало само 5 излегувања на безбедносното возило од 2003 година, а 4 од нив биле по инциденти на стартот на трката. Стартно целната рамнина во Барселона е 700 метри, и е втората најдолга во сезоната по Сепанг, Малезија. Значи целосно функционален КЕРС ќе биде од витално значење за стартот на трката. Оди во корист на Мекларен, Мерцедес, но не и за Ред Бул. Знаеме дека стартот на трката е витален за тркачката стратегија, и може да ја одведат трката во вистинска насока, или пак да ја уништат планираната стратегија...
Се надевам дека сте подготвени за СТАРТ на Шпанското ГП и може да почнеме со одбројувањето...