Покрај нови гуми на Пирели, и нови правила од ФИА!!!
Чарли Вајтинг јавно ги изнесе намерите на ФИА да направи неколку интересни промени во правилата за 2013 година.Како за почеток се планира усогласување на употребата на ДРС-от на тренинзите, квалификациите и трката. Употребата на овој системот ќе се одвива само во утврдените од ФИА зони. Промената ќе биде воведена од безбедносни причини по неколкуте инциденти заради ДРС-от досега. Се повеќе возачи се обидуваат да го користат ДРС-от премногу рано, што не е пожелно. Идејата е да се овозможи повеќе претекнувања, но во моментов доста тимови го користат за да добијат предност во квалификациите.
Следната промена е уште едно зајакнување на тестовите за предните крила. Од 2013 година наместо само во една точка, која сега се наоѓа на 790мм пред предната оска, ФИА планира да ги тестира крилата во две точки и тоа на 15см. понапред од сегашната точка и 15см. зад сегашната точка. Така наместо еден, сега ќе има два теста во оваа област. И оваа година имаше поплаки од тимови дека некои крила се пофлексибилни и веројатно тоа е една од причините за реакцијата на ФИА.
Третата промена за која Чарли Вајтинг соопштува би требало да им заштеди на стјуардите и фановите неколку часа бесмислено чекање по завршувањето на квалификациите т.е. правилото “force majeure” ќе биде отстрането од членот од правилата кој е во врска со враќањето на болидот во боксот по квалификациите на сопствен погон. Оваа година прво Мекларен, а потоа и Ред Бул го искористија ова правило, но и кај двата случаи се покажа дека едноставно немало доволно гориво во нивните болиди. Правилото најверојатно ќе гласи дека ако некој запре на патеката во неговиот болид мора да има доволно гориво за да биде земен задолжителниот примерок плус количеството потребно за враќање на болидот во боксот.
update:
Најново е дека ФИА размислува да воведе казнен систем со кој возачите ќе добиваат казнени поени, исто како кај обичните возачи, а по одреден број поени да им се забрани учество на трка. Би се казнувале само прекршоци на патеката, а секој од нив би имал различна тежина, т.е. би носел различни поени.

