Од почетоците на Абу Даби
Индиското Гран При штотуку заврши, а тимовите се упатуваат кон последната трка од Азиската Ф1 турнеја која ќе се вози во Абу Даби. На оваа патека се вози спроти стрелките на часовникот, а како и останатите дизајни на Херман Тилке, таа е комбинација на брзи правци со остри кривини. Абу Даби ГП-то е спектакуларен настан, не само поради величествените објекти и нејзината локација туку затоа што тоа е единствената трка која започнува на зајдисонце и продолжува до доцна во ноќта. Светлината е така подесена да се избегне секаква сенка или одсјај од неа на ниво на погледот на возачот. Патека е последен збор на техниката. Пирели ги избра своите медиум и меки гуми за оваа трка.На три трки пред крајот на сезоната 2012 реалните конкуренти за титулата се Себастијан Ветел и Фернандо Алонсо. Се разбира чисто математички Кими Раиконен, Марк Вебер и Луис Хамилтон се уште се во борбата. Кими веќе изјави дека оваа година титулата веќе е невозможна.
Кај тимовите, Мекларен и Ферари веројатно веќе се помирија со тоа дека нема да успеат да ја освојат титулата кај конструкторите и оваа година, бидејќи на Ред Бул му се потребни само 5 поени повеќе од Ферари или 15 повеќе од Мекларен во Абу Даби за да ја запечатат третата последователна титула кај конструкторите. Поинтересна е битката за второто место, а од двата тима (Мекларен и Ферари) објавија дека ќе имаат подобрувања на болидите за трката во Абу Даби.
Сите очекуваме интересна трка, но ако продолжи супер формата на Ред Бул, најверојатно нема да добиеме такво нешто. Во тој случај ќе уживаме во убавините на покрај патеката. Yas хотелот е одамна пополнет, па ако немате резервација сега веќе е доцна. Трката е во недела во "нормално" време за нас т.е. 14:00 CET.