Петтата трка од оваа сезона е Шпанското Гран При кое ќе се одржи на патеката Каталуња во Барселона, и таа е првата од седумте европски трки кои ќе го одбележат најинтересниот период во шампионатот, кога сигурно ќе ги дефинираме тимовите кои ќе атакуваат на титулите, а од друга страна ќе ги добиеме тимовите кои ќе ги насочат своите потенцијали целосно кон развојот на 2014 болидите. Ова е местото каде што сите ќе ги донесат нивните големи надградби.
Себастијан Ветел и Ред Бул, доаѓаат во Шпанија како лидери во генералниот пласман на возачи и конструктори. Патеката Каталуња се смета како прва "нормална" патека на сезоната, и често обезбедува солидни показатели за целокупните перформанси на болидите, а и традицијата вели дека од 22 досегашни победници, во 16 наврати тимот што бил Победник на крај ја освојувал и Титулата во Шампионатот.
Тимот кој што е лидер, Ред Бул, се надева да биде уште побрз, за да го контролира своето водство, а другите кои се малку зад нив, како Лотус, Ферари и Мерцедес АМГ, ќе се надеваат дека нивните надградби ќе ја анулираат разликата до водечките. Мекларен е тимот кој ќе донесе најмногу надградби тука во Шпанија, од кои ќе зависи цела нивна сезона. И помалите тимови имаат свои калкулации и надежи за подобрување на својата форма.
Од аспект на возачи, сезоната започна возбудливо. Со три различни победници во четирите трки кои веќе се одржаа, Себастијан Ветел се издвои на врвот со двете победи во Малезија и Бахреин, следува Кими Раиконен, кој заостанува 10 поени, потоа Луис Хамилтон, 27 поени, и Фернандо Алонсо со заостанување од 30 поени. Голем број на возачи имаат шанса за победа или пласман на подиумот, потврда на тоа е минатогодишната Победа на аустајдерот Пастор Малдонадо.
Згора на тоа, ќе биде интересно да се види стартниот поредок на патеката, со оглед на тоа што е многу променет од минатата сезона, со Луис Хамилтон во Мерцедес АМГ, Серџо Перез во Мекларен, Нико Хулкенберг во Заубер, Чарлс Пик во Катерам и враќањето на Адријан Сутил во Форс Индија, и дебитантите за оваа година Естебан Гутиерез во Заубер, Валтери Ботас во Вилијамс, Гидо ван дер Гард во Катерам и Жил Бјанки со Макс Чилтон во Марусија. Дополнителна атракција за локалните фанови ќе бидат тест возачите на Ферари, Каталонците, Педро де ла Роса и Марк Гене, кои за прв пат работат заедно со Фернандо Алонсо, во годината во која Шпанецот се обидува да се изедначи со 3 светски шампионски титули со Себастијан Ветел.
Со своите 730 метри, правецот од стартната линија до првата кривина во Барселона е најдолг во целата сезона. Самата патека е мешавина од средни и брзи кривини, копмлекс од кривини кои се поминува со мала брзина и долги правци. Конструкцијата на кривините не е особено погодна за претекнување, дури и со ДРС-системот. На изминатите две Шпански трки со помош и на ДРС видовме 57 во 2012 и 83 претекнувања во 2011. Во 2011 имаше 75 пит-стопа и 65 во 2012 година т.е вкупно 140 застанувања во боксовите што е повеќе отколку во претходните четири години заедно - 130.
Клучот за брз круг во Барселона е во наоѓањето на вистинскиот компромис меѓу аеродинамичкиот и механички грип, а фактор за подесувањето на болидот кој ќе има важно влијание е и ветерот кој во Барселона многу често ја менува својата насока. Победник на девет од последните 10 трки на оваа патеката е возачот кој ја освоил Пол позицијата. Минатата година не беше исклучок, што подразбира дека квалификациите ќе бидат од клучно значење.
Мало потсетување, Пирели за Шпанското ГП ги носи портокаловите тврди и белите медиум гуми. Тврдите гуми се модифицирани и поблиски до гумите од 2012 година, со цел создавање на уште повеќе можности за стратегија. Сите други гуми остануваат непроменети. Новина е што на патеката Каталуња, тимовите ќе имаат дополнителен сет на прототип тврди гуми, наменети за слободните тренинзи. Тие се воведуваат за да се охрабрат сите тимови да бидат поактивни на патеката во текот на слободните тренинзи, наместо да се одлучуваат да ги чуваат гумите за остатокот од тркачкиот викенд. Овие гуми нема да бидат исти со P Zero портокаловите тврди гуми кои ќе се користат за остатокот од викендот, туку тие се специјално создадени, со акцент на издржливоста, така што тимовите да ги користат што е можно подолго. Да се разликуваат од останатите гуми, тие нема да имаат никакви ознаки.
2013 ШПАНИЈА ГП - СТАРТ НА ЕВРОПСКИОТ ДЕЛ ОД СЕЗОНАТА
5/09/2013 03:40:00 PM
0
Share to other apps