На стартот видовме како двата болиди на Ред Бул, пред првата кривина пролетуваат покрај Мерцедесот на Луис Хамилтон, кој не беше во можност да ги задржи зад себе. Со тоа неговата стратегија за победа веднаш изчезна. Како што се предвидуваше сите што стартуваа на меките гуми, мораше да направат рана промена на гумите, па Ветел влезе во боксот во 7 круг, а Вебер еден круг подоцна. На Австралијанецот тогаш му беше компромитирана трката од како неговото десно задно тркало не беше правилно монтирано на неговиот болид. Тркалото се одвои и го погоди камерманот на ФОМ, кој заработил модринки, и во свесна состојба бил однесен во најблиската болница на превентивни прегледи и мониторинг. Кога Вебер се врати на патеката заостануваше еден круг.
Грожан беше ѕвездата на првиот стинт, бидејќи успеа да комплетира 13 круга на меки гуми, речиси исто колку што извозе и Алонсо на медиум гумите, па стретегијата на Ферари не се покажа баш најдобра во пракса, а тоа му овозможи да дојде до второто место пред Хамилтон и тимскиот колега Раиконен, кои влегоа во боксовите порано. Французинот по промената на гуми и брзото поминување на Хамилтон, почна да го стигнува Ветел, а неговиот тимски колега, Кими Раиконен остана заглавен зад Хамилтон, кој беше задржан без потреба од страна на неговиот тимски колега, Нико Розберг, кој беше на различна стратегија. Меѓутоа, при топло време се потенцира деградацијата на гумите од која страдаат болидите на Мерцедес, па наскоро Хамилтон не беше во можност повеќе да се спротивстува на Раиконен, кој го помина во 18 круг. Тогаш Финецот почна да го брка водечкото дуо зад кое заостануваше околу 10 секунди.
Следуваше излегување на безбедносното возило, кога болидот на Жил Бјанки, кој беше паркиран покрај патеката, поради откажување на моторот,почна неконтролирано да се движи надолу по патеката. Најголеми добитници беа Кими Раиконен кој се доближи до водечките, и Марк Вебер кој веќе стигна до седмото место. Безбедносното возило ја напушти патеката во 29 круг, оставајќи им половина од трката за Грожан и Раиконен да се обидат да го поминат Ветел. Во оваа фаза водечкиот имаше проблеми со КЕРС-от, но иако Грожан се доближи на една секунда, беше очигледно дека нема да можат да го поминат на патеката.
Започна борба на стратегии, па Грожан беше повикан порано од што треба во боксот за промена на гуми. Од тимот на Ред Бул, веднаш реагираа и круг подоцна Ветел влезе во боксот. Кими Раиконен и неговиот тркачки инженер размислувале за две можности, да се обидат да стигнат до крајот од трката со истите гуми, што ќе беше ризичен стинт од 36 круга(според мене невозможен) или со свежи меки гуми да атакуваат на Победата. Од тимот се определија за втората опција и Раиконен на десет круга(можеби неколку круга задоцнето) до крајот се префрли на меките гуми.
Тој се врати на третото место, зад Грожан, а околу четири секунди зад Ветел. На Грожан му беше речено да го пропушти Раиконен, кој со нови гуми има повеќе шанси да го нападне водечкиот. Французинот "послуша" на пет круга до крајот, но Раиконен влезе под една секунда дури во последниот круг, така да мораше да се задоволи со второто место зад Ветел. По завршувањето на трката, тимскиот шеф на Лотус изјави дека повеќе се чувствува како да беше "првото место изгубено", наместо второто место стекнато и дека неговиот тим го имал најбрзиот болид во трката. Исто така, Грожан беа нападнат од Алонсо на крајот од трката, кој имаше многу слична стратегија на Раиконен, но не беше во можност да се избори за место на подиумот.
Со овој резултат Себастијан Ветел го зголеми своето водство во шампионатот на 34 поени пред последната трка пред паузата, која ќе се вози за три недели во Унгарија.
ГЕРМАНИЈА ГРАН ПРИ, НИРБУРГРИНГ
60 круга, 306.458км., Време: Сончево.
ПЛАСМАН:
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ
1. Себастијан Ветел Ред Бул 1ч45:16.000
2. Кими Раиконен Лотус + 1.000
3. Роман Грожан Лотус + 5.800
4. Фернандо Алонсо Ферари + 7.700
5. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ + 26.900
6. Џенсон Батон Мекларен + 27.900
7. Марк Вебер Ред Бул + 37.500
8. Серџо Перез Мекларен + 38.300
9. Нико Розберг Мерцедес АМГ + 46.800
10. Нико Хулкенберг Заубер + 49.800
11. Пол Ди Реста Форс Индија + 53.700
12. Даниел Рикардо Торо Росо + 56.900
13. Адриан Сутил Форс Индија + 57.700
14. Естебан Гутиерез Заубер + 1:00.100
15. Пастор Малдонадо Вилијамс + 1:01.900
16. Валтери Ботас Вилијамс + 1 круг
17. Чарлс Пик Катерам + 1 круг
18. Гидо ван дер Гард Катерам + 1 круг
19. Макс Чилтон Марусија + 1 круг
Најбрз Круг: Кими Раиконен - 1:34.157
БЕЗ ПЛАСМАН:
ВОЗАЧ ТИМ При круг
Фелипе Маса Ферари 9
Жил Бјанки Марусија 21
Жан-Ерик Верн Торо Росо 22
Генерален пласман по 9 поминати трки:
Возачи: Конструктори:
1. С.Ветел 157 1. Ред Бул 250
2. Ф.Алонсо 123 2. Мерцедес АМГ 181
3. К.Раиконен 118 3. Ферари 180
4. Л.Хамилтон 97 4. Лотус 159
5. М.Вебер 93 5. Форс Индија 59
6. Н.Розберг 84 6. Мекларен 49
7. Ф.Маса 57 7. Торо Росо 24
8. Р.Грожан 41 8. Заубер 7
9. П.Ди Реста 36
10. Џ.Батон 33
11. А.Сутил 23
12. С.Перез 16
13. Ж.Верн 13
14. Д.Рикардо 11
15. Н.Хулкенберг 7