Финансиската криза во Заубер Ф1 почна да излегува во јавност. Швајцарскиот Handeslzeitung известува дека повеќе неисплатени добавувачи на тимот од Хинвил, поднесле барања за присилна наплата на нивните побарувања, во вкупна вредност од речиси 1.000.000 евра.
Се истакнува дека добавувачите чекале неколку месеци за нивните фактури да се платат, пред поднесување на тужби против Заубер кај официјалниот Швајцарски регистар на должници - Betreibungsregister.
Заубер, исто така, должи пари и на снабдувачот со мотори, Ферари, а се шпекулира дека имаат потреба од дополнителни 30.000.000 долари во буџетот за 2013 сезоната, кои треба да бидат набавени што побрзо.
"Ние сме во контакт со нашите добавувачи и вложуваме максимални напори да се излезе од оваа ситуација што е можно побрзо." - вели основачот на овој тим Питер Заубер.
Гласините се дека тимот на Заубер е во преговори со финансиски спасител од Русија, но и дека се преговара за спој со меѓународен производител на автомобили од Азија. Тешки денови за Заубер Ф1, но и за речиси сите помали Ф1 тимови.
Но, тешката ситуација нема да ги спречи да учествуваат на три-дневната тест сесија во Силвертоун, каде ќе ги тестираат најновите гуми на Пирели, како и новите надградби на C32, за претстојното Унгарско Гран При.
За овој тим ќе тестираат Робин Фрајнс, Нико Хулкенберг и Кимија Сато, кој за прв пат ќе вози Формула 1 болид, и ќе настапи во петокот.
Овој 24-годишен Јапонски возач носи искуство од сериите како Формула БМВ, Јапонската и Германската Формула 3, како и Формула 3 Еуро серијата. Тој во моментов води во 2013 Шампионатот на АУТО ГП серијата.
* Сите коментари се прегледуваат пред да се објават.