На денешен ден пред точно 65 години, Ферари, започна да ја пишува својата историја во врвниот мотоспорт, забележувајќи ја својата Прва Победа во Формула 1.
КАДЕ?
Победата беше забележана на патеката Силверстоун, која има значајно место во историјата на Формула 1. Првично, патеката била аеродром кој бил база на бомбардерите на РАФ за време на Втората светска војна. По завршувањето на војната Англија имала бројни аеродроми, но ниту една соодветна тркачка патека. Од повеќето аеродроми кои можело да се пренаменат во тркачка арена, бил избран Силверстоун, аеродром кој стана формална тркачка патека во 1947 година. Современата Формула 1 дојде на Силверстоун во Мај 1950 година, а патеката беше 4,649 км долга и Ф1 трките имаа над 90 круга, со поминато растојание од 418,421 км. Денес Силверстоун е 5.141 км. долга и Ф1 трката има 60 круга. Најбрзиот круг го држи Михаел Шумахер во F2004 со 1.18:739. Ферари, исто така, го држи рекордот на најмногу победи, 13, на оваа патека.
КОГА?
Британското Гран При се одржувало во средината на јули во 1951 година. Возачите кои го сочинувале тимот на Ферари беа Аскари, Вилорези и Гонзалес. Од 1951 тркачкиот алманах, во поглавјето "Прв тренинг", кој е еквивалент на денешниот прв слободен тренинг што се одржува во петок, одржан на 12-ти Јули 1951, е запишано најбрзото време на Хозе Гонзалес од 1.43:4, пред Фанџо и Фарина со Алфа Ромео.
Во саботата на квалификациите Алфите биле пред Ферари и најбрзиот круг бил поставен од Хуан Мануел Фанџо. На стартот на првиот ред биле Аскари - Ферари, Фарина - Алфа Ромео, Фанџо - Алфа Ромео и Гонзалес - Ферари.
Трката се одржала на 14 Јули. На почетокот Бонето го презел водството со старт од вториот ред, а по завршување на првиот круг поредокот бил Бонето, Гонзалес, Фарина, Аскари, Фанџо и Вилорези. Веќе во вториот круг Гонзалес успева да го престигне Бонето и се одржува на првото место до 9 круг, за да го предаде водечкото место на Фанџо. Гонзалес повторно се враќа на врвот во 40 круг, за да во 50 круг тој создаде пристојна предност во однос на Фанџо од 1м14сек. пред Аскари, Фарина. Тоа му овозможи на Гонзалес мирен пит-стоп во 60 круг кога влегува да го наполни со бензин својот болид (Пит-стопот траел 15 секунди). Повторно се враќа на патеката на првото место со 56 секунди пред Фанџо. На крај ја завршува трката со предност од 80 секунди.
Првата Победа за Ферари во Ф1 беше симболичен чекор напред за тимот од Маранело пред нивниот голем ривал Алфа Ромео, каде Енцо Ферари работел 20 години. Енцо Ферари ја примил веста на телефонот многу подоцна, додека тој бил во неговата канцеларија, а следниот ден Претседателот на Алфа Ромео испратил телеграма со честитки, која го направила Ферари уште повеќе горд на победата постигната во Силверстоун.
КОЈ?
Хозе Гонзалес е роден во Аргентина, на 5 Октомври 1922 година, и бил близок пријател и конкурент на еден од своите сонародници и еден од најпознатите возачи на сите времиња, Хуан Мануел Фанџо. Од своите Англиски фанови го добил прекарот The Pampas Bull, поради екстремниот стил на возење и El Cabezón, од своите најблиски колеги. За трката во Силверстоун тој изјавил:
"Го презедов водството, но Хуан ме стигаше кога неговиот болид стана полесен со помалку гориво. Во одреден момент тој да ја намали разликата и успеа да ме престигне. Јас се уште се сеќавам кога се погледнавме на главниот правец кога ме престигнуваше. Неговата предност повторно исчезна при првиот пит-стоп, кога неговиот болид повторно стана тежок по полнењето со гориво. Од тој момент имав многу добра предност. Имавме уште еден возбудлив момент, кога запрев за полнење гориво, па помислив дека Аскари може да ме престигне, но италијанскиот возач веќе се имаше повлечено од трката. Кога застанав во боксот, Аскари ја стави раката на моето рамо и ми рече да продолжам понатака. Така ја имав таа чест да Победам на првата трка од шампионатот за Ферари."
БОЛИД: 375 Ф1
По скромниот успех со 125 Ф1 болидот, во Ферари се одлучуваат да се префрлат на атмосферски 4.5 литарски мотори за натпревар во Ф1 Шампионатот. Аурелио Ламперди го заменува Џоакино Коломбо како технички директор, а Енцо Ферари наредува да се развие целосно нов V12 мотор за трки. Ферари ја постигна целта за 4.5 литарски мотор со 375 Ф1, кој го имаше своето деби во Монца на 3 септември, 1950 година. Неговата "послушност" му го донесе второто место на Аскари во таа деби трка. Серијата на модификации за 1951 сезоната, конечно му овозможи на Ферари да стави крај на доминацијата на Алфа Ромео во Формула 1, и ја зацементира основата на која Тимот од Маранело се изгради како еден од најдобрите Формула 1 тимови на сите времиња.
* Сите коментари се прегледуваат пред да се објават.