Казната за Фелипе Маса на Бразилското ГП поради кршење на границите на патеката уште еднаш го потенцираше несмасниот начин на изрекување казни од страна на ФИА во врска со сомнителните инциденти. Прво, мора да знаеме дека во однос на стриктно почитување на правилата, казната на Маса беше оправдана. Но, во Ферари негодуваат поради селективната и непромислена употреба на правило т.е. појаснување кое било донесено на еден час пред почетокот на трката.
Првично на темата било разговарано на брифинг со возачите на почетокот на викендот. ФИА, претставена од Чарли Вајтинг, изразила страв дека може да настане потенцијален судир помеѓу болид што доаѓа во полна брзина и друг кој се враќа во боксот. Возачите биле замолени да ги почитуваат белите линии при влез во боксот.
Но, потоа пред стартот на Бразилското ГП, Ф1 тимовите добиле појаснување од Чарли Вајтинг за границите на патеката, поткрепено со две фотографии. Белата линија за влез во боксовите е поделена на два дела, од А до Б, и Ц до Д. Растојанието од Ц до Д се смета за граница на патеката и во никој случај возачот не смее да помине надвор од неа со сите четири тркала на својот болид, бидејќи, во спротивно, тоа ќе се смета за излегување надвор од границите на патеката без оправдани причини. Вака на фотографии лесно може да се забележи, но возачите имаат помала шанса да ја гледаат кога се тркаат во болидот при полна брзина.
Фелипе Маса, по завршувањето на трката, и самиот призна дека, најверојатно го прекршил правилото: "Се разбира, јас ја преминаv линијата неколку пати, но сигруно не бев единствениот болид што го направи тоа. Тие(ФИА) измислиле правило пред почетокот на трката. Ако беше неопходно да ме казнат, тогаш тоа требаше да го направат и со сите други возачи."
Доменикали околу казната изјави: "Да, добивме предупредување, но казната беше претерана. Немаше ништо поврзано со безбедноста и бенефиции. Во многу случаи не се почитуваат граници на патеката, сепак, не беа донесени одлуки за казни. Оваа казна беше со катастрофални последици по Фелипе. Ова е прв пат да го направат ова на Интерлагос. Тимовите беа информирани за ова еден час пред стартот од страна на Чарли Вајтинг. Еден час! Ова значи дека возачите веќе наголемо се подготвуваат за заминување на патеката. Сето ова создаде конфузија кај Маса и останатите по ова измислено во последен момент правило."
Возачите на Ферари, неколку пати биле пријавувани од страна на возачите на Мерцедес АМГ, кои се пожалиле на својот шеф Рос Браун, за начинот на поминување на белата линија. Од Мерцедес АМГ признаваат дека откако не можеле да ги поминат болидите на Ферари, биле принудени да размислуваат и на тема - траекторија на движење на болидите.
Од Ферари, велат, да пријавите ваква ситуација е малку смешно, имало случаи на многу излегувања надвор од патеката за време на трките, но, практиката обично беше да не се изрекуваат казни во случаи кога нема безбедносни ризици или стекнување реална предност кон конкурентниот болид.
Секако дека, Чарли Вајтинг и стјуардите, оваа сезона се покажаа како слаби аналитичари на состојбата на патеката, предизвикувајќи збунетост и влијание врз резултатите од трката. Стјуардите ќе останат запамтени по многуте лоши одлуки, кои се надеваме дека нема да ги прават во следната 2014 сезона. Техничките и Спортските правила содржат многу страници, нека додадат уште неколку и нека бидат дефинирани како треба сите нормативи за тоа што е дозволиво, а што казниво.
Шансата за тоа ја имаат следната недела кога во Париз, од 2-6 Декември, се одржува годишното генерално собрание на ФИА. Меѓу другите точки во програмата се и состанок на стјуардите, нo и советот за Мотоспорт на ФИА.
2013 БРАЗИЛ ГП: ШТО ИМ ЗГРЕШИ ФЕЛИПЕ НА ФИА ЗА ДА БИДЕ КАЗНЕТ?!?
11/26/2013 06:57:00 PM
0
Share to other apps